Државава е на чекор до станување на рамноправна членка на НАТО, досега 22 од 29 земји го ратификуваа протоколот, можно ли е вo декември вo Лондон да пристапи и официјално кон Алијансата?
Па, ова е тешко да се одговори директно. Како и да е, се разбира, имаше силен сигнал од последниот состанок на Северноатлантскиот Совет тука во Скопје, каде што генералниот секретар на НАТО рече дека ние сите посакуваме да станете полноправна членка до декемврискиот самит.
Како и да е, вие знаете дека моменталната ситуација, како што веќе споменавте, 22 земји членки го ратификуваа протоколот, некои од нив ги депонираа во Вашингтон инструментите за ратификација. Но, секако, во некои други земји сè уште се чека на ратификација, тоа не е под контрола на НАТО или на генералниот секретар, тоа е процес што се води од националните влади, така што од нив зависи кога ќе се заврши процесот. Ние очекуваме дека наскоро многу од останатите земји ќе го ратификуваат протоколот. Сепак, Шпанија во моментов е без Влада, бидејќи е во предизборен период, така што може да очекуваме одредено одложување поради овој процес во Шпанија, но ние сме сигурни и се надеваме дека процесот ќе заврши најбрзо што е можно.
Доколку има одредено задоцнување, каква е процедурата по тоа?
Па, тоа не зависи од одреден самит или министерски собир. Вие може да станете полноправна земја членка на НАТО на кој било датум, веднаш откако последната земја ќе го ратификува протоколот.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео при неговата посета предупреди на засилено руско и кинеско влијание во земјава. Како да се заштити земјава, па и регионот од тоа?
Ние зборуваме за хибридни закани, се разбира, тие се насекаде во светот, не само во оваа земја, не само во овој регион, но тоа е секако посебен интерес на, ајде да речеме, големите играчи низ целиот свет. Јас можам да кажам дека сигурно, ние ги имаме идентификувано таквите активности, ние ги следиме таквите активности и се обидуваме да се справиме со таквите закани. Ние идентификувавме дека тие се позасилени во различни важни периоди за различни земји, како што беше на пример референдумот, промените на Уставот, или можеби пред избори, во тие периоди ние забележавме дека таквите активности се засилени.
Може ли да бидете поконкретни, за какви хибридни закани зборуваме?
Претежно станува збор за лажни информации, дезинформации и такви активности што можат да ја премислат личноста дека, да кажеме, на пример Алијансата или членството во НАТО не се добри за државата поради ова или она. Но, тие работат со лажни вести и лажни информации со кои се обидуваат да влијаат врз луѓето за да ги убедат дека државата не е на правилниот пат.
Кои земји од регионов се позагрозени од другите од руското влијание и на кој начин?
Тешко е да се каже, но дефинитивно потешко е за нив да добијат публика во земјите членки на НАТО. Тие се обидуваат да се концентрираат на оние земји коишто сè уште се само партнери или пак се на пат кон полноправно членство во Алијансата.
Македонската армија од 2002 година учествува во мисиите на НАТО. Какви промени ќе се случат со членството во Алијансата за македонските војници, како ќе се зголемат нивните обврски?
Па ние може тоа да го очекуваме. Секако го цениме вашето учество во различни мисии, не само мисии водени од НАТО, како на пример мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан во 2015 година, но и мисиите на ОН и на ЕУ во кои вие учествувавте. Вие моментално имате 51 војник во различни мисии, во мисиите АЛТЕА, Одлучна поддршка, УНФИЛ. Сега се отвора можност за ваше учество не само во мисиите, туку и во други можни активности на НАТО, како што се Eдиници за итна интервенција на НАТО итн. Се разбира дека националните власти одлучуваат каде ќе учествуваат, но тоа е еден вид на дело на НАТО и дел од тие активности што се напишани во стратешкиот концепт. И покрај подготовките за Членот 5, тука се и, се разбира, активностите за справување со кризи.
Колку и каков вид на опрема ќе треба да набави македонската армија за да ги достигне стандардите во НАТО?
Ние мора да се согласиме дека, верувам оти знаете дека, сегашната опрема е застарена. Вие многу години не инвестирате во модернизација и сега тешко може да кажеме каков вид на опрема треба да купите. Но, се разбира, таа треба да биде интероперабилна со таа на другите земји членки, што значи дека зборуваме за интеграција на вашата војска во НАТО и се разбира, зборуваме за стандардизација. Ние имаме одредени стандарди кои вие треба да ги воведете преку процесот на одбранбено планирање на НАТО, преку процес на модернизација, преку процесот на усвојување, кој се разбира дека треба да го следите, ако сакате да учествувате во било каква операција. Како и да е, секако, вие дури и сега правите сè што можете, преку тренинг, едукација и вежби, вие тука, во Северна Македонија, годинава спроведовте една голема вежба на која учествуваа околу 2500 војници. Вие со неа докажавте дека сте на некој начин интегрирани, бидејќи вие тоа го правевте досега преку партнерски процеси. Но, отсега тоа ќе биде дел од НАТО, процесот на одбранбено планирање на НАТО, како и евалуација за подготвеност за борба.
За колку пари зборуваме кога станува збор за набавка на потребната опрема во наредните неколку години?
Тоа е прашање на план за долгорочен капацитет за развој, како што рековте тоа е план за наредните десет години. Ние зборуваме за најава за два проценти од БДП. Но, морам да кажам, затоа што се појавија одредени дезинформации дека ќе мора 2 проценти од БДП да го потрошите на НАТО, односно да го дадете во НАТО, но тоа не е точно. Се работи за 1,5 милиони евра, кои ќе треба годишно да ги уплатите во буџетот на НАТО, останатото ќе си го трошите за вашата модернизација, за вашите операции и одржување, како и за плати за вашите војници. Ние зборуваме за отприлика 20 проценти од тој буџет од 2 проценти кој ќе биде употребен за модернизација.
Владата најави дека до 2024 година ќе го достигне лимитот од 2 проценти од БДП за трошоци за одбрана. Дали малиот буџет кој сега се одвојува за одбрана ги задоволува критериумите на НАТО, какви други мерки ќе треба да се преземат за да се достигнат стандардите на НАТО?
Не е сè во буџетот. Како што веќе кажав, отприлика 50 проценти ќе треба да биде наменет за плати, 30 проценти за операции и одржување, и 20 проценти за модернизација. Како и да е, не се работи само за модернизација, туку е и прашање на подготвеност, а под подготвеност се подразбира едукација, вежби, обука тренинг, и се разбира вашето учество во мисии, вашиот придонес во командната структура на НАТО, воената структура на НАТО. Вие ќе го зголемите вашето учество во делегацијата во базата на НАТО и во командите на НАТО. За тоа зборуваме. Вие ќе треба да ги синхронизирате вашите процеси со тие што се спроведуваат во Алијансата.
Македонскиот воздушен простор ќе го штити грчката армија, колку е ова вообичаена пракса меѓу земјите членки на НАТО?
Тоа е вообичаена пракса. Вие знаете дека има многу мали држави коишто не можат да си дозволат сопствени воени воздушни сили со многу скапи способности. Затоа НАТО е тука, земјите членки на НАТО се тука да помогнат да го штитат воздушниот простор. Ние во Словенија имаме слично решение, ние сме поддржани од воздухопловните сили на Италија и Унгарија, но имаме слично решение во Балтичките земји, каде што други држави им помагаат во заштитата на воздушниот простор.