Косово - Ѕид на поделбата!?

Село на Косово

Во село Рубовце, општина Липљан, на околу 20 километри од Приштина, во иста зграда работат две училишта – едно на албански, другото на српски јазик. Иако се поделени само со еден тенок ѕид, одвоеноста меѓу нив е голема, како во наставните програми, така и во меѓусебни односи.
Тенките ѕидови што ги делат училниците во кои учат ученици од албанска и од српска националност се претвораат во големи ѕидови во меѓусебната комуникација и во различните погледи, особено кога станува збор за историјата, јавува дописникот на Слободна Европа Гзим Буџаку. Фикрие Будакова е ученичка од деветто одделение во училиштето Дрита, што на албански јазик значи светлост. Во учебникот по историја таа учи за косовските херои.

„По Скендербег имаме многу херои, како што се Бајрам Цури, Хасан Приштина, Иса Болетини, Исмаил Ќемаил... Во Косово е и легендарен командантот Адем Јашари. Овие личности го дале својот живот за татковината и за независноста.“

Сепак, за Милош Мјомиќ од училиштето „Браќа Аксиќ“, Косово се уште се третира како дел од Србија и за него во историјата постојат други херои.

„Крали Марко, Брацо Аксиќ, Сава Ковачевиќ, Милош Обилиќ, Цар Лазар и многу други.“

Милош никогаш не чул за албанските херои, додека албанката Будакова не знае ништо за српските.

Замрзната состојба !?

Директорот на основното училиште „Дрита“ Беќир Мурати во делот каде што учат вкупно 210 ученици ,Албанците, училиштето е застарено и е во многу лоша состојба.

„Ова беше заедничко училиште со српската заедница, зашто во селото живеат и Срби. Заедно го користевме училиштето до 1990 година. Во август таа година, жителите на селото го поделија училиштето на средина. Од тогаш, работиме во многу тешки услови. Ни ги одзедоа заедничките простории, иако тие имаат 18 ученици.“

Наставникот Зоран Спасиќ од основното училиште „Браќа Аксиќ“ вели дека тие работат по наставната програма на Србија и дека наставниците добиваат плата од буџетот на Србија. Тој смета дека учениците-Срби не се подготвени да учат во исто училиште со нивните албански врсници.

„Програмата е различна, јазикот е различен. Може да дојде до некои несакани последици, зашто тоа се сепак деца, поготово тие од седмо и осмо одделение, тоа е возраст кога се во пубертет, така што без ѕидот веројатно не би можело да функционира. Веројатно и родителите не би се согласиле за школо во кое не би имало различни влезови.“

Влада на Косово


Професорот од албанското училиште Нијази Алиу не се согласува со тоа. Тој смета дека училиштето би можело да фунционира и без ѕидот што ги дели.

„Не комуницираме со нив. Вистина е дека немаме некои проблеми, но немаме добри односи. Дури не се ни поздравуваме. Иако учениците учат под ист кров, тие не соработуваат, не си играат заедно... Понекогаш меѓусебно се навредуваат, но нема некои големи проблеми.“

По завршувањето на часовите, учениците-Албанци излегуваат од една, а Србите од другата страна на училишната зграда. Одвоено си играат и во школскиот двор. Министерот за образование на Косово Енвер Хоџај вели дека влијанието на официјален Белград на училиштата кои имаат настава на српски јазик и натаму е многу големо.

„Но во текот на 2009 и 2010 година има многу индикации кои покажуваат дека училиштата на српски јазик се многу заинтересирани да бидат дел од нашиот образовен систем.“

Тој вели дека во министерството е формирана работна група што ќе работи на усогласување на наставните планови и програми. Сепак, додека тоа не се оствари учениците од ова, но и од другите училишта што работат под ист кров ќе учат на на различен јазик и по различни наставни програми.