Достапни линкови

Интимна посвета на уметноста на Саша Николовски Ѓумар


Плакатот за концертот
Плакатот за концертот

„Омаж за Саша Николовски -Ѓумар“ е насловен концертот посветен на големиот македонски диригент и уметник што оркестарот на Филхармонија ќе го изведе овој четврток, на 7 април. На програмата се дела на Сергеј Рахмањинов, солист на пијано ќе биде Дино Имери, а диригент маестро Вања Ѓумар Николовски.

Филхармонија го продолжува својот исклучителен од кон висините од актуелната сезона „Во движење“. Овој четврток на програмата е концертот насловен како „Омаж за Саша Николовски -Ѓумар“ посветен на големиот македонски диригент и уметник. Затоа пред почетокот на концертот ќе биде отворена изложба со дела на диригентот чија пасија беше сликањето, а на програмата се две дела од славниот руски композитор Сергеј Рахмањинов - Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи Дино Имери, а диригент ќе биде маестро Вања Ѓумар Николовски, братот на Саша кој специјално за оваа пригода допатува од САД каде што подолго време живее и работи.

Пресреќен што сум дома, блиску до мојот ценет брат. Емоции на претек, задоволството е огромно. Едно од важните огледала на нашите метафизички разговори е секако и музиката на Рахмањинов. Зошто танците: па за време на нашиот заеднички престој во Санкт Петерсбург, тие танци беа нашата лозинка, нешто што професорот Мусин длабоко го врежа во нашите умови. А Третиот клавирски: па тоа е неизведениот бисер во музиката за кој Саша и Дино имаа големи планови. И ете, долетав за да ја извршам мојата мисија, да ги пополнам коцките што недостасуваа, вели маестро Вања Ѓумар Николовски.

Маестро Вања Ѓумар Николовски на гала отворањето на 45 „Денови на македонска музика“ минатиот петок во НОБ

А, врвниот македонски пијанист и солист на овој концерт Дино Имери, забележува дека за Маестро Саша Николовски-Ѓумар „би можел да говори многу и пак тоа да не биде доволно и затоа ќе каже кратко и од срце“.

Беше навистина огромна привилегија да се биде дел од една генерација на млади луѓе кои го фатија и доживеаја неговото време. Беше обдарен со огромен талент, харизма и искрена непресушна љубов кон музиката, животот, луѓето, младите...
Соработувавме, другарувавме, споделувавме многу заеднички моменти. Вистински го запознав покрај мојата сегашна сопруга диригентката Дијана Имери Илкоска, студент во неговата класа на кој беше особено горд. Не' гледаше како свои деца.
Останаа многу неостварени планови, средби, неизведени партитури, а меѓу нив и Третиот концерт на Рахмањинов кој требаше да го изведеме заедно. Но, на моја огромна радост овој концерт ќе го изведам со Маестро Вања Николовски-Ѓумар - една прекрасна и целосна уметничка личност со која да се изведува вакво дело е огромно задоволство и чест, ќе рече Дино Имери.

Тој и со дополнување дека Концертот за пијано и оркестар број 3 на Сергеј Рахмањинов се смета за „вистински пијанистички Монт Еверест“.

Едноставно кажано, Третиот концерт на Рахмањинов е вистински пијанистички Монт Еверест. Не случајно се смета за едно од најкомплексните, но и најубави дела од целокупниот репертоар за пијано и оркестар.
Тоа подразбира еден многу, многу долг, тежок и трнлив пат полн со подеми и падови додека се стигне до него.Целиот тој пат навистина се сврстува во една од оние работи на овој свет кои не можат да се "купат" или "брзо стекнат", смета пијанистот.

И, кога сме веќе кај појаснувањата збор-два и за големиот руски романтичар.

Сергеј Рахмањинов (1873-1943) има посебно место во историјата на музиката. Беше композитор кој пишуваше исклучително романтична музика, иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Критиката забележува дека тој продолжил таму кај што застанал Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век со индивидуализам и препознатливост. Според стручњаците Концертот бр.3 е фантастично музичко дело, иако многу малку пијанисти ќе се сложат со Рахмањинов дека е „попријатен“ во техничка смисла од Вториот. Она по што е препозатлив, типичен и уникатен е фактот што не е напишан во типично романтичарски рамки во кои солистот е „главна ѕверка“, туку има по хуман музички контекст во кој солистот свири флексибилно, посветено и заедно со секој музичар во оркестарот учествува во создавањето на музичкото дело.

Рахмањинов посебно го почитувал Сиимфонискиот оркестар на Филаделфија и неговиот музички директор Јуџин Орманди. Како пијанист со него настапувал повеќе пати, а како композитор исклучително го ценел квалитетот на овој симфониски оркестар. Некаде околу 1930 година, тој во една прилика изјавил дека секогаш кога пишува оркестарска музика го има овој ансамбл на ум.

„Со оркестарот на Филаделфија сакам да настапувам најмногу, тоа ми е омилен ансамбл“, истакнувал Рахмањинов. Кога започнал да работи на „Симфониските танци“ освен што на ум го имал овој Оркестар, воедно мислел и на тоа дека овој ансамбл премиерно ќе го изведе ова дело. Инаку ова не е еднинственото дело кое Рахмањинов го напишал за оркестарот од Филаделфија – тука се и „Рапсодија на тема од Паганини“ и Концертот за пијано и оркестар број 4 кои исто така првпат се изведени токму од овој ансамбл. Светската премиера на „Симфониските танци“ се случила на 3 јануари 1941 година и тоа всушност била последната негова композиција - Рахмањинов починал две години откако ги завршил „танците“.

Роден 1990 година, Дино Имери е еден од врвните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите перформанси. Настапувал во Австрија, Италија, Франција, Хрватска, Бугарија ( рекордни пет пати во три сезони и бил гостин на Софиската Филхармонија, дополнително изведувајќи рецитал со дела од македонски автори во рамки на циклусот „Музиката на Европа – Македонија“), во Словенија и во други земји.

За неговата уметност стручната критика ќе напише: „Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“

Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои наградата „Виртуози“ за млад музички уметник, „Св. Мајка Тереза“ за хуманост, бил Лауреат на Фондација „Томислав Зографски“, и е во рангот на десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie и други.

Покрај концертната дејност, Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи меѓу кои „Dino Imeri LIVE“ (2010, Piano Plage France), “Reflections” (2020, PMG Jazz), “Passions” (Con:tempo, 2021) ... Тој бележи бројни успеси и како млад композитор, пишувајќи музика за филм, театар (соработка со независната трупа АРТОПИА), балет („Дијалози“ на Ивана Коцевска), инструментална и вокална музика, мултимедијални проекти („Проста и строга македонска песна – 100 години од раѓањето на Блаже Конески“).

Со своето образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ-Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Во 2018 година Дино Имери се стекнува со звање доцент и предава на својот Алма Матер – на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје .

Вања Ѓумар Николовски се школувал во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломирал на одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во една година подоцна и на одделот за композиција во кластата на проф. Властимир Николовски. Во 1995 и 1996 година специјализирал диригирање во Санкт Петербург на Конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје во класата на проф. Гоце Коларовски.

Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, Хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес …). Паралелно со ова активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на „Деновите на македонска музика“, „Охридско лето“, средбите на музичките академии од поранешна Југославија. Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност.

Во своето творештво минува низ различни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Во ова време ги проучува и композиторските системи на Месијан и Шенберг и уште некои алтернативни правци преку кои се обидува да го пронајде патот за најавтентичен израз на своите музички инспирации и да воспостави директна и непосредна врска меѓу својата музика и публиката.

Бескрајната творечка љубопитност подоцна го водат и во други творечки правци (минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја, туку и на другите народи од различни континенти. Сето тоа резултира со полустилистичко музичко творештво што би требало да биде синтеза на различностите во еден единствен музички универзум. Денес, со веќе изграден творечки стил, Вања Николовски во создавањето на своите дела приоѓа на интуитивен и рационален начин. Притоа, особено важна улога во неговиот опус игра ритмичката компонента.


  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG