Во дебатата која опфати низа прашања меѓу кои пандемијата на коронавирусот, номинирањето нов судија на Врховниот суд и расните односи, Трамп агресивно го нападна Бајден, а експотпретседателот одговори со остри удари.
Двајцата кандидати често разговараа меѓусебно, при што Бајден го нарекуваше Трамп за лажливец, кловн, „кутре на Путин“ за во еден момент да извика: „Зошто не замолчиш, човече?“.
Трамп, од своја страна, рече дека „радикалната левица“ го врти Бајден „околу прстот“ и му забележа на Бајден за неговото инсистирање за носење маска за лице, како што советуваа медицинските експерти.
„Мајкрософт“: Бајден и Трамп цел на хакери поврзани со Русија и Кина
Трамп исто така изјави дека бајденовиот син Хантер несоодветно имал корист од врските на татко му во Украина.
Обвинувањата и негирањата летаа толку често што модераторот Крис Валас од Фокс Њуз неколку пати покажа вистинска вознемиреност.
Тој беше особено фрустриран од Трамп, молејќи го претседателот да не го прекинува и потсетувајќи го дека неговиот изборен штаб се согласил со правилата.
Традиционалното ракување пред почетокот на дебатата беше откажано заедно со другите формалности поради пандемијата.
Соочувањето се одигра во аудиториум на универзитетот во Кливленд, Охајо, каде што присуствуваа околу 100 луѓе. Бајден го нападна справувањето на Трамп со пандемијата, велејќи дека претседателот „чекал и чекал“ да дејствува кога вирусот ќе стигне до бреговите на Америка и оти „сè уште нема план“.
Тој му рече на Трамп „да излезе од стапицата во песок“ – мислејќи на голф терените на Трамп - и да стигне до Овалната соба за да излезе со двопартиски план за спасување луѓе.
„Направивме одлична работа“, одговори Трамп, додавајќи:
„Но, јас ти велам, Џо, никогаш не ќе можевте да ја завршите работата што ја завршивме. Го немате тоа во крвта“.
Кандидатите исто така се спротивставија на веродостојноста на изборните резултати на 3 ноември, со тоа што Трамп посеа дополнителен сомнеж за гласачките ливчиња по пошта, кои ќе бидат користени заради пандемијата.
Трамп за време на дебатата повторно сугерираше дека можеби нема да прифати пораз и го критикуваше предвременото гласање и гласачките ливчиња по пошта, кои се користат со години во САД без сериозни проблеми.
Бајден ги повика гласачите да гласаат „на кој било начин“, велејќи „Трамп нема да може да ве спречи да го одредите резултатот на овие избори“.
Трамп ја номинираше судијката Берет за Врховниот суд
Кандидатите дебатираа и за номинацијата на Трамп на Ејми Кони Барет како замена за покојната судијка на Врховниот суд Рут Бадер Гинсбург. Бајден и другите демократи ја осудија номинацијата на Трамп пред изборите. Трамп рече дека републиканците победија во 2016 година и затоа имаат право на избор.
Трамп исто така го отфрли известувањето на Њујорк Тајмс во кое се тврди дека користел дупки во законот за да плати малку данок на личен доход во последните години.
Трамп инсистираше на тоа дека платил „милиони“ за данок и рече дека сите деловни луѓе го прават истото како и тој „освен ако не се глупави“.
Тој рече дека јавноста ќе ја види неговата лична пријава за данок, но не кажа кога.
Неколку часа пред дебатата, Бајден ги објави неговите даночни пријави кои покажуваат дека тој и неговата сопруга Џил платиле повеќе од 346.000 долари федерални даноци и други плаќања за 2019 година со приход од скоро 985.000 долари.
Кога темата се сврте кон расните односи во земјата, Трамп го заобиколи прашањето дали е подготвен да ги осуди белите врховисти и милитантните групи.
„Би рекол скоро сè што гледам е од левото крило, а не од десното крило”, одговори Трамп. „Подготвен сум да направам што било. Сакам да видам мир “.
Бајден го обвини Трамп дека сите работи ги користел „како свирче за кучиња за да се обиде да генерира расистичка омраза, расистичка поделба“.
Трамп пак, рече дека Бајден се однесувал кон Афроамериканците „лошо како и сите во оваа земја“.
Високиот тон на првата дебата веднаш го покрена прашањето дали преостанатите две дебати меѓу Бајден и Трамп ќе се одржат според планираното.
Следната дебата во кампањата е помеѓу потпретседателот Мајк Пенс и сенаторката Камала Харис на 7 октомври.