Достапни линкови

Шара конечно ќе биде национален парк


Шар Планина. Властите во земјава со години наназад најавуваат дека Шар Планина ќе биде прогласена за националаен парк, процес кој се најавува дека ќе заврши набрзо.
Шар Планина. Властите во земјава со години наназад најавуваат дека Шар Планина ќе биде прогласена за националаен парк, процес кој се најавува дека ќе заврши набрзо.

Жителите од Полошкиот регион ја поддржуваат идејата Шар Планина да биде прогласена за национален парк, покажуваат истражувањата на Македонското еколошко друштво (МЕД). Од Министерството за животна средина очекуваат Собранието набрзо да го усвои Предлог-законот, но на граѓаните треба да им се објасни значењето на заштитените зони.

Во завршна фаза е процесот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Владата го усвои Предлог-законот и го достави во Собранието, а периодов се очекува негово донесување.

„Искрено се надевам дека процесот за прогласување брзо ќе заврши“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Тој зборуваше на онлан-конференција на која беа презентирани истражувања на јавното мислење во Полошкиот регион во врска со прогласувањето на Шара за национален парк. Нуредини вели дека смета оти „нема пратеници кои ќе бидат против Предлог-законот.“

Какви ќе бидат придобивките од прогласувањето на Шар Планина за национален парк? Според претставниците на државните институции кои се дел од процесот, планината на која живеат околу 20.000 луѓе ќе добие правна заштита и регулирано искористување на нејзината природа. Ќе биде зајакнат брендот „Шара“, прекуграничната соработка меѓу општините со соседните земји, еко туризамот, велат тие.

Правна заштита на природните богатства

Прогласувањето ќе значи заштита на природното богатство на планината каде се регистрирани 1.260 видови и растенија, од кои 32 ендемски и вкупно 30 езера од кои 21 се постојани во текот на целата година, бројка која Шара ја прави трета на Балканот, според официјалните податоци.

„Прогласувањето на едно подрачје за национален парк не значи дека на него ќе се забранат буквално секакви човечки активности. Напротив, се подразбира признавање на постоење на единствено природно богатство во одреден регион и давање можности и начини за негово зачувување,“, вели Даниела Камчева од Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Иницијативата за прогласување на Шара за национален парк е започната пред повеќе од 20 години. Во меѓувреме, природата на планината беше уништувана со сеча на шумите, но и со бројни проекти за изградба на мали хидроцентрали кои ги одобри државата. Дел активисти за заштита на животната средина се сомневаат дека прогласувањето на Шара за заштитено подрачје било одложувано токму поради изградбата на малите хидроелектрани.

На мапата се прикажани локациите на Шара каде е одобрена изградба на мали хидроцентрали.

Поддршка од жителите на Полог

Кај висок процент од локалното население има расположение Шара да биде прогласена за национален парк. Над 82 проценти од испитаните жители од Полошкиот регион сметаат дека Шар Планина треба да биде заштитено подрачје, бидеќи планината има потенцијал за развој на зимскиот, планинскиот, рекреативниот, спортскиот и другите видови на туризам. Тие велат дека ја поддржуваат идејата производите од регионот да го носат брендот на Шара.

До овие резултати дојде Македонското еколошко друштво (МЕД) преку две истражувања направени во период од пет години. Првото во 2016-та, а второто во 2021 година во примерок од над 1.000 испитаници од сите шест општини на Полошкиот регион. Еден од заклучоците е дека граѓаните сметаат оти со заштитата на Шара ќе се подобри нивниот социо-економски статус.

„Тие гледаат дека можностите за туризам би ги искористиле преку издавање на соби за туристи, би работеле како туристички водичи, би продавале млечни производи, рачни изработки и би нуделе угостителски услуги. Ова говори дека идната заштита граѓаните ја гледаат пред сѐ преку бенефитот на економски план“, вели Богољуб Стеријовски од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Организацијата која повеќе од 20 години работи за Шар Планина да добие статус на заштитено подрачје, ги направи истражувањата за да се утврди колкава е свесноста на населението за прогласувањето на Шар Планина за национален парк.

Според резултатите, дури 86 проценти од локалното население смета дека во регионот ќе се случат позитивни промени доколу Шара биде прогласена за национален парк. Во двете истражувања биле вклучени жители од урбаните средени како Тетово и Гостивар, но и од руралните од селата од Полошкиот регион.

Заштитата на шумите да биде приоритет

Клучни наоди се дека расте свеста кај граѓаните за зачувување на севкупната природа на Шара: шумите, растителниот свет, питката вода, флората и фауната, дивечот и другите животни. Според жителите, акцент треба да биде ставен на заштитата на шумите.

Исечени дрвја на Шар Планина.
Исечени дрвја на Шар Планина.

„Интересно е што се покажа дека статистички граѓаните на Општина Гостивар во поголема мера (93%) покажуваат оптимизам, отколку граѓаните во регионот на Тетово, каде 33 отсто од нив тврдат дека нема да има подобрување“, вели Стеријовски.

Тој додава дека на граѓаните треба повеќе да биде објаснето значењето на терминот „строга заштита“ и за тоа кои активности во неа се забранети, и покрај тоа што од 45 до 60 проценти одговориле дека во строгата заштита треба да биде забранет лов, градење и пред се сечење на дрвја. Генерално испитаниците сметаат дека нема да има несогласувања и проблеми со прогласувањето на Шара за национален парк, покажуваат истражувањата.

„Иако термините заштитени зони во национален парк се познати за локалното население, граѓаните немаат информации кои се дозволени активности. Повеќе од половина од испитаниците што живеат во руралните средини, тврдат дека во зона за одржливо користење не е дозволено ништо. Идните кампањски активности треба да се насочат кон информирање на граѓаните на оваа тема, особено во руралните средини“, вели Стеријовски.

Предложени зони на заштита на Шар Планина. Извор Министерство за животна средина.
Предложени зони на заштита на Шар Планина. Извор Министерство за животна средина.

Инаку, делот на Шар Планина кој припаѓа на територијата на Косово е прогласен за национален парк уште за време на поранешна Југославија во 1986 година.

Шарпланинскиот масив се протега во северозападниот дел на Македонија и на територијата на јужниот дел на Косово. Тој во пошироките граници зафаќа вкупна површина од 2.480 километри квадратни, од кои 881 се во Македонија, односно над 35.5 проценти.

Во потесните граници Шар Планина зафаќа површина од 1.670 километри квадратни од кои 840 или точно половина и припаѓаат на Македонија, додека делот од Шара кој е предмет на Студијата за валоризација и кој треба да биде заштитена зона е со површина од над 542 километри квадратни, однодно до границата на Косово и без територијата на Маврово, според податоците во документот изработен во рамки на проектот финансиран од ГЕФ и имплементиран од УНЕП заедно со МЖСПП.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG