Грчка криза и македонска економија

Атина

Македонските експерти и бизнисмени се согласни дека грчката криза нема негативно да влијае на македонската економија. Владата во Скопје пак готви четврти по ред пакет анти кризни економски мерки. Бизнисот бара свежи пари и даночни олеснувања.
Со дефицит во висина од 300 милијарди евра, или 12.7 проценти од бруто домашниот производ грчката економија неколкупати го надмина европскиот лимит за задолженост. И додека грчкиот премиер Јоргос Папандреу смета дека неговата земја е во „вонредна состојба“, македонските аналитичари и бизнисмени се согласни дека домашната економија нема да пати поради кризата во соседството. Економскиот аналитичар Ден Дончев вели дека грчките странски инвестиции во земјава се скромни, па од таму не може да се очекуваат големи потреси во македонската економија предизвикани од грчката вонредна состојба:
Кризата во Грција не може посебно негативно да влијае врз Македонија затоа што инвестиции пресушеа последниве години

„Од страна на директни странски инвестиции мислам дека кризата во Грција не може посебно негативно да влијае врз Македонија, затоа што таквите целосно пресушеа во последните години.“

Дончев додава дека може да се очекува намалување на пограничната соработка поради грчата криза

„Граничните девизни приливи од грчки туристи, поединци, кои доаѓаат во Битола, Гевгелија итн.“

Од бизнис заедницата велат дека поголемите грчки инвестиции во земјава се стабилни. Директорот на „Адинг“ Драган Николов додава дека земјава повеќе увезува од Грција отколку што извезува:

„Многу малку продаваме во Грција, а многу повеќе купуваме, напротив, тие ќе имаат полза од нас.“

Македонски анти кризен пакет мерки

Македонската влада подготвува четврт пакет мерки кои би требало да се најдат на владина седница в петок попладне. Дел од бизнисмените кои учествуваа во изработката на овој пакет мерки претходно посочија дека овој пат се предлага директно вбризгување на капитал во приватниот сектор или поголеми олеснувања. Бизнисменот Николов вели дека најисплатливо за приватосопствениците би било инвестирање во инфраструктира и додава:

„Другото се е козметика. Најважно е државата како најголем работодавач да го раздвижи и да ги ослободи средствата што ги должи на стопанството.“

Аналитичарот Дончев, пак, посочува дека претходните пакети антикризни мерки останале само на хартија

„Нон сенс е да се зборува за даночни олеснувања, кога буџетот е предвиден на највисоко ниво во последните 20 години, значи денеска даночното оптеретување кон приватниот сектор е највисоко од било кога во историјата на Република Македонија.“

Инаку македонскиот буџетски дефицит не надминува 3 проценти од бруто домашниот производ. Минатата година беше остварен дефицит од 2.77 проценти од БДП.