Достапни линкови

Термоелектраните на патерици – не произведуваат ни половина од можностите


РЕК Битола
РЕК Битола

За нешто повеќе од еден месец, Македонија потроши над 30 милиони евра за увоз на струја. Државните термоелектрани во изминативе денови работат со помалку од половина од капацитетот. Со пуштањето во употреба на термоцентралите Осломеј и Неготино, производството треба да се зголеми.

Во изминатите десет дена термоелектраните просечно работат со 40 отсто од капацитетот. РЕК Битола работи со 2 од трите блока, а ТЕЦ Осломеј се ремонтираше. Не работеше ни ТЕЦ Неготино. Имаше денови кога производството беше само 20 отсто од можностите.

Во исто време, Македонија троши десетици милиони евра за увоз на струја. Само во ноември била набавена струја за скоро 20 милиони евра. Во првите четири дена од декември беше увезена струја за 6 милиони евра, а од денеска до задутре треба да се потрошат уште 4 милиони, односно 10 милиони евра за една недела.

Кога сите електрани би работеле со полн капацитет, нема да има потреба од увоз, но никогаш не работат. Еднаш се расипал генератор, другпат трансформатор, па проблеми со котелот, па пукнала цевка, па се прави ремонт во среде грејна сезона.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред неколку дена обвини дека производството е намалено поради неспособност, но и поради корупција.

„Што е тоа што работи на најјако? Тендерите во четири очи со „херојски“ авансни провизии во милиони во РЕК Битола. Увозот од десетици милиони евра на струја со што авансно се полнат џебовите на власта“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

По подолга пауза, од вчера беше вклучена термоцентралата Осломеј, по ремонтот кој траеше неколку месеци. По два месеци сервис и ремонт, денеска започна процедурата за пуштање во употреба и на ТЕЦ Неготино. РЕК Битола, пак, работи со два од трите блока, а имаше денови кога работеше само еден блок. За работа на третиот блок се чека трансформаторот од Турција тежок 240 тони.

Властите очекуваат да пристигне до средината на овој месец. Поради тежината, композицијата долга 60 метри побарува специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина, соопшти државниот производител ЕСМ.

Графит во строгиот центар на Скопје
Графит во строгиот центар на Скопје

Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски денеска рече дека снабдувањето со електрична енергија е сигурно и стабилно.

„Производството е зголемено и нема прекин, односно намалена испорака на електрична енергија“, рече тој.

Термоцентралите Битола и Осломеј, кои произведуваат струја од јаглен, имаат вкупен инсталиран капацитет од над 800 мегавати, што значи дека за 24 часа би можеле да произведат над 19 илјади мегаватчаса струја.

Дополнително, ТЕЦ Неготино, со инсталиран капацитет од 180 мегавати би можел да произведе над 4300 мегаватчаса струја дневно од мазут.

Производството во хидроцентралите зависи од количината на вода, но во изминатите денови произведуваат по над 4000 мегаватчаса дневно.

Тоа значи потенцијално производство на околу 27 илјади мегаватчаса струја дневно.

Во изминатите денови, домаќинствата и фирмите за кои државниот производител ЕСМ обезбедува струја трошат помалку од 18 илјади мегават часа дневно. Сепак, не може да ги произведе ни тие, па увезува по околу 4000 мегаватчаса дневно, што во зависност од берзанската цена на струјата чинат над 1 милион евра.

Кога сите капацитети би работеле како што треба, државата би можела да обезбеди струја, не само за регулираниот пазар, туку и поевтина струја за големите фирми кои се на слободниот пазар. Во истовреме, ЕСМ ќе работи профитабилно. За справување со енергетската криза, владата му префрли на ЕСМ над 60 милиони евра во изминатите четири месеци.

ЕСМ пред два дена се пофали дека во 11 месеци од оваа година го зголемиле производството за 26 отсто. Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека граѓаните од 1 јули ја намалиле потрошувачката за 16 проценти, а владините институции постојано се фалат дека трошат за 20 отсто струја помалку од лани. Сепак, и тоа не е доволно, па дневно се трошат по над 1 милиони евра за увоз на струја.

Владата вели дека произведува доволно струја за граѓаните и малите фирми кои се на регулираниот пазар. Се увезува струја за болници, градинки, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура во државата, за кои од минатиот месец владата се обврза да обезбеди поевтина струја.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG