Достапни линкови

Ќе остане ли празно ветувањето за подобар студентски стандард?


Стевановиќ - Се атакува врз автономијата на високото образование
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:14 0:00

Стевановиќ - Се атакува врз автономијата на високото образование

Во Предлог-буџетот за 2023 во ставката за студентски стандард има намалување од 15 проценти, а за реновирање на студентски домови има намалување на 34 проценти. Тоа говори дека има голема опасност договореното меѓу студентите и власта да остане празно ветување, вели професор Маја Стевановиќ.

Владата најави намалување на трошоците за реновирање на студентските домови, а управите на студентските домови најавија мерки за штедење. Загрозено ли е достоинството на студентите?

По оние снимки и фотографии што јавноста можеше да ги види не може да стане збор за достоинствено студирање или за достоинство на кој било, најмалку на студентите. Да, некои домови се реновирани во изминатите години, но ми се чини дека снимките беа од Стив Наумов и тоа е едноставно катастрофа, нема што да се дискутира. Од друга страна сите треба да примениме мерки на штедење, обврска на Владата е да повикува и да креира некакви си механизми, мора да ја следат ситуацијата, да бидат логични согласно условите. Не можете вие да забраните користење греалки во студентски дом во кој не функционира парното или фури од сите страни. Не можете да исклучите лифт во студентски дома каде студентите треба да се качуваат на 10 кат, но тоа не значи дека не можете да ги исклучите до 3 или до 4 кат. Кога се креираат мерките за штедење треба да се биде здраворазумски и што е многу важно да се разговара со оние на кои тие мерки се однесуваат. Затоа што верувам дека студентите се возрасни и одговорни луѓе, верувам дека секој еден во оваа држава е свесен дека постои економска криза, особено дека постои криза со енергенси и дека мораме да штедиме. Но многу е важно кога се подготвува каква било реформа, кога се креираат вакви мерки да се разговара со оние на коишто тие мерки се однесуваат.

Најпрвин студентите беа разединети за потоа да се обединат во нивните барања. На што се должи тоа?

Имаме обичај да кажеме дека во ова општество во изминатите години или по промената на власт, ништо не е сменето. Епа сменето е, студентите научија да читаат буџети, а и некои од професорите. И студентите без разлика на ветувањете, сфатија дека бројките во Предлог-буџетот говорат дека има голема опасност договореното да остане празно ветувањето за следната година, поради следното: само во ставката за студентски стандард за следната година има намалување од 15 проценти, а во ставката за реновирање на студентски домови има намалување на 34 проценти. Е сега, мојата претпоставка, немам комуникација со студентите, е дека договореното треба да се одрази во ставките во Буџетот кој што допрва треба да се гласа и така и треба. Второто нешто што имаме обичај да го кажеме е дека постигнатото за овие изминати години веќе почнува да се губи, односно да се враќа на старо, она време што сите го памтиме, времето на протести.

Дали тоа ќе биде така, зависи од сите нас. Во случајот на студентите, мене ме радува што студентите многу брзо јасно и гласно реагираа и што не отстапуваат од своите барања. Тоа е единствениот начин и се однесува на сите нас во оваа општество, тоа е единствениот начин да не се вратиме на оние времиња.

Владата најави покачување на платите во високото образование од септември. Но, се премисли и сега најпрвин ќе се прават анализи и пресметки. Изговорот е дека веќе ви се качени платите за 20 отсто, но колку тие се доволни со оглед на инфлацијата и растот на трошоците за живот?

Секако дека не е, поради тоа што платите на професорите не беа покачени повеќе од 10 години. Инфлацијата, ги гледаме бројките, практично го изеде покачувањето. Ќе беше многу пострашно ако не успеавме да се избориме за покачувањето, но факт е дека инфлацијата тоа покачување го поништи.
Независниот академски синдикат и СОНК, сепак СОНК е репрезентативен синдикат, тој го потпиша колективниот договор, иако заедно настапувавме и НАКС беше член на преговарачката група на репрезентативниот синдикат и инициравме повторно потпишување на нов колективен договор, овој истекува во мај месец, првични некакви разговори отпочнаа, ќе видиме како ќе се развиваат. Системското решение во тој колективен договор беше дека по истекот на колективниот договор, се до потпишување нов дека платата ќе се пресметува согласно процент од просечната плата од претходната година. Само по тоа основ би требало платата во мај месец да се покачи за 15 проценти. Во Буџетот предвиден за 2023 не сум сигурна дека можам да го препознам покачувањето на платата, но ова е обврска што Министерството ја има. Ме плаши дека најавувањето на новиот закон за плати ќе значи и овие обврски од потпишаниот колективен договор да бидат тргнати на страна и да не бидат испочитувани. Немаме информации, немаме податоци што би значело тој закон за плати. Понудата што ќе излезе од страна на Владата ќе говори колку оваа Влада го почитува и го вреднува високото образование како еден клучен општествен сегмент кога ќе видиме каде тоа не ставиле, не рангирале, со кого не рангирале на исто ниво, пониско или повисоко.

Значи очекувате да продолжите со преговорите за колективниот договор?

Да очекуваме да продолжиме, и во новиот колективен договор да се реализираат другите две фази од покачување, така како што беше разговарано на почетокот. Така што нашата стратегија е да продолжиме да бараме разговори, да работиме на новиот колективен договор, а понатаму, ако воопшто биде донесен тој закон за плати, тогаш ќе се бориме рангирањето на високото образование да биде соодветно на неговата важност во општеството. Да, паралелно работиме и на истражувањата по однос на решенија во околните земји, Словенија има таков закон, за да бидеме подготвени, бидејќи би било многу лошо ако владата излезе со предлог ставен на ЕНЕР, или со предлог ставен на маса на тој социо-економски совет со кратки рокови за реакции. Вакви сериозни закони не се прават така долго време треба да се разговара и да се преговара, затоа ние изготвуваме, работиме на анализи, за да бидеме подготвени и да можеме конструктивно да придонесеме во решавањето, не на нашиот проблем, тука на нешто кое што е општествена вредност. Високото образование е вредност, потреба во ова општество, а не нешто што е во интерес само на мала група којашто работи во високото образование. Перспективата треба да се смени. Ни ѝ треба Владата и власта на високото образование, високото образование му треба на ова општество.

Министерството за образование и наука најави измени на Законот за високо образование. Но, дел од академската фела реагираше дека не била консултирана. Запознаени ли сте што предвидуваат измените?

Не. Би било непријатно да шпекулирам за измените и за намерите, но од друга страна, по однос на она што излезе во медиумите како конкретни предлози, ректорот на УКИМ не негираше дека ги доставил, и тоа предлози доставен од страна на ректорот на УКИМ, не од страна на Универзитетот, бидејќи не е спроведена никаква постапка на јавна расправа низ органите и телата на универзитетот. Ректорот не демантираше дека тие предлози коишто се излезени во јавноста и за кои патем коментираат професори од УКИМ, не демантираше дека не се вистинити, а потврди дека излегол со предлози на барање на Интеруниверзитетската конференција.

Дали вие имате некакви препораки за измените на законот за високо образование?

Измена на таков сериозен закон може да се прави или треба да се прави само врз основа на сериозна анализа на позитивните аспекти, на слабостите на законот, тоа во овие четири години не е направено. По она што јас го гледам, како конкретни предлози мене ми се чини дека не се работи за измени кои имаат за цел подобрување на законот, туку за измени, простете за овој силен збор, кои атакуваат токму на оние делови од законот коишто значеа демократизација на високото образование и коишто значеа автономија и надвор и внатре во самите високо-образовани установи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG