Достапни линкови

Ние ќе станеме нивна криза


ЕУ поцврсто ја притисна Грција да направи поболни буџетски кратења, a Франција и Германија се подготвуваат финансиски да ја спасуваат земјата од нејзината должничка криза. Шефот за финансиски работи на Унијата Оли Рен во Атина инсистираше Грција да донесе дополнителни мерки.

„Сакам да ги поттикнам грчките власти да размислат и да најават дополнителни мерки во следните неколку дена за да се исполнат целите за намалување на дефицитот за 2010 година“, изјави Рен за време на вчерашната посета на Атина.

„Свесен сум дека напорите на консолидација нема да бидат лесни. Но, цврсто сум уверен дека тие се неопходни.“

Рече Рен по разговорите со министерот за финансии Јоргос Папаконстатину. Тој пак, од своја страна, изјави дека централно левичарската влада ќе стори се што е во нејзина надлежност.

„Владата, како што секогаш истакнува, ќе направи се што е потребно, вклучувајќи и нови мерки за да се намали дефицитот за 4 проценти во 2010 година.“

Веднаш потоа, неколку десетици демонстранти, со транспаренти на кои пишуваше „Ние ќе станеме нивна криза“, се обидоа да влезат во зградата на Министерството за труд, каде што Рен разговарал со ресорниот министер, но беа спречени од полицијата. Еден од демонстрантите изјави дека владата не смее и натаму да ги крати платите и пензиите. “Ние и онака сме две скалила подолу од Европа и со натамошното намалување, луѓето нема да можат да врзуваат крај со крај.“

До разговорите на Рен во Атина дојде во време кога некои европски земји најавија можност за спасувачки мерки за Грција. Грчката криза претставува тежок удар за заедничка валута и може да им наштети на европски банки кои имаат купено обврзници од грчката влада.
Тоа ни е екстремно итно, бидејќи во спротивно ни се заканува одземање на способноста да ја одредуваме сопствената судбина,...


Вол Стрит Џрнал извести дека државните банки и инвеститорите во Франција и Германија се подготвени да откупат дополнителни грчки обврзници во вредност од околу 30 милијарди евра за да ги смират страхувањата на пазарот. Тоа би можело да и помогне на земјата да ги исполни своите краткорочни должнички потреби, од дваесет милијарди евра кои пристигнуваат за плаќање до крајот на март.

Иако германската канцеларка Ангела Меркел експлицитно не ги исклучи ваквите спасувачки мерки, таа негираше дека парите на германските даночници ќе бидат потрошени на Грција. ,,Ние имаме договор со кој се исклучува можноста за спасувачки пакет за други земји,, изјави Меркел која в петок во Берлин треба да се состане со грчкиот премиер Папандреу. Веднаш по таа средба Папандреу патува за Вашингтон на разговори со американскиот претседател Барак Обама.

Грчкиот премиер уште еднаш вети дека ќа је извлече Грција од нејзиниот најлош повоен економски пад и апелираше до обичните Грци да ги поддржат напорите. „Тоа ни е екстремно итно, бидејќи во спротивно ни се заканува одземање на способноста да ја одредуваме сопствената судбина“, изјави Папандреу на седницата на владата.

Европската унија и даде на Атина рок до 16 март да се покаже напредок во ветувањата за намалување на дефицитот. Владата, која дојде на власт пред пет месеци, најави замрзнување на платите во јавниот сектор повисоки даноци и зголемена возраст за пензионирање. Проценка на анкетите покажуваат дека повеќето Грци ја разбераат потребата за стегање на ременот, но, синдикатите жестоко се спротивставија на најавените мерки.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG