Затворските чувари се однесуваат како да се уличари, катастрофално. Цело време сме малтретирани психички, но има и случаи кога физички не напаѓаат, а немаме каде да се жалиме“. Ова за Радио Слободна Европа го вели затвореник И.А. осуден на 13 години затвор кој казната ја издржува во установата во Идризово.
Неговата изјава е денешна и преку неа тој ја опишува состојбата во најголемиот македонски затвор Идризово сега, во 2021 година. Но, детално ваквиот однос на затворските службеници, но и други недостатоци констатирала и мисијата на Советот на Европа која во земјава престојувала од втори до 10 декември 2019 година. Тие на 11 мај оваа година го објавија својот извештај основан врз она што го видел Европскиот комитет за превенција на тортурата и нечовечкиот пристап или деградирачки третман и казнување преку Мисијата на Советот на Европа составена од седум члена.
Посетиле седум полициски станици во различни градови, затворите во Скопје, Штип, Гевгелија, Куманово, Охрид, психијатриските болници во Демир Хисар и Негорци и специјалната институција за ментални болести во Демир Капија. Со оние кои ги затекнале таму детално разговарале за тоа што им се случувало.
„На четврти октомври 2019 година во Струмица полицијата апси човек кој додека лежи на земја со рацете одзади полицаец го удира со воки-токи Моторола по главата. Од ударите се онесвестува два пати. Пренесен е во локалната болница а дијагнозата е- контузија на главата со хематоми околу очите. Самиот се жали и на болки во главата и градите“.
„Во април 2019 година, група луѓе се приведени за упадот во Собранието во 2017 година. Сега се веќе осудени и казната ја издржуваат во штипскиот затвор, а тврдат дека кога биле во Идризово биле тепани од други затвореници кои се од различна етничка група од нивната“.
Ова се само два примера наведени во нивниот извештај кој се чини и генерално не е охрабрувачки за она што досега го сработиле македонските власти.
Боксови и клоци за непослушните затвореници
„Повеќето затвореници кои ги интервјуираше делегацијата рекоа дека биле третирани коректно од вработените во затворот. Како и да е во затворот во Идризово делегацијата доби бројни наводи за физичко малтретирање како шлаканици, удари, боксови, клоци и удари со гумена палка како одговор на непослушно однесување или повторени барања за посета на доктор. Понатаму, насилството меѓу затвореници останува сериозен проблем во затворите во Идризово и Скопје. Неколку случаи на насилство и психичко вознемирување (меѓу кое и сериозно самоповредување) се потенцирани во извештајот“, се наведува во документот на Советот на Европа кој детално, на 104 страници ги опишува состојбите.
Надлежна за состојбата во македонските затвори е Управата за извршување санкции која според ингеренции врши „организирање, спроведување и надзор над законитото извршувањето на санкциите, почитувајќи ги личноста и достоинството на осудените лица согласно меѓународните стандарди, во заштитата на нивните права, ресоцијализација и нивно интегрирање во општеството“.
Радио Слободна Европа ги праша во Управата како гледаат на ваквите забелешки и што направиле за подобрување на ситуацијата од 2019 година досега. Од таму велат дека во целост се свесни за проблемите со кои се соочува затворскиот систем. Една од работите што ги преземале за да ги подобрат условите, објаснуваат од таа институција, се проектите за реконструкција на затворите и како што наведуваат ќе се продолжи со изградбата на новите објекти во Идризово особено во затворено одделение каде се констастирани лоши услови. За тоа се обезбедени, велат од Управата 31,8 милиони евра.
„Имајќи ја во вид динамиката со која се градеа претходните објекти, очекуваме исто така целосно да ја реализираме и втората фаза, а тоа би значело подобрување на условите за престој во КПД Идризово во чии рамки во првата фаза беа изградени нови два објекта чии сместувачки капацитет е за 546 осудени лица“, велат од Управата за извршување санкии.
Непроменета ситуација со години
Но, ситуацијата која сега од Управата велат дека се обидуваат да ја подобрат воопшто не е нова. Новинарот Томислав Кежаровски, кој и самиот беше во притвор во затворот во Шуто Оризари од мај до ноември 2013 година поради наводно оддавање идентитет на заштитен сведок во еден од своите текстови, вели дека и тогаш пред седум години затворските службеници се однесувале исто.
„Да бидам искрен, психичко насилство беше правено врз мене од затворските чувари“, вели Кежаровски.
Како човек што бил внатре вели дека проблемот во македонските затвори треба да се лоцира во образованието и раководните кадри,
„Моите согледувања од тоа време и од ова време, однадвор е дека ништо не е променето во потребното образование на вработените и во институцијата затвор. Се обидовме да иницираме деполитизација на работното место директор на затвор меѓутоа тешко е да се разговара на оваа тема во Македонија“, вели Кежаровски.
Народниот правобранител Насер Зибери исто така забележува дека оваа ситуација се провлекува со години, а порано вели била уште полоша. Концентрирајќи се на просторните услови, кои ги споменува и Советот на Европа и Кежаровски, Зибери вели дека тука е направен некаков напредок.
„Со градењето на некои капацитети барем во однос на оптовареноста и бројноста на сместените затвореници состојбата е подобрена но останува и понатака нашата забелешка и препорака до Управата за извршување санкции и Министерството за правда за подобрување на условите за сместување и здравствената заштита“, вели Зибери.