Дневен печат - Владината терапија преслаба за стопанството

Четвртиот пакет антикризни мерки што го донесе Владата е тема која што ја анализираат печатените медиуми изминативе денови. Под наслов ,,Владината терапија преслаба за стопанството" весникот ,,Нова Македонија" пишува дека бизнис заедницата не е задоволна од мерките на Владата.
Економските состојби во земјава, изгледа, сериозно ги интересираат медиумите во изминатава недела. „Вечер“, во електронското издание на насловната информира за четвртиот владин антикризен пакет мерки, кои се однесуваат на најзасегнатите области од македонската економија, а „Нова Македонија“, во статијата насловена „Владината терапија е преслаба за стопанството“, пишува дека бизнис-заедницата е незадоволна од олеснувањата што ги носи Владата. Во истовреме, „Време“ објавува дека речиси сите плаќања од буџетот се парализирани и дека нема пари за пратениците, буџетарите, за бензин и за сметките за комуналии и за телефон, додека Владата тврди дека нема проблем со полнењето на буџетот, заклучува „Време“. „Дневник“, пак, пишува дека Владата е нетранспарентна и ја крие сумата на долгот кон домашните компании пренесувајќи мислења на експерти дека тоа е затоа што веќе е доведена во прашање ликвидноста на сите државни институции и оти ќе се кренела паника кај компаниите чиј опстанок зависи директно од владините пари.

„Време“, „Нова Македонија“ и „Утрински“ јавуваат за интерпелацијата на претседателката на Антикорупциска Мира Димовска, во истовреме и директорка на МТВ, во Собранието, со наслови како: „Никој не се вознемирува од интерпелацијата“, „Нема јунак да ја смени Димовска“ и „Или Димовска, или Антикорупциска“, со пренесувања на дел од дебатата чија поента е дека Димовска е продолжена рака на владејачката партија и на Груевски. „Утрински“ дури објавува белешка од седницата за тоа колку пратениците од владејачкото мнозинство биле незаинтересирани за интерпелацијата, забележувајќи дека ТВ-камерите „уловиле“ една пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, како за време на седницата си ги шминка очите на мало огледалце.

„Време“, „Утрински“ и „Дневник“ информираат и ја коментираат тепачката на скопскиот плоштад, кога група од вардаровите навивачи „Комити“, со коцки и со други камења нападнаа деца кои се лизгаа на вештачкото лизгалиште, при што едно 11-годишно дете од албанската заедница беше повредено во главата. „Меѓуетничките односи прокрвареа“, пишува „Време“, а „Утрински“ дека „Меѓуетничките провокации го палат црвеното светло“ и дека „Конфликти со мал интензитет предизвикуваат дестабилизација во големи размери“. „Почна битката за неопределените“ го насловува „Нова Македонија“ написот за засилените прошетки на партиските лидери по селата и градовите на земјава пренесувајќи мислења на аналитичари дека поголем дел од своето внимание, сите им го посветуваат на неопределените, обидувајќи се да ги придобијат на своја страна. 70 отсто од гласачите се со понизок степен на образование, додека 30 отсто не излегуваат на избори или не знаат за кого ќе гласаат, и партите нив ги сакаат за себе, наведува „Нова Македонија“.