Инфраструктурни проблеми во прилепското село Штавица

Повеќе домаќинства во прилепското село Штавица се без вода, но не ги знаат причините зошто водоводот што неодамна беше пуштен не функционира. Селото не е доволно осветлено, а нема ниту патишта. Често немаат струја, ниту продавница за набавка на основни намирници, ниту школо за децата.
Седумдесет и двегодишната Донка Јолеска од прилепското село Штавица секој ден станува рано и со пластични шишиња и канти во рацете заминува да моли капка вода во други две-три куќи во селото, каде постојано има вода. Вели животот и е мачен и тежок. Во лето и да се врати два-пати три пати по вода се издржува, но во зима кога студи, рацете и смрзнуваат додека се полнат шишињата за да замие некоја чинија, да зготви со чиста вода, да ги измие садовите.
Овде во Штавица ние живееме мизерно. Вода навистина работеа и рекоа дека е донесена, вистина ја пушти градоначалникот за 21 септември, што се вели ја скина лентата и рече „вода имате„.Вода имаат само три куќи, повеќе вода нема. Инаку живееме овде 80-жители, катастрофа е

„Чешма ставивме, вода нема, дали некој ја кине, само три куќи има, еве ја, од каде ќе залееме вака, дали за пиење, дали за јадење, дали за перење...што не сака куќа вода..тешко ние, тешко и тоа старите останавме...ако има ќе дојдеме, ако не ќе си штедиш со оваа, со едно шише јадење, со едно шише, кога ќе има ќе запериме“, се жали Јолеска.

И нејзината комшивка, седумдесетгодишната Катерина Ризоска вели не знае кој крај да го фати без вода, во селска куќа. Таа тврди дека некогаш и по два дена немаат капка вода. Но, и кога ќе протече чешмата, нема доволен притисок.

„Еве вака во овие тубињава, во кантињата чиниме собери вода, па да има и за утре. Кога нема, ништо, ќе стојат ваганите не миени.“

Домаќинките со гнев зборуваат додека раскажуваат како ја перат облеката во зима, во реката, додека со пиралките кои си ги чуваат од бабите, удираат врз алиштата, за да бидат што почисти, зашто и тие што имаат машини за перење, не можат да ги вклучат без вода. Бидејќи живеат во крајно тешки услови, тие стравуваат од појава на инфекции, особено кај децата. И мажите кои ги затекнавме во Штавица се револтирани зашто водовод имаат, но вода немаат во селото.

„Овде во Штавица ние живееме мизерно. Вода навистина работеа и рекоа дека е донесена, вистина ја пушти градоначалникот за 21 септември, што се вели ја скина лентата и рече „вода имате“. Вода имаат само три куќи, повеќе вода нема. Инаку живееме овде 80-жители, катастрофа е“, вели Дице Трајковски, жител на Штавица.

Но, од прилепското јавно претпријатие „Водовод и канализација“го тврдат спротивното.

„Во 2009-та година со помош на Локалната самуправа, доведени се дополнителни количества вода од превојот Слива,1,7 км донесена е линија и во овој момент, ние тврдиме дека водовот во Штавица нормално фунцкионира, значи од 21 септември 2009 година“, истакнува директорот Сашо Николоски.

Освен тоа штавичани и забележуваат на локалната самоуправа и државата и тврдат заборавени се од сите институции. Живеат во калливо, сиво секојдневие. Кога врне, патиштата низ селото со денови се преполни со кал, па децата маки мачат да стигнат до автобуската постојка. Селото не е доволно осветлено. Често немаат струја, нема ниту продавница за набавка на основни намирници, ниту школо за децата. Само 40-тината куќи расфрлени на малите ритчиња и штали за добитокот. Во Штавица никој не е вработен, сите живеат од земјоделство. Ова село чии автентични мотиви се дел од неколкуте филмови на Милчо Манчески го нарекуваат „Мал Холивуд“, но во Штавица времето запрело пред повеќе од 100 години.