Достапни линкови

Турку виа Скопје – Корона експорт-импорт ДОО


Меѓународен аеродром Скопје
Меѓународен аеродром Скопје

Сите луѓе што во Финска доаѓаат од Македонија одат во задолжителен двонеделен карантин, а ако го прекршуваат им следува три месеци затвор, откако од скопскиот аеродром само во еден авион им „извезовме“ 24 заболени од коронавирус.

Финска воведува тестирање и задолжителен карантин за луѓето што влегуваат на нејзина територија од ризични земји, меѓу кои и Македонија, откако во авионот од Скопје до финскиот град Турку во саботата биле откриени 24 позитивни на коронавирус. Во авионот имало 157 патници, а на финскиот аеродром доброволно се тестирале за коронавирус. За ризични земји се сметаат тие со повеќе од 8 до 10 нови случаи на ковид-19 на 100.000 жители во последните 14 дена. Македонија толку нови случаи има дневно. Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека коронавирусот станува извозен производ број еден.

Министерот за здравство Венко Филипче потоа појасни дека се работи за реекспорт, односно дека во авионот имало само двајца македонски државјани. Другите биле увезени од Косово, па извезени за Финска. Најчесто се работи за иселеници кои по престојот во родниот крај се враќаат назад во земјите во коишто живеат и работат. Дел од нив имаат државјанство од тие земји, а дел патуваат со бугарски пасоши.

Тоа што во авионот имало само двајца македонски државјани ништо не менува во новинските наслови што го обиколија светот. Авионот е од Скопје, а под прашалник се и аеродромските протоколи и ефикасноста на термалните камери на скопскиот аеродром.

По „извозот“ на заболени во Финска, македонската полиција спречи помал контингент заразени за Норвешка. Мајка и три деца, кои биле позитивни на коронавирус во земјава и имале решение за самоизолација, се обиделе да се качат на авионот за Норвешка, но биле спречени од полицијата.

Ако вака продолжиме ќе ни ги заклучат границите и клучот ќе го фрлат во пештера што ја чува двоглав змеј. Ќе може да одиме само до супермаркет. Само во нашата населба.

За граѓаните на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез во Македонија е потребен задолжителен ПЦР тест за коронавирус не постар од 72 часа, но таков тест не е потребен ако тие само транзитираат низ земјава. Дел од граѓаните реагираат дека тест треба да се бара дури и за транзит.

Сепак, Комисијата за заразни болести одлучи да не го прифати тој предлог и за транзитирање низ земјава и понатаму нема да биде потребен тест.

Некои велат во Финска работите биле попозитивни отколку во Македонија. Само во овој случај позитивно не значи и добро.

За песимистот чашата е половина празна, за оптимистот е половина полна.

Некои, пак, зајадливо коментираат дека сме почнале војна со биолошко оружје против Финска. Само што место Тројански коњ, во духот на времето, користиме тројански авион.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 12217, бројката на оздравени пациенти е 8487, на починати е 530, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3200. Во Финска, пак, досега се регистрирани 7642 случаи. Од нив 333 луѓе починале, 7050 оздравеле, а активни заболени се 259. Десет отсто од нив пристигнаа со авионот од Скопје.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG