Достапни линкови

(Не)успешна децентрализација?


И граѓаните, но и самите градоначалници признаваат дека процесот на децентрализација во Македонија се соочува со низа проблеми. За општините главен проблем е недостатокот од финансии, во зависност од тоа на која политичка опција и припаѓаат меѓусебно се обвинуваат и за работење единствено во интерес на Владата, а граѓаните и натаму чекаат поквалитетен живот.

,,Патот масовно е на цело село. Да се изгради асфалтот, да се изгради патот што не спојува горе со регионалниот пат."

Ова е една од најгледаните видеа кои се вратат на интернет. Овој жител бара од својата општина да асфалтира пат за да им ја олесни комуникацијата на жителите со околните села. Но со вакви проблеми не се соочуваат само жителите на руралните населби, туку и жителите на градските средини. Септички јами во близина на центарот на Скопје, населби без канализација, неасфалтирни улици или улици со многу дупки, неосветлени патишта, распаднати тротоари, заглавени документи за сопственост на имот во општински канцеларии. Ова се дел од проблемите кои очекуваат граѓаните да им ги реши општината во која живеат. Граѓаните се жалат дека општините се за некого мајка а за некого маќеа и не очекуваат решение на секојдневните проблеми.

,,Волкот му е дебел вратот, затоа што не чека од општина ништо."

,,Што дека ќе пополнат некои дупки на патот, па божем нешто ќе направат. Ништо не прават, тоа е тоа."

,,Немаме одвод, немаме тротоари, улиците не ги чистат редовно."

,,Законите ги носат од големите градови, така да во Кратово неможат да ги исполнат условите што се даваат."

Жителите на населбата Припор се жалат дека веќе 6 години сами си ги чистат септичките јами затоа што немаат канализација.Тие велат дека веќе неколку години уредно си ги плаќаат комуналиите ,но канализација сеуште не им е поставена.

,,Значи во мојата општина, конкретно во Кисела Вода има одредени делови од нејзе кои личат на слепо црево, значи комплетно отфрлени кои воопшто не се урбанизирани. Се плаќаат комуналии, се плаќаат струја, вода, значи се се плаќа редовно, но досега ништо не е инвестирано во нив. Немаме одвод, општи инфраструктурни работи ги немаме."

Луѓето се жалат дека на градоначалниците им текнува на своите сожители само за време на избори.

,,Во изминативе осум години до сега, од двајцата градоначалници не посети само еден од нив. Едниот воопшто не беше, не знае дека ние сме негови жители и сограѓани, а другиот беше само еднаш пред изборите. Значи ,,немаат мрднато со прст", ниту една метла не е удрена низ улиците."

Освен комунални проблеми граѓаните се жалат и на адмимнистративни проблеми во општините. Влатко Цветковски со месеци чека документ од општината со кој ќе може да добие го користи имотот на неговиот дедо.

,,Сега според новиот урбанистички план, како што видов на изложено, нацртан е некој друг објект, од пред шест месеци наводно е во функција планот, а јас еве сеуште неможам да извадам ниту извод од ДУП. Се јавувам секоја недела и постојано ми викаат, од следната недела и така шест месеци. Тоа е тоа."

Градоначаниците постојат заради граѓаните и работат за нивно добро- граѓаните не постојат заради грдаоначалниците и не работат за нив, ова е едно од основните начелата на Етичкиот кодекс на локалните функционери. 40-тина општини се обврзаа да работат според овој кодекс и да ги исполнуваат барањата на граѓаните. Нивните задачи според законот за локална самоуправа се да се грижат за социјалните права на децата, за градинките, за основање, финансирање и администрирање на основните и средните училиште, за управување на здравствени организации, за снабдување со вода на населението, за канализацвијата, за заштита на животната средина , за економскиот развој на општината и за издавање на дозволи за градба. Но, дел од градоначалниците и експертите велат дека не можат да ги исполнуваат своите обврски во целост затоа што немаат доволно пари. Градоначалникот на општината Арачиново, Басти Бајрами вели дека неможат да ги решат ниту најосновите проблеми со образованието.

,,2 300 деца учат во три смени, па да не зборуваме за канализација, за водовот, за градинки. Ние во општина Арачиново незнаеме што е градинка."

Бајрами смета дека децентрализацијата не функционира и дека централната власт нема слух за проблемите на локалната самоуправа.

,,Со буџетот за 2010 година воопшто не се гледало да се помага за општините, туку буџетот повеќе се делело за лифтови до Водно за 500 милиони денари, бекатонски калдрми да се менуваат, за скулптури и незнам што друго, а ние општните сме оставени на милост и немилост."

Потпретседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Иџет Мемети вели дека децентализацијата се одвива малку побавно од очекувањата на општините, но сепак планираат дека процесот ќе заврши до 2011. Причината за таквото одвидање на процесот ја гледа во поголемите очекувања од можностите за исполнување. Мемети вели дека останува да се решат уште неколку проблеми.

,,И останува значи да се реши проблемот со неколку општини кои што имаат блокирани сметки, заради задолженоста што ја имаат во минатото."

Експертите велат дека македонските општини се најсиромашни во регионот. Според податоците на Заедницата за единици на локална самоуправа македонските општини во просек имаат по 65 евра приход по жител, пред нив се бугарските кои имаат двојно повеќе. Словенечките и хрватските се најбогати со речиси 10 пати повеќе приходи односно со 500 евра приход по жител. Општините се финансираат од буџетот и од даноците кои се должни да ги плаќаат граѓаните. Поранешниот претседател на Заедницата на единици на локалната самоуправа Горан Ангелов вели дека економскат криза остави свој печат и врз општините.

,,Имаме намалена градба, значи намалени инвестиции, но имаме сериозни проблеми и со наплатата на даноците, бидејќи куповната моќ на граѓаните е намалена, се разбира дека даночните обврски кои што ги имаат и кои што треба да ги платат према општините, граѓаните ги одлагаат или ненавремено ги плаќаат."

Градоначалникот на општината Карпош Стевче Јакимовски вели дека проблем кој создава главоболки во потрагата по инвестициите е сопственост на државниот имот кој треба да им се нуди на инвеститорите за локален развој. Јакимовски вели дека освен што можат само да си цртаат урбанистички планови и друго и не можат да направат за привлекување на инвеститори.

,,Продажбата на земјиштето и сите тие работи, се во рацете на централната власт. Ќе ви дадам еден пример, ние имаме цела населба предвидено позади Зајчев рид каде што треба да живеат неколку илјади жители, еве година и пол како е донесен ДУП, а ние немаме инвестиции."

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски пак смета дека клучот за привлекување на инвеститори е носење на детални урбанистички планови во кои се нудат интерсни содржини. Но и оваа општина се среќава со проблем на сопственоста на имот .

,,Како и сите други општини понекогаш се соочуваме со проблеми од имотно правен карактер, доколку на одредени парцели кои што ги имаме се појави некоја денационализација и ред други работи."

Освен градоначалниците и граѓаните, на проблеми се жалат и советниците на општините. Дел од нив се задоволни од соработката со централната власт, но има и незадоволни. Граѓаните се жалат дека советниците и градоначалниците повеќе се грижат за партиите кои ги претставуваат одошто за жителите во општините.

,,Денеска со знамето напред, со челото напред, тоа е се. Општиние кога прифатија еден закон за јавна чистота, а каде што немате каде да го паркирате своето возило, да го оставите сметот."

Советникот во општината Ѓорче Петров, Горан Симоновски вели дека мнозинството во
Советите, секогаш ги подржуваат директивите на Владата.

,,На градоначалниците како да им е страв да побараат поддршка од централната власт за проекти кои што се од огромно значење за локалното население и на тој начин се остава Владата сама да одлучи за проекти кои што ќе ги поддржи и кои градоначалници ќе ги поддржи, не водејќи сметка за приоритеот на проектот, издржаноста итн."

Советникот на општината Скопје од владеачката партија ВМРО ДПМНЕ, Александар Бичиклиски вели дека политичките препукувања на локално ниво претставуваат фолклор. За него поголем проблем се општините кои не ги почитуваат законите.

,,Општината Охрид например е најзадолжената општина во Македонија, а истата таа општина изминатата година купи пет или шест луксузни возила кои што воопшто не се потребни за потребите за истата."

Советничката на општина Скопје од опозицикста партија СДСМ , Софија Куновска обвинува дека секојдневно се соочуват со порачки од централната власт.

,,Подолг период се занимаваме со комуналиите за проектите на Владата, покрај сите укажувања дека градот Скопје не треба да се откажува од средствата за уредување на градежно земјиште и дека треба сите субјекти во оваа држава да бидат исти пред законите, ние повторно имаме ,,две точки" кои што значат ослободување од комуналии и тоа се сериозни суми за кои што граѓаните на Скопје се оштетени за да ги искористат за цели кои што сметаат дека се приоритетни."

Мемети вели дека за соработката на локалната со централната власт е подобрена иако има уште простор за повеќе комуникација.

,,Со посебен осврт, подобра основа за финансирање, односно да се измени законот за финансирање на општините, бидејќи ние може да имаме добар контакт со Влада, но ако не се преземат чекори во оваа област значи во финансирањето на општините, тогаш сето тоа нема да биде продуктивно и ефективно."

И експертите препорачуваат зголемување на финансиите на општините. Ангелов советува државата да ги следи примерите на соседите кои се откажауваат од приходите кои доаѓаат од посиромашните општини за да им се овозможи развој.
,,Во неразвиените општни од данокот на додадена вредност кој што се генерира во некоја неразвиена општина дури 75% остануваат на општината, а кај нас, да ве потсетам, само 3% им се даваат на општните. Значи не се мери колку се генерира на општинско ниво, туку на централно ниво, значи мора да се дадат повеќе пари на општините."
Директоркана на невладината организација „ Фокус „ Веса Шкортова која се занимава со набљудување на соработката на граѓаните , општините и центарлната власт ги советува властите да имаа повеќе слух за потребите на граѓаните.
,,Овој модел се покажува како успешен затоа што во голема мера и на самите општини им ја олеснува работата при планирањето, но и овозможува на лице место на средби со граѓаните да им се даде одговор доколку некое барање не е можно да се реализира во дадениот период."
Експетите препорачуваат и помалку мешање на централната власт во работата на локалната.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG