Достапни линкови

Чиј е Гоце Делчев?


Официјална Софија е категорична дека Гоце Делчев е Бугарин, додека умерените историчари од Македонија и од Бугарија тврдат дека тој е значајна личност за двете земји.

Прашањето чиј е Гоце Делчев ја бранува јавноста и во Бугарија и во Македонија. Интелектуалци од двете земји излегоа во јавноста со свои ставови, а од бугарска страна дури стигнаа закани дека, ако не се договори заедничко чествување, Софија може да се повлече од работата на мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања. Остри тонови стигнаа и од бугарската влада, додека македонските власти се обидуваат „да ја смират топката“.

Бугарскиот историчар Чавдар Маринов, во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела, вели дека прашањето чиј е Гоце Делчев е едно од прашањата кои немаат конечен одговор и секогаш ќе бидат предмет на некаква дебата, која треба да се води мирно и без националистички цели.

„Јас мислам дека на некој начин Гоце Делчев е и на Бугарија и на Македонија, но секако тоа се прашања коишто би требало на некаков објективен начин и без националистички каузи да се дискутира, да се дебатира меѓу историчарите. За жал многу често историчарите се ангажирани со некои националистички каузи коишто секако не дозволуваат еден објективен пристап спрема вакви историски прашања како што е да речеме идентитетите во Македонија пред еден век“, вели Маринов.

Маринов беше во Скопје, каде што учествуваше на дебатата „Наративи, минато и иднина: Национализирани историографии во контекст на договорите за регионална соработка меѓу Северна Македонија, Бугарија и Грција“ во организација на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) со помош на фондацијата Хајнрих Бел.

Тој сепак не е член на мешовитата комисија за историја меѓу двете земји и неговиот став е спротивен на оној на бугарските членови на комисијата, па и со оној на бугарската влада. Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева деновиве категорично изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин.

„Ние не сакаме ништо повеќе од вистината, нема како да се прават компромиси со вистината. Гоце Делчев си кажал што е, Бугарин е, го напишал тоа десетици пати. Да не забораваме дека премиерот Заев беше тука на 4 февруари да го чествуваат Гоце Делчев заедно со нашиот премиер на денот на раѓањето на Гоце Делчев“, рече Захариева пред неколку дена во интервју за бугарската телевизија БТВ.

Портпаролот на македонската влада Мухамед Хоџа, пак, изрази надеж дека комисијата ќе изнајде решенија кои ќе бидат во насока на добрососедството и пријателството.

Историчарот Петар Тодоров, кој е македонски член на заедничката комисија, вели дека прашањето чиј е Гоце Делчев е депласирано.

„Прашањето чиј е Гоце Делчев звучи како кога постари луѓе ќе прашаат мало дете во лифт – чиј си ти. Тоа е депласирано и несоодветно прашање за мене кога станува збор за дискусиите кои членовите на комисијата ги имаат за ова прашање, бидејќи не станува збор за заедничко чествување поради тоа што е Македонец или Бугарин, туку поради некои други работи кои се важни и значајни за историските традиции и развојот на сега веќе Република Северна Македонија и Бугарија“, вели Тодоров.

Бугарија предлага чествувањето на Гоце Делчев да биде на 4 февруари, денот на раѓањето, додека од македонска страна предлогот е 7 октомври, денот кога почна пренесувањето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG