Задолжените општини ја кочат децентрализацијата

Битола

Долговите на помалите општини го кочат процесот на децентрализација на поголемите општини, бидејќи е предвидено децентрализацијата да се спроведува во пакет, вели битолскиот градоначалник Владимир Талески. Тој посочува дека мора да се најде начин за деблокирање на општините.
Големите долгови со кои мака мачат помалите општини го кочат процесот на децентрализација на поголемите општини кои немаат финансиски проблеми, вели битолскиот градоначалник Владимир Талески. Таков е случајот со општина Битола, која пред неколку години успеа да го расчисти долгот наследен од претходните градски власти, меѓу првите ја започна втората фаза, односно фискалната децентрализацијата, но и по две години не може да ја спроведе до крај. Назад ја влече стагнацијата на другите општини зашто предвидено е децентрализацијата да се спроведува во пакет.
Многу други помали општини имаат големи долгови, голем број од тие општини се уште не се во втората фаза односно во фискалната децентрализација. Ресен е во долг од околу 100 милиони денари, Демир Хисар околу 40 милиони денари. Фискалната децентрализација беше предвидена во пакет


„Многу други помали општини имаат големи долгови, голем број од тие општини се уште не се во втората фаза односно во фискалната децентрализација. Ресен е во долг од околу 100 милиони денари, Демир Хисар околу 40 милиони денари. Фискалната децентрализација беше предвидена во пакет. Тоа е проблемот, многу е тешко да се одделат едни општини од другите и да одат понатаму зашто другите во паќетот стагнираат“, вели Талески.

Според него, неопходно е да се најде начин за деблокирање на општините за нивно понатамошно нормално функционирање. Но досега, такво решение не е најдено, иако се разгледуваат различни варијанти. Во надлежност на Битола веќе се вратени градинките, училиштата, противпожарната единица. Доставиле барање да им се вратат ингеренциите и врз објектите од културата, спортот и касарната. Со цел, привлекување на инвестиции во иднина урбанистички измени на плановите ќе траат само неколку месеци.

„Ако досега требаше измена на генерален план и потоа измена на деталниот урбанистички план ни помалку, ни повеќе за тоа требаа четири години. Секој инвеститор би се тргнал кога ќе види дека тоа е невозможно во следните четири години да го направи. Сега тоа е скратено“, додава Талески.
Големите инвестиции се поврзани со политичкиот амбиент. Се уште се чека земјата да влезе во НАТО


Според него, општината има доволно средства за реализација на предвидената програма, а недостигот на големи инвестиции го правда со закочениот процес на НАТО и евроинтеграцијата.

„Големите инвестиции се поврзани со политичкиот амбиент. Се уште се чека земјата да влези во НАТО и едноставно амбиентот, кој значи опкружување на нашата земја треба да биде побезбеден за инвеститорот. И вие да сте инвеститор тешко ќе инвестирате во земја каде се уште имате дилеми дали е тоа безбедно подрачје или можеби не е“, вели градоначалникот.