Достапни линкови

Функционерите ќе добијат по 1000 евра покачување на плата


Архивска фотографија - Претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски на Совет за безбедност.
Архивска фотографија - Претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски на Совет за безбедност.

Претседателите на државата, на Собранието и на Владата за неколку дена ќе добијат повисоки плати за околу 70 илјади денари. Платите на претседателот на Уставниот суд и потпретседателите на Собранието ќе бидат повисоки за околу 60 илјади денари, а на министрите и пратениците за околу 56 илјади.

Функционерите за неколку дена ќе почнат да добиваат плати повисоки по околу 1000 евра, по одлуката на Уставниот суд, според која платите на функционерите можат да се зголемат за речиси 80 проценти.

Платите на функционерите се пресметуваат така што основицата се множи по одреден коефициент во зависност од функцијата. Законот за плати на функционери предвидува основицата да биде просечната плата од претходната година, но со години беше замрзната на пониско ниво. Судот на 21 март одлучи да го укине замрзнувањето, по што платите значително ќе се зголемат.

Највисоки плати од функционерите имаат претседателот на државата, на Собранието и на Владата. Законот предвидува тие да добиваат плата во висина на просечна плата од минатата година помножено со коефициент 4,5. Просечната бруто плата исплатена во 2022 е околу 47 илјади денари. На тоа се додава зголемување од половина процент за секоја година работен стаж.

Според таа одлука, претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски за неколку дена ќе добијат покачување на платата од околу 70 илјади денари. Досега земаа околу 90 илјади, а од сега по околу 160 илјади денари.

Претседателот Стево Пендаровски е единствен од функционерите кој соопшти детална пресметка за неговата досегашна плата и се побуни против големото покачување.

Пресметка на досегашната плата на претседателот на државата, според неговиот Кабинет

Основица: 4,5 х 26.755,00 МКД = 120.398,00 мкд
Минат труд: 18% од 120.398,00 мкд = 21.672.00 мкд
Вкупно бруто: 142.070,00 мкд
Вкупно придонеси: 49.129,00 мкд
Нето за исплата: 92.941,00 мкд

Според пресметката што ја направи Радио Слободна Европа, зголемената плата на претседателот, по одлуката на Уставен суд, ќе изнесува 164.817 денари нето.

Пресметка на платата на претседателот на државата

Основица: 4,5 х 47. 637МКД = 214.366,5 мкд
Минат труд: 18% од 214366,5 мкд = 38.585,97 мкд
Вкупно бруто: 252.952,47 мкд
Вкупно придонеси: 70.826мкд
Нето за исплата: 164.817мкд

Според пресметките на Радио Слободна Европа, премиерот Димитар Ковачевски ќе зeма плата од 156.482 денари, а претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе има плата од 166.207 денари. Месечната плата на највисоките функционери во државата е нешто повисока од цената на еден квадрат станбен простор во централното градско подрачје во главиот град.

Просечната нето плата, пак, во Македонија сега изнесува околу 34 илјади денари, а од овој месец минималната плата е покачена на 20.185 денари. Работник со минимална плата треба да работи осум месеци за да заработи колку премиерот или претседателот што ќе заработи за еден месец. На тој што зема просечна плата ќе му требаат скоро пет месеци за да заработи една плата на премиер или претседател.

После платите на највисоките функционери, според законот, со плати следуваат претседателот на Уставниот суд и потпретседателите на Собранието, кои имаат коефициент 4 и сега ќе добиваат плата од околу 140 илјади денари, наместо досегашните околу 80 илјади, со претпоставка дека имаат 30 години стаж.

Коефициент за пресметка на плата од 3,7 имаат пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител и секретарите на Владата и Собранието. Нивната плата ќе се зголеми од сегашните околу 70 илјади на околу 126 илјади денари, под претпоставка да имаат 20 години стаж.

Исклучок е само министерот за внатрешни работи, кој има додаток на плата од 20 отсто за извршување на функцијата, па неговата плата е речиси иста колку на премиерот. Така министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе има плата од 153.037 денари.

Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023
Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023

Секоја наредна функција има по нешто понизок коефициент. На пример, градоначалник на општина со помалку од 10 илјади жители има коефициент 2,7.

До одлуката на Уставен суд, бруто платите на функционерите се пресметуваа така што коефициентот определен за секоја функција се множеше со фиксен износ од 26.755 денари, наместо да се зема просечната бруто плата исплатена во минатата година.

Уставниот суд се изјасни дека тие не одлучувале за висината на платите, туку дека се барала оцена на уставноста на конкретни одредби. Како неуставно е оценето тоа што досега основицата била замрзната.

Претседателот Пендаровски ја повика Владата преку законско решение да го регулира ова прашање. Тој смета дека е „невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет“.

По одлуката на Уставниот суд, владините функционери кон крајот на март изјавија дека ќе работат на корекции, за да не бидат платите толку високи, но сè остана на ветувања. Потоа премиерот Димитар Ковачевски рече дека одлуките на Уставниот суд треба да се почитуваат, оти се конечни.

Властите со месеци уверуваат дека ред кај функционерските плати ќе се стави со нов закон за плати.

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска рече дека законот треба да воведе систем на праведна и правична исплата на платите.

„На законот интензивно работат министерствата неколку месеци, првиот момент штом ќе биде во завршна фаза, сигурно ќе биде ставен на увид на јавноста за дискусија. И по тој момент реално ќе се знае кои се предлозите во оваа насока“, рече Грковска неодамна одговарајќи на новинарско прашање.

Од вицепремиерите таа има највисока плата, оти има и најмногу години стаж. Грковска треба да земе плата од околу 130 илјади денари. По неа следува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од околу 127 илјади денари. Првиот вицепремиер Артан Груби и министрите за надворешни работи и за одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска ќе имаат плата од околу 125 илјади денари, оти имаат и ист стаж. За околу 3000 денари помала плата од нив ќе има вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Премиерот Димитар Ковачевски и министрите на владина седница, архивска фотографија.
Премиерот Димитар Ковачевски и министрите на владина седница, архивска фотографија.

Од Владата за РСЕ не одговорија до каде е најавеното разгледување на можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата.

Владата на својата интернет страница ги објавува платите на премиерот и министрите. Но таму сè уште стојат старите министри и старите плати, иако кон крајот на февруари и почетокот на март беа сменети неколку министри и заменици министри, откако владата доби нов коалиционен партнер.

Од Светска банка побараа Владата да ја преиспита одлуката за зголемување на платите, оти „во време на криза, ваквото покачување не е во ред“. Од таму се надеваат дека Владата ќе го исправи тоа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG