Достапни линкови

Технологијата и Турција стојат зад воената победа на Азербејџан во Нагорно Карабах


Ерменски војници кај Степанакерт, 12 ноември 2020 година
Ерменски војници кај Степанакерт, 12 ноември 2020 година

Турција му помогна на Азербејџан да ја добие војната околу Нагорно Карабах споделувајќи високо-технолошко оружје, нова доктрина на војување и тактики на командосите на НАТО научени од војната во Авганистан.

На Азербејџан му беа потребни само 43 дена за да ја врати својата територија околу отцепениот регион Нагорно-Карабах - седум планински области кои беа окупирани од ерменските сепаратисти од понижувачките неуспеси на Баку на бојното поле од раните 90-ти години на минатиот век. Аналитичарите велат дека три фактори објаснуваат зошто Азербејџан овој пат бил толку успешен: технологија, тактика и Турција.

Алекс Меликишвили, истражувачки аналитичар, вели дека токму турската поддршка за Азербејџан ја направила војната „квалитативно различна од сите претходни конфликти“.

Тој додава дека присуството на турски борбени авиони Ф-16 на воениот аеродром во Ганка, вториот по големина град во Азербејџан, е „опиплива потврда“ дека геополитичката рамнотежа во Јужен Кавказ се сменила во корист на Азербејџан.

Супериорна технологија

Додека Азербејџан не објавува бројки за жртвите на своите трупи, не ја крие неговата употреба на најновите високотехнолошки беспилотни летала што ги купил од Турција и Израел за извршување воздушни напади и разузнавање на бојното поле.

Анкара и Москва ќе го контролираат примирјето во Нагорно Карабах

Снимките со беспилотни летала објавени од Министерството за одбрана на Азербејџан по избувнувањето на борбите на 27 септември, го откриваат хаосот што го направија силите на Баку - уништување на ерменски тенкови, артилерија, копнени утврдувања, па дури и руски анти-авионски ракетен систем С-300.

Маргарита Карамијан, ерменска ветеранка од војната во периодот 1992-1994 година од градот Хадрут, вели дека била шокирана кога видела формации од 30 азербејџански беспилотни летала како „го затемнуваат небото“ над југоисточното крило на Нагорно-Карабах за време на првиот бран на Азербејџанска воена офанзива.

Наведувајќи дека станува збор за „поинаква војна“ од раните 90-ти, Карамијан изјави дека етничките ерменски сили - вклучувајќи ги и нејзините син и сопруг - мораа брзо да научат да бараат засолниште под земја против воздушните беспилотни напади.

Ерменските сили едноставно беа „зачудени од технолошката надмоќ на Азербејџан на бојното поле“, вели Кан Касапоглу, директор на Програмата за истражување на безбедноста и одбраната во Истанбулскиот центар за студии за економија и надворешна политика.

Тој смета дека ерменските сили немале „електронско воено покритие или контра-вооружување“ за да се бранат од беспилотните воздушни летала на Азербејџан.

„Првата лекција што ја покажаа азербејџанско-ерменските судири е ранливоста на традиционалните копнени единици - оклопни, механизирани и моторизирани формации“ наспроти напредното вооружување и концепти на војување со беспилотни летала“, заклучува Касапоглу, додавајќи дека ерменските сили брзо биле уништени во „хаотично повлекување“ од позициите на фронтот.

Фуад Шахбазов, аналитичар во Центарот за стратешки комуникации со седиште во Баку, се согласува дека најзначајната предност на бојното поле за Азербејџан била неговата технолошка супериорност.

Шахбазов вели дека како членка на Организацијата за договор за колективна безбедност предводена од Русија, Ерменија „главно можеше да набави само оружје од руско производство“.

Руски хелихоптер урнат над Ерменија

„Околу 90 до 95 проценти од ерменскиот арсенал е вооружување произведено од Русија“, изјави тој за РСЕ. „Но, Азербејџан успеа да го диверзифицира својот арсенал со увоз на оружје од Турција и од Израел“.

илустрација
илустрација

Шахбазов забележува дека Баку исто така ги искористи своите приходи од извоз на нафта и природен гас во изминатата деценија за да купи оружје од земјите-членки на НАТО.

Тој наведува дека тие набавки вклучуваат радарски системи од Шпанија, самоодни хаубици ДАНА, од Чешка и „неодамна увезените беспилотни летала „Бајрактар“ од Турција.

„Беспилотните летала „Бајрактар“ носат четири ракети кои исто така ги произведува Турција - со „паметна микромуниција“, вели Шахбазов, додавајќи: „Овие беспилотни летала се користеа во Либија и Сирија каде што се покажаа многу ефикасни против сите оружја од руско производство“. „Во Сирија, овие беспилотни летала многу лесно ги уништија руските системи за воздушна одбрана како ракетите земја-воздух (САМ) С-300 и С-400“, додава тој.

Во Либија, неодамна беа уништени околу дваесетина руски системи за противвоздушна одбрана „Панцир-1С“ од страна на турските борбени беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“ и „Анка-С“, од кои вторите беа развиени од турската воздушна индустрија.

Касапоглу вели дека технолошката предност на Азербејџан не дојде само од борбените и беспилотните летала што ги купи. Клучна, вели тој, е Турција која исто така пренесе „целосна доктрина на роботска војна и концепт на операции“ во Азербејџан.

„Интересно, азербејџанската кампања со беспилотни летала силно личеше на операцијата на Турција „Пролетен штит“ против сириската армија уште на почетокот на 2020 година“, напиша Касапоглу во анализата објавена од фондацијата „Џејмстаун“ со седиште во Вашингтон.

Тој вели дека тоа беше демонстрирано од начинот на кој азербејџанската копнена артилерија и повеќеракетни лансери работеа „во тесна координација со беспилотни воздушни системи со задача за разузнавање и проценка на штета на битката“.

Шахбазов додава дека Азербејџан успеа да ја извлече и разоткрие ерменската противвоздушна одбрана со тоа што жртвуваше воздушна флота на авиони од типот Антонов АН-2 од времето на Советскиот Сојуз, што „веројатно ги купил од Украина“.

Дизајнирани кон крајот на 40-тите години на 20 век, сега најчесто се користат како запрашување на земјоделски култури или против пожари во шуми. Нашироко се сметаат како „неупотребливи“ во модерните борби.

https://www.slobodnaevropa.mk/a/30938947.html

Но, Шахбазов вели дека Баку ги искористил своите Антонов АН-2 за да можат да бидат управувани далечински на ниска надморска височина над ерменската противвоздушна одбрана.

„Тие ги маскираа за да изгледаат како беспилотни летала“, објаснува Шахбазов. „Ерменците објавија видеа од она што мислеа дека се беспилотни летала кои беа соборувани од нивната противвоздушна одбрана“.

Ерменски војници седат во задниот дел на камион, 15 ноември 2020 година
Ерменски војници седат во задниот дел на камион, 15 ноември 2020 година

„Она што навистина се случуваше е дека секогаш кога Ерменците погодија АН-2 со својата воздушна одбрана, вистинските азербејџански беспилотни летала на поголема надморска височина беа во можност прецизно да ги идентификуваат нивните позиции и лесно да ги уништат сите овие ПВО.“

Тактики на командосите на НАТО

Но, не беше само високо-технолошката, роботска доктрина што Турција, членка на НАТО, ја сподели со Азербејџан.

Снимки на платформите на социјалните медиуми како Телеграм - очигледно споделени од азербејџански војници - навестуваат како Баку исто така научи лекции од тактиките на коалиционите сили предводени од САД против талибанците на планините во Авганистан од крајот на 2001 година.

Во тие операции, трупите на НАТО не се собираа илјадници заедно според методите на конвенционална војна од 20 век - стратегија што бара логистички компликации на линиите за снабдување ранливи на герилски контранапади.

Преку авганистанската внатрешност и долж 3.300 километри граница со Пакистан, мали специјализирани тимови на командоси на САД беа испраќани на територијата на Талибанците да извршат мисии „за пребарување и уништување“.

Секој тим на командоси беше мешавина од десетина војници - од американските специјални единици, лесна планинска пешадија, маринци, припадници на морнаричките сили СЕАЛ и офицери на ЦИА.


Работејќи заедно со војниците од авганистанската национална армија, тие тимови на командоси користат уред познат како СОФЛАМ - ознака за ласер за специјални операции - за да ги наоѓаат позициите на талибанците во близина. Кога еден командосен тим би „насликал“ некоја цел со СОФЛАМ, коалиционите авиони што кружеле над бојното поле можеле да испуштат ласерски водени бомби врз целите.

Во офанзивата на Азербејџан на југоисток од Нагорно Карабах, откако беа отворени ерменските одбранбени линии со првичните напади со беспилотни летала, екипи командоси на Баку се инфилтрираа во шумите и го зазедоа високото подрачје околу градовите и селата.

Во Хадрут, само неколку дена пред двете страни да се судрат таму, етничките ерменски жители зборуваа дека гледаат „чудни луѓе, а не ерменци“ кои се инфилтрираат во испразнетите куќи за да воспостават присуство во градот.

Опишани како „групи на диверзанти“ и од Баку и од Ереван, азербејџанските командоси можеле да обезбедат координати на целите од нивните позиции на земјата.

Мустафа Хаџибејли, азербејџански ветеран од војната во раните 90-ти, за РСЕ изјави дека се чини дека тактиката се повторувала во текот на целата војна, бидејќи силите на Баку ги повратиле градовите и селата во јужниот дел на Нагорно-Карабах долж иранската граница со „принудување на непријателот да ги предаде градовите без поголеми судири“.

Шахбазов се согласува дека тактиката на командосите што ја користеле САД и НАТО силите во Авганистан била применета од Азербејџан за последните борби околу Нагорно Карабах - веројатно зајакнати од вооружените сили на Турција, кои играа клучна улога во Авганистан додека Анкара беше на чело на Меѓународната мисија - ИСАФ во Авганистан.


„Азербејџанските специјални единици главно се обучуваа во турските и пакистанските воени академии и во многу години“, изјави Шахбазов за РСЕ, додавајќи:

„Азербејџан научи добри лекции од поразите во 90-тите години и од четиридневната војна против ерменските сили во 2016 година“, вели Шахбазов. „Овој пат, за разлика од тие минати битки, Баку распореди мали групи диверзанти кои беа многу активни долж линијата за контакт“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG