Ќе има ли промена на изборниот модел е прашањето кое постојано се отвора, но никако да добие епилог, а сега повторно станува актуелно со повиците на опозицијата за спроведување на предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изразуваат подготвеност да започнат дебата за воведувањето на една изборна единица, но, имаат спротиставени ставови за спроведувањето на предвремени избори и отпишувањето на правилото техничка влада, за кое досега воопшто не стана збор.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред некој ден најави активности за распишување предвремени избори и соопшти дека партијата е подготвена да разговара и за воведување на една изборна единица.
„Подготвени сме и до парламентот ќе доставиме измени на Изборниот законик, во кои што нема да има техничка влада односно 100 дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена“, вели Мицкоски.
Од СДСМ велат дека барањето за една изборна единица е на повеќе помали партии во земјава и владејачката партија, како што наведуваат, е прва која ги поддржала.
„СДСМ, како што и познато на јавноста се залага да има една изборна единица и отворени листи. Остануваме на ставот. Изборното законодавство може да се менува со консензус, низ широка и инклузива дебата“, велат од СДСМ за РСЕ.
Но, како што посочуваат оттаму, барањето да нема техничка Влада на ВМРО-ДПМНЕ не е искрено, туку, според СДСМ, тоа е условување и е само одраз на нивниот очај затоа што граѓаните веќе гледаат колку се неспособни градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Новата Влада предводена од коалицијата на чело со СДСМ штотуку ја презеде функцијата и има поддршка од стабилно, зголемено парламентарно мнозинство. Граѓаните се уморни од избори. Следните парламентарни избори ќе бидат редовни во 2024 година. Владата има полн легитимитет, во периодот од 2,5 години што следи да ги спроведе сите реформи, сите процеси, сите проекти во интерес на граѓаните“, додаваат од СДСМ.
Од ДУИ и Алтернатива, партнерите на СДСМ во Владата не добивме одговор за овие прашања до објавување на текстот. ДУИ претходно тврдеа дека се првата партија која поддржала отворени листи. Предлогот за една изборна единица официјално го покрена Демократски сојуз на Павле Трајанов, коалициски партнер во Владата. Од ЛДП по средбата со новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски пред месец дена соопштија дека со него се разговарало меѓудругото и за воведување на една изборна единица.
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари изјави дека начелно се за отворени листи, но, да има осум изборни единици.
„Нашиот аргумент за тоа е што постојат осум економски развојни региони во Македонија. Ако сакаме демократизација на општеството, тоа треба да почне во партиите и затоа треба да се оди со отворени гласачки листи. Подготвени сме да разговараме и да ги изнесеме своите аргументи. Но, се сомневам дека до следните избори ќе дојде до промени“, изјави Таравари за Утрински брифинг.
Што велат експертите
Избори во наредните месеци нема да ни се случат, а во однос на изборниот систем тоа е легитимно прашање и треба да се отвори, вели професорот Никола Дујовски. Според него, треба најпрвин да се разговара кој модел е најсоодветен, а потоа кој од нив ќе се избере.
„Има многу аргументи на страната дека треба да се менува нешто. Овој изборен модел кај нас е само делумно функционален. Ние избираме претставници на народот, кои потоа немаат врска со народот. Но, шареноликоста на ставовите по однос на овие прашања кај политичките партии е повеќе од очигледна. Ова е прва изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски кој што вели дека е подготвен да разговара на темата. Досега не беше таков ставот. СДСМ премолчено или тивко поддржува да има една изборна единица. Но, читаме ставовите на секретарот на Алијанса за Албанците кој што пак, вели ние сме за 8 изборни единици со осум отворени листи. Значи ние се уште немаме определено кое би било најсодветното решение како да изгледа изборната рамка за првите наредни избори во Македонија, кога и да се случат тие“, вели Дујовски.
Во меѓувреме, Мицкоски евентуалната средба со Ковачевски ја услови токму со барањето да се разговара за предвремени избори. Ковачевски пред некој ден повтори дека ќе воспостави комуникација со Мицкоски со цел наоѓање на решенија за проблемите со кои се соочува државата како енергетската криза, пандемијата.
Дујовски смета дека двајцата лидери треба да разговараат, бидејќи политичкиот дијалог е суштината на секое демократско општество.
„Можат да разговараат за делумните решенија кои што ќе бидат потребни за надминување на кризата. Дали е енергетска, здравствена, безбедносна или пршањето на европските интеграции и тоа само во рамките на тоа што значи гласање на законите во Собранието“, додава Дујовски.
Отворена листа значи дека гласачите можат да гласаат за оној кандидат за пратеник или општински советник за кого тие сметаат дека е најдобар, без разлика на кое место на гласачкото ливче се наоѓа таквиот кандидат. Во сегашниот изборен систем имаме затворени листи каде што гласачите гласаат за една партија или коалиција и со тоа немаат можност да преферираат одреден кандидат од истата партија. Тоа значи дека на крајот на изборниот процес, пратеници стануваат само оние кандидати кои се највисоко на листата и во зависност од освоените гласови на партијата. Во моделот со отворени листи пак, пратеници стануваат оние кандидати кои добиле најмногу поединечни гласови од гласачите.
Засега останува пропорционалниот изборен модел
Инаку, во земјава моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници. Со ваков начин мали се шансите за помалите политички партии, кои, и покрај тоа што освојуваат одреден квантум гласови, сепак остануваат без пратеничко место.
Согласно Пржинскиот договор, техничка Влада се формира на 100 дена до избори и се избира во Собранието со просто мнозинство и е сочинета и од министри предложени од опозицијата, односно министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици-министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Мандатот на техничките министри и заменици-министри трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што тој им престанува по сила на закон. Концептот техничка или пржинска влада беше воведен по кризата што настана, откако премиерот Зоран Заев, а тогаш лидер на опозицијата во 2015 година, почна со објавување на „бомбите“, по што следуваа предвремени избори.
Овој концепт, кој сега е законска обврска, е дел од Пржинскиот договор кој во 2016 година го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Заев, кој тогаш беше во опозиција и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница.