Само неколку дена откако Комората на сметководители упати апел до надлежните институции да се забрани употребата на хемиската материја бисфенол А во фискалните сметки бидејќи истата е штетна за човековото здравје, дел од трговците и продавачите забележале дека граѓаните избегнуваат да земаат сметки со купувањето на производот.
„Ако до вчера скоро сите ми бараа фискални за да ги скенираат и да добијат поврат на ДДВ, сега веќе одбегнуваат да ги земат. Дури не сакаат ниту во ќесата со јадење да им ја ставам фискалната“, вели една продавачка во локално дуќанче.
Откако ја слушнале оваа информација во медиумите, граѓаните кои ги прашавме велат дека се загрижени и оти сега избегнуваат да ги земаат фискалните сметки. Оние пак кои се уште ги земаат за да ги скенираат, велат дека веднаш потоа мијат раце.
„Ако земам сметка, веднаш потоа си ги мијам рацете“, вели Јоце Николовски од Скопје.
“Тоа требало да го знаат пред да ги пуштат во употреба фискалните, а не сега да ни кажуваат. Ако се знаело дека е штетно, требало уште тогаш да реагираат, а не сега“...
“Па не ми е страв зошто често мијам раце “...
„Нормално дека се плашиме, и не ги земам или ако ги земам веднаш ги фрлам“, велат анкетираните граѓани.
Препораката на Комората на сметководители е во најкраток рок по примерот на ЕУ да се забрани употребата на оваа хемиска материја и да им се даде рок за државните институции, приватниот сектор и трговските објекти да ги заменат артиклите кои содржат штетни материи со нови кои не содржат вакви материи.
„Како пример, во ЕУ дозволен е таканаречениот преоден рок од шест месеци, производителите и дистрибутерите да се прилагодат или да започнат да користат термичка хартија на пазарот која не ја содржи оваа хемикалија“, вели Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.
Нема место за паника
Упатените велат дека не треба да се шири паника во јавноста. Професорот Јане Богданов од Институтот за хемија при Природно-Математичкиот факултет во Скопје објаснува дека обичниот потрошувач кој пазари на неколку мести и добива по неколку фискални сметки на ден, нема доволно контакт со сметките кои содржат бисфенол А, за да има доволно време да се пренесе на кожата, па преку кожата да навлезе во организмот. Тој истакнува дека најизложена категорија се касиерките во големите маркети и наједноставна заштита е да се носат ракавици. Сепак, додава дека се уште е дискутабилно, дали термалната хартија е извор на изложување кој има значителен удел во севкупниот внатрешно изложување.
„Од моја гледна точка најпроблематичниот дел е акумулацијата на бисфенолот А во рециклираната хартија, како и отпадната поликарбонатна пластика. Едно еколошко решение е да се сегрегира термалната хартија (и таа што содржи бисфенол А) од другите видови на хартија. Понатаму следува сегрегација на пластиките и забрана за согорување на истите“, одговара професорот Јане Богданов.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека тие немаат надлежност за контрола на фискалните сметки, бидејќи се работи за предмети за општа употреба и нивната контрола е во надлежност на Државниот санитарен инспекторат. Оттаму додаваат дека во однос на присуството на бисфенол А во пластична амбалажа која доаѓа во директен контакт со храната, согласно измените и дополнувањата на европската регулатива 10\2011, која е транспонирана во националната легислатива, забранета е употребата на Бисфенол А во производство на поликарбонатни шишиња и чаши за новороденчиња и мали деца.
„За останатите поликарбонатни пластични производи и епокси смолите кои се користат при производство на премази и облоги, а кои содржат Бисфенол А, дефинирана е граница на специфична миграција на Бисфенол А и истата изнесува 0,05 мг/кг“, се вели во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.
И Државниот здравствен и санитарен инспекторат се изјасни како ненадлежен за контрола на присуството на токсичната супстанција во фискалните сметки.
Коментирајќи ја оваа препорака од Комората на сметководителите, министерката за финансии Нина Анѓеловска деновиве изјави дека ја разгледуваат новината од ЕУ и дека заедно со УЈП ќе ги направат сите анализи, а доколку има потреба ќе се направат сите усогласувања со стандардите со Европската Унија.
„Ја разгледуваме новината воспоставена од Европската Унија за и ние да се усогласиме и доколку анализите утврдат дека можеме што поскоро да го направиме тоа, ќе пристапиме и ние кон истото“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.
Но, според професорот Богданов, не треба да се брза и не треба да се прават нагли промени и да се форсира користење на замени за бисфенолот А, бидејќи и новите соединенија се слични по хемиска структура,а тие не се доволно тестирани и не се познати нивните долгорочни ефекти.
Каква супстанција е Бисфенол А?
Бисфенолот А е индустриска хемикалија која се произведува во значителни количини. Се користи како мономер при производство на поликарбонатни пластики, епокси смоли и винил естерски смоли. Тој во мали концентрации го има во сите горе наведените пластични материјали. Се користи како компонента во термалната хартија (како таа за фискални сметки).
Неповолно за нас и природата е тоа што познато е дека бисфенолот А може да мигрира од материјалите во околината. Неговата акутна токсичност е мала. Но, треба да се напомене дека е ксеноестроген, т.е. „страна“ супстанца која го „имитира“дејството на хормонот естроген. Спаѓа во групата на соединенија со ендокрини нарушувачки (дисрупторни) својства. Тоа пак, би значело намалување на плодноста, влијание на развојот на плодот и нарушена работа на хормонскиот систем, однодно предизвикување дебелина, дијабетес тип 2 и други нарушувања на метаболизмот.
Колкава концентрација на бисфенол А е опасна за здравјето?
Европската комисија наложила забрана на користење на термална хартија која е содржи повеќе од 0,02% бисфенол А (масен удел) од втори јануари 2020 година. Таа што досега била или е во употреба содржи (во зависност од употребената технологија) околу 0,043% (42,6 mg/g). Само за илустрација - една фискална сметка со просечни димензии од 7,5 cm х 20 cm, со маса од 0,8 g, содржи околу 35 mg бисфенол А.
Но, она што е најважно е времетраењето на нашето изложување и начинот на внесување. Според некои студии, даден е проценет дневен внес од 0,4 μg на ден до 71 μg на ден.
Интересна студија била направена во 2014 година кога била следена концентрацијата на бисфенолот А во урина по 2 часовно континуирано користење на фискални сметки, со и без ракавици. Во случајот на користење на фискални сметки забележано е зголемување на концентрација на бисфенол А, додека во случаите каде се користени ракавици не е забележано сигнификантно зголемување. Научниците заклучиле дека се зависи од времето и начинот на изложување.
Професорот Богданов вели дека за трансфер на БФА од фискална сметка на кожа, а потоа навлегување во организмот, удел имаат и други фактори како што се: влажноста на рацете, колку ни се мрсни прстите, дали имаме ставено крема за раце и друго.
Инаку, забраната за употреба на оваа материја во Европската унија стапи на сила по први јануари 2020 и засега таа подразбира само нејзино исклучување од термичката хартија, односно дека не смее да биде повеќе од 0,02 проценти. Во соседна Србија забраната ќе почне да се применува од јули годинава. Минатата година, Швајцарија стана првата земја во Европа што забрани бисфенол С (БПС) и бисфенол А (БПА) да се користат во термичка хартија.