Заплетканата македонска политичка сцена по локалните избори и најавената оставка на Зоран Заев од премиерската и лидерската позиција во СДСМ поради изборниот пораз од ВМРО-ДПМНЕ се чини дополнително се заплетка од викендов.
По вечерната петочна најава на првиот човек на ВМРО-ДППМНЕ Христијан Мицкоски дека има ново парламентарно мнозинство со Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица почнаа да се кројат калкулациите за нова влада. Но, во понеделникот од најавеното мнозинство почнаа да се откажуваат пратеници со образложение дека не сакале да бидат на исто место со Левица која велат имала антиалбански ставови, била против НАТО и ЕУ.
Додека за гласањето за доверба на Владата, точка што ја поднесе опозицијата треба да се расправа на собраниска седница в четврток во игра се четири можни сценарија за исходот.
1. Прво сценарио- владата добива доверба, Заев не поднесува оставка
„Четврток е денот кога ќе се види дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да собере доволно пратеници за недоверба на Владата или, пак, на површина ќе исплива уште еден блеф на Мицкоски“, соопшти СДСМ по речиси целосниот молк викендов кога во јавноста не беше сосема јасно кој има 61 пратеник, потребни за владино мнозинство.
До петокот, пак, главна тема беше најавената оставка на Заев, кога ќе ја поднесе и кој ќе го замени на двете позиции, премиерската и лидерската. Но, сега дел партиски кадри и други почнаа со засилената кампања Заев да се повлече од идејата за оставка.
Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС вели дека ова е возможно, особено ако ја добие довербата од пратениците во четврток. Тоа, додава тој, можеби е и најдобро решение за да не се брза со сите други постапки земајќи предвид, како што вели, дека е извесно оти предвремени избори ќе има напролет, па Заев да го истера мандатот дотогаш.
„Е сега, ова ќе остави голема дамка на него лично, а и на самата влада и партија, бидејќи како велеа 2015-2016 година, зборот е збор. Иако опозицијата тврдеше дека лаже, досега Заев тврди дека се што кажал е испорачано. Ова го ќе го стави во многу незгодна ситуација оти ќе биде невообичаен потег за некој кој најавил оставка самиот да не си ја прифати“, вели Кржаловски.
2. Второ сценарио- владата добива доверба, ќе ја води нов премиер
Друга можност е владата да ја добие потребната доверба од 61 пратеник на гласањето во четврток, но премиерот Заев да остане на кажаното, па мнозинството да добие нов мандатар кој би составил влада и би ја поднел на гласање во парламентот. Во тој случај, следен да направи чекор е претседателот Стево Пендаровски. Тој треба да го даде мандатот на оној кој има мнозинство, по што мандатарот има рок од 20 дена до Собранието да достави предлог состав на новата влада.
Политичкиот аналитичар Сефер Селими од Демокраси Лаб вели дека ова сценарио би било полошо од тоа Заев да ја повлече својата одлука за оставки. Нов мандатар, вели тој, подразбира и нов министерски кабинет, со што додава се влегува во нови политички пазарења меѓу партиите во коалицијата.
„Како основа за тие политички пазарења нема да се земат гласовите што ги добиле во 2020 година на предвремените парламентарни избори, туку ќе влијаат во доста голема мера и изборните резултати од локалните избори па некои помали партии ќе добијат поголеми апетити и во извршната власт“, вели Селими.
3. Трето сценарио- владата не добива доверба, опозицијата прави влада
Ако мнозинството од 61 пратеник најавено од Мицкоски остане ќе и се изгласа недоверба на актуелната влада. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, но и претставници на партиите на Албанците кои ги дадоа своите потписи, неколкупати нагласија дека собраното мнозинство е да се урне Заев, но не и да се формира влада. Мицкоски најави дека, сепак ќе се обиде да го стори тоа, а ако не успее, опцијата се брзи предвремени избори. Ако успее да формира влада 20 дена откако претседателот Пендаровски ќе му го достави мандатот, тогаш земјава би добила власт со нова политичка определба.
Според Кржаловски, ова сценарио не е невозможно, иако вели не е многу веројатно. Тој смета дека ако опозицијата покаже мнозинство во четврток ќе се смени и динамиката, па можно е други да се приклучат кон тоа мнозинство и да не биде клучно да бидат и партиите на Албанците кои што изразија резерви за иста влада со Левица.
„На крајот на краиштата Левица и не мора да биде во владата, но може да ја поддржува, односно да ги гласа предлозите на таа нова влада, да ги поддржува политиките, а да нема министри во неа“, вели Кржаловски.
4. Четврто сценарио- владата не добива доверба, никој нема мнозинство
Можноста да не и се изгласа доверба на владата, а Мицкоски да не успее да формира новa се чини дека е најдиректниот и најбрз пат до избори. Во тој случај Кржаловски вели дека ќе продолжи да функционира сегашната влада со Заев како премиер, оти како што вели таа нема да има мнозинство, но и ниту опозицијата нема мнозинство за да формира влада.
Законски рокови нема до кога би можела да трае ваква статус кво ситуација, но во таков случај прогнозите се дека многу тешко би се одвивала работата на влада која нема мнозинство во Собрание да протурка ниту еден закон.
Селими оценува дека секое статус кво не може да се смета за добро решение за државата која додава дека ја чекаат и разговори со соседна Бугарија за деблокирање на македонскиот европски пат.
„Со таква влада веројатно најдоброто решение би било да има избори кој би произвеле ново парламентарно мнозинство иако ние само што ги завршивме тие процеси и тоа би значело нови државни пари за политичките партии, нови препукувања, нов застој на економијата и ред други реперкусии кои се случуваат кога имаме избори“, вели Селими.
Инаку, последните парламентарни избори се одржаа лани во јули, а вториот круг на локалните избори заврши пред десетина дена. И во 2019 година се одржаа избори, тогаш редовни претседателски, а една година претходно, во 2018 година граѓаните беа повикани да излезат на референдум за промената на името. И 2016 и 2017 година беа изборни. Првата се одржаа предвремени парламентарни избори, а во 2017 година беа редовните локални.