Достапни линкови

Фросина Пармаковска: Верувам дека еден ден ќе бидеме „полуѓе“


Контекстот во кој јас се наоѓам, контекстот во кој целиот свет се наоѓа за време на пандемијата, стана одличен сетинг за движењето (или недвижењето) на мојот лик, вели писателката Фросина Пармаковска која цели две недели е во државен карантин и времето го исполнува со испишување на својот нов роман.

Фросина Пармаковска, македонската писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ за третиот свој роман „Одбројување“ ( Или-Или), по тронеделниот работен престој во Софија, соседна Бугариja, согласно мерките за превенција и заштита од корона вирусот, веќе две недели е во државниот карантин во еден скопски хотел. Таму стивнувајќи ја бурната животна и творечка енергија трпеливо очекува да помине определениот временски период за потем, здравје, да и се врати на динамиката на „редовниот живот“ каков што го познававме или можеби допрва ќе го креираме.

И, како што вели, времето во новонастанатите услови го исполнува со размислување за себе и светот што ја опкружува и со испишување на страниците на својата нова книга.

Пармаковска деновиве својот роденден го прославивте во државниот карантин во атмосфера која нималку не е славеничка. Сепак, персоналот направил се* да се почувствувате барем за миг посебно. Како писател, како творец каква слика, какви слики, трајно испишавте во сопственото сеќавање?

- За чудо, од овој мошне необичен роденден меморирав еден куп убави слики кои цел живот ќе ги паметам. Прва слика: една кеса полна изненадувања од некој кој дојде во регуларниот термин за достава од 11 до 12 часот и мавнување преку прозорецот (кое живот значи), втора слика: медицинскиот и хотелскиот персонал како ми пее Среќен роденден со торта, свеќички и желби за побрзо излегување (гест кој го памтам и ќе вратам); трета слика: онлајн прослава со моите другарки со сите марифети од музика, играње, пеење (секогаш ќе ги сакам само заради ова); четврта слика: уште една онлајн прослава со моето семејство (кое многу ми недосига но сум благодарна што можам да ги гледам на камера); петта слика: втора смена медицинскиот персонал со воената полиција, нова честитка и чоколадо (и ним им памтам); шеста слика: романот и пишувањето чија рутина не застана во новата ситуација, туку напротив, сето тоа доби уште една димензија и нов тек на работите што се случуваат... и уште многу многу слики не само тој ден, туку и за време на целиот престој во државниот карантин.

Од друга страна, до вас стигнаа бројни пораки со „желба за оздравување“. Малку чудно, ако се знае дека вие во карантин влеговте по враќањето од соседната држава каде како писателка требаше да престојувате во текот на март годинава. Тоа, пак, на виделина ја вади нашата човечка себичност која се чини, за жал, станува животна практика – стигмата кон заразените, болните. Во случајов со вирусот Ковид 19. Што ни се случува според вас? Што се случува со човекот во нас?

- И јас не можев да се изначудам на пораките за побрзо оздравување, но тоа е последица на лошата информираност, претпоставувам. Лошата информираност, паниката, предрасудите ја произведуваат стигматизацијата, прво кон болните, но и кон луѓето во државните карантини. Сакам овде само малку да доловам како изгледа државен карантин, особено за тие луѓе што мислеа дека со отворањето на државни карантини во нивните градови доаѓа заразата: нашето движење е ограничено исклучиво во собата во која што сме сместени; не смееме ниту да ја отвораме вратата освен кога бесконтактно ни мерат температура или ни оставаат оброк на масичката покрај вратата; прозорците се отвораат само на кипање; имаме можност секој ден од 11 до 12 да добиваме достава од нашите блиски кои не влегуваат во хотелот туку полицаец со целосна заштита ја зема од нив кесата и ја носи до пред нашата соба. Правилата строго се почитуваат, а во спротивно, предвидена е санкција. Имаме одлични услови, редовен оброк, медицинска и полициска контрола и средства за дезинфекција. Така што, нема апсолутно никаква потреба од паника, хистерија и ширење дезинформации. Што се однесува до стигмата кон болните, тоа е практика која колку што ужаснува толку е и апсурдна имајќи на ум дека никој не имун на оваа или која било друга болест – па зарем не им е јасно на сите тие луѓе кои ги преплавија социјалните мрежи со омраза и осуда дека Инфективната клиника може да биде и нивна варијанта и варијанта на нивните блиски, во уште полош случај? Единствен простор за осуда и за санкција, според мене има за луѓето кои не ги почитуваа мерките за самоизолација и го загрозуваа јавното здравје свесно придонесувајќи за ширење на заразата.

Во Бугарија сте останале се до моментот додека тоа било можно. Рековте додека сте можеле да пишувате по парковите во Софија. Што е со пишувањето сега? Се чини време на претек, во творечка кондиција сте...но успевате ли да им избегате на канџите ваквата состојба и на чувството на изолација?

- Успевам и добро се држам. Првите денови ми беше тешко да се соочам со фактот што нема никаков начин да си одам дома и да се само изолирам, со ситуацијата на еден вид принудна изолација, но брзо ја прифатив реалноста и во истиот момент кога се случи тоа, почнав многу подобро да се чувствувам, ми се крена духот, си го продолжив пишувањето и сум многу задоволна. Така што, со исклучок на тие први два дена, мојот писателски престој продолжи на една друга, многу необична адреса. Секако, во оваа насока, големо значење имаат одличните услови во хотелот, но уште повеќе, медицинскиот, хотелскиот персонал, полицијата и нивниот грижлив и хуман третман.

Ќе биде ли сето ова пластично и непожелно искуство инспирација за некоја следна објава, за роман можеби?

- Ова искуство, и на мое изненадување, стана инспирација токму за тековниот роман кој го пишувам. Просто, самото си влезе на еден многу природен начин кој ниту сакав ниту умеев да го игнорирам и самата сум многу возбудена поради тоа. Романот е сѐ уште без наслов (обично насловите ги давам на крај) и, во едно многу кусо приопштување, се работи за човек кој си ја напушта фамилијата. Контекстот во кој јас се наоѓам, контекстот во кој целиот свет се наоѓа за време на пандемијата, стана одличен сетинг за движењето (или недвижењето) на мојот лик, повторно, на еден начин кој самиот себеси многу природно се наметна. Пишувањето и самото по себе е еден процес кој ве води во предели кои не ви се однапред познати, а ваквите околности, само придонесуваат кон авантурата на овој процес. Пишувањето на секој роман за мене е посебно, незаборавно и длабоко искуство кое ми е поважно од самиот роман во печатена форма – овој пат, тој процес просто, го надмина и сопствениот потенцијал за непредвидливост, необичност и широчина. На крај, сега засега сум многу задоволна од текот на романот и сите работи што и на мое изненадување се случуваат, но исто така свесна сум дека и по ова, откако сѐ ќе се испише и откако и последната реченица ќе се испише, ќе мора, односно пожелно е да помине еден период кој ќе овозможи друга перспектива на гледање на работите, период по кој ќе му „пресудите“ на романот дали оди назад на доработување или, пак, во печатење.

Конечно што би им сугерирале на вашите читатели, на пријателите, на луѓето ... од вашето искуство како да се справуваат со ваквите ситуации? Според ова што ни се случува какви ќе бидеме утре кога сево ова ќе стане некое лошо минато зад нас? Ќе излеземе ли барем како луѓе малку попаметни од оваа хорор приказна?

- Прашањето го содржи и најдобриот можен одговор што може да ми текне во таа насока: какви луѓе ќе бидеме после ова? Секој треба да си го постави ова прашање и да се однесува одговорно, трпеливо и грижливо СЕГА за да добие еден производ со кој ќе може да живее оној ден кога Ковид 19 ќе биде минато оставено зад нас.

И во оваа насока сум оптимист затоа што не можам а да не забележам дека на луѓето им недостигаат ситните, обичните, секојдневни работи од животот пред ова, а тоа единствено може да значи дека утре, таквите работи и повеќе ќе ги вреднуваат, ќе оставаат поголем и позначаен простор за нив. Ова што ни се случува е нешто навистина големо и јасно е дека ќе остави тешки последици на многу планови и многу полиња, колективното ментално здравје и расположение е само еден од аспектите на кој ќе мора многу да се работи за да се вратат работите онакви какви што беа или зошто не и подобри?

Јас, лично, со сите сили се обидувам да го задржам позитивниот дух, и фала Богу успевам да верувам дека кога ќе заврши се и кога ќе помине и оној постпандемски период кога можеби исплашени, уште ќе ја држиме дистанцата од метар и по меѓу нас, ќе бидеме поблиски од кога и да е, ќе бидеме подобри луѓе, ќе бидеме „полуѓе“, ете, во тоа верувам.

Инаку, родена 1985 година во Скопје, Фросина Пармаковска дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Автор е на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ од 2013 година („Култура“ - Скопје), „Вишнова хроника“ наредната 2014 ( Или-Или) и „Одбројување“ од 2017 (Или-Или) за кој ја доби наградата „Роман а годината“, а има објавувано и раскази во книжевните списанија во земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG