Достапни линкови

Наставниците подготвени, но чекаат насоки за старт на учебната година


илустрација
илустрација

Просветните работници се подготвуваат за почеток на учебната година со физичко присуство. Но повеќето училишта низ земјата сѐ уште ги чекаат учебниците, а во тек се и обуките за наставниците кои ќе предаваат според новата образовна концепција

На една недела од почетокот на учебната година, во некои училишта се уште недостасуваат учебници, а наставниците кои ќе им предаваат на учениците од прво и четврто одделение кои ќе учат според новата образовна концепција, сѐ уште посетуваат обуки за промените во наставната програма.

Она што засега е сигурно е дека учебната година ќе започне со физичко присуство за сите ученици, иако од Министерството за образование и наука најавија дека тоа би можело да се смени, при промена на епидемиолошката ситуација во земјава.

Наставниците со кои разговаравме велат дека се подготвени да почнат да работат со учениците во училниците, иако како што велат сѐ уште чекаат конкретни насоки од ресорното министерство. Одделенскиот наставник Гоце Бумбароски од ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп се сомнева дека протоколите ќе се почитуваат во ситуација во која сите ученици од прво до деветто одделение ќе бидат во училиштата, за разлика од лани кога тој број ученици беше помал и се однесуваше само на учениците од прво до трето одделение.

„Училиштата не се подготвени затоа е предизвик дали толкав број на ученици ќе може да ги испочитуваат протоколите во време на пандемија. Ова ќе ни биде преголем залак, но ќе видиме како ќе биде. Исто така мислам дека обуките за наставниците кои ќе работат по новата концепција, малку се задоцнети, еве и денеска има обуки на една недела пред стартот на учебната година сме. И иако од МОН даваат насока за физичко присуство, колегите држат онлајн обуки, што е малку симптоматично“, вели Бумбароски.

Од ОУ „Кирил и Методиј“ од Тетово пак велат дека оваа учебна година се поподготвени за реализација на наставната програма. Сатки Исмаили, наставник-ментор во ова училиште, вели дека наставниците се подготвени да работат според новата програма и новите дигитални учебници кои се предвидени за наставата од септември. Покрај дигиталната форма за учебниците за четврто одделение, истите треба да ги има и во печатена верзија, но повеќето училишта сѐ уште ги немаат добиено.

„Учебникот не е единствен ресурс во наставата. Тој е многу важен, но има и други ресурси. Важен е пристапот на наставниците, односно како ќе ја реализираат наставата. Новата концепција дава такви можности. Добриот наставник ги има сите можности, тој треба да се прилагоди на новините и од неговите лични компетенции, зависи како ќе ја реализира наставата“, посочува Исмаили.

Министерката за образование и наука Мила Царовска пак денеска соопшти дека учебниците што ги откупува и дистрибуира МОН навреме ќе стигнат до училиштата. За прво одделение се печатат учебници по нови наставни програми и според новата Концепција за основно образование и тие навреме ќе бидат распределени. Во четврто одделение, каде што исто така ќе се работи по нови наставни програми како и во прво, треба да почне дигитализацијата.

Бирото за развој на образованието, посочи Царовска, има подготвено материјали за учење за четвртоодделенците. Дигиталните учебници ќе бидат поставени на платформи за преземање, а децата во социјален ризик на реверс од училиштата ќе добијат дигитални уреди.

Инаку, дигиталните материјали за учење се уште една алатка повеќе со помош на која учениците ќе го совладуваат материјалот. Од Министерството за образование и наука потсетуваат дека користењето на новите материјали за учење почнува од почетокот на новата учебна година како дел од реформските процеси во основното образование кои ќе се спроведуваат етапно.

За вклученост на сите ученици во квалитетно и современо образование МОН набави 10.000 таблети, од кои 3.000 се веќе дистрибуирани на училиштата, а се наменети за ученици од четврто одделение кои се од социјално ранливи семејства.

Авторите на новите дигитални учебници велат дека истите се иновација во приодите за учење и во функција на остварување повисоки постигања на учениците и зголемување на функционалната писменост. Тие уверуваат дека понудените активности во материјалите за учење дават можност да се реализираат самостојно, во парови и групно со што се зајакнува и тимската работа, се буди натпреварувачкиот дух и се поттикнува љубовта кај учениците да учат.

Иако воведувањето на новите дигитални учебници предизвика реакции во јавноста, па дури и протести на група граѓани кои се организираа преку социјалните мрежи, но министерката за образование Мила Царовска остана на ставот дека одлуката за дигитални учебници е исправна.

„Ние сакале, или не, светот и генерациите коишто доаѓаат се движат напред, а тоа го кажуваат и самите ученици кои велат дека повеќе сакаат да имаат материјали кои се дигитални, бидејќи на тој начин ќе бидат повеќе мотивирани да учат. Оттука одлуката за дигитализација на содржини за учење е исправна и ќе ги добиеме првите содржини за четврто одделение кои ќе ги имаме во пдф верзија испечатени, кои ќе ги имаме во дигитална верзија и ќе можеме да видиме учениците што повеќе користат. Сигурна сум дека учениците ќе бидат пресреќни“, изјави неодамна министерката Царовска.

Новата образовна реформа во основното образование годинава почнува со прво и четврто одделение, а целта е во деветтолетката целосно да се имплементира во следните пет до шест години.

Учебната година ќе започне на први септември за сите ученици со физичко присуство, но сепак предвидени се и исклучоци за ученици кои во семејството односно домаќинството имаат хронична болест, или самиот ученик боледува од хронична болест, или поради немедицински причини, за што одлука ќе носи самото училиште, ако има добра аргументација за истото.

Гимназија или стручно школо - Чиновник или занаетчија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:31 0:00

Ако епидемиолошката состојба се промени, тогаш МОН е подготвено за лесна и брза промена на моделот на настава со некое од резервните сценарија со кое секако ќе се обезбеди континуитет во образовниот процес.

Минатата година училиштата кои работеа со физичко присуство и со почитување на протоколите не биле трансмитери на вирусот, потврди и Комисијата за заштита на заразни болести. Бројот на позитивни случаи кај наставниците изнесуваше околу 1% од вкупниот кадар, а кај учениците 0,06 %.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG