За прекршување на човекови права во судски постапки државава во последниве десетина години исплатила над 2 милиона евра покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“. Највисоката исплата од вкупно 190 илјади евра лани ја добиле тројца македонски државјани како надомест за имотно правен спор со Владата. Станува збор за денационализација на имот односно процес во кој македонските судови застанеле на страната на власта која во 2008 година не сакала да им ја врати во сопственост земјишна парцела која претходно им била одземена од нивниот починат родител, а во меѓувреме државата ја продала на друг сопственик кој на 1.500 квадратни метри изградил бензинска пумпа.
„Судот во Стразбур утврди постoење на услови за реален поврат на земјиштето, но домашните органи не ја испочитувале таа постапка, бидејќи доделиле само обврзници и судот во Стразбур тука најде реална повреда и досуди пазарна вредност на земјиштето кое требаше нашите органи да им го вратат во постапката за денационализација“, вели поранешниот владин агент во Стразбур Коста Богатинов.
Најмалата исплата по пресуда од Стразбур изнесува 7 евра покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“.
Според статистичките податоци од Бирото за застапување на Македонија пред судот за човекови права во Стразбур, од 1995 година кога Македонија стана член на Советот на Европа, а со тоа дел од европската конвенција за човекови права, Судот за човекови права донел 153 пресуди против државата. Од вкупно 153 пресуди против државата, 108 се однесуваат на прекршување на правото на судење во разумен рок.
Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека сите пресуди во Стразбур укажуваат на слабостите во македонското судство поради кое е мета на критика со години.
„Ниту Р од реформа не е направено во судството, ние го имавме и извештајот од Прибе каде точно беа лоцирани проблемите, дури имавме и неколку насоки и за предметот Јустиција во извештајот на Советот на Европа.Така што ова само ги потврдува критиките за слабостите во нашето судство, тргнувајќи од селективниот пристап, двојните аршини, судење во неразумен рок како и притворот како казна“, вели Давидовиќ.
Во последниот извештај на Бирото за застапување на Македонија во Стразбур е наведено дека многу од предметите кои стигнале до Судот за човекови права се однесуваат на непристапноста, начелото на еднаквост на оружјата во судската постапка како и отсуство на правна сигурност и конзистентна судска пракса.
„Од друга страна, презумпцијата на невиност, еднаквоста на оружјата и правото на одбрана во врска со допуштеноста на исказите од отсутни или сведоци со прикриен идентитет (загрозени) сведоци и присуството на обвинетиот на рочиштето, оценката на вештите наоди и мислења, допуштеноста на незаконито стекнати докази , користењето на агент провокатор и правото на толкувач беа адресирани во многу кривични предмети пред ЕСЧП,“ се вели во последниот извештај на Бирото.
Само во текот на 2018 година до судот во Стразбур против Македонија се поднесени 305 апликации што значи намалување во однос на претходната година кога биле поднесе 345 тужби.
Начелно пресудите од судот за човекови права во Стразбур укажуваат на недостатоците во македонските судови. Проблемот со судски постапки во неразумен рок е надминат со измените на законот по 2011 година, со што се воведе правен лек во Врховниот суд, вели адвокатот Костадин Богданов кој шест години како владин агент ја застапуваше Македонија во Стразбур . Тој вели дека во изминативе години со пресудите од Стразбур излегоа на површина другите недостатоци на македонското судство.
„Најголем дел до износите што се исплаќаат се во однос на нефер постапки од други аспекти, непочитување на еднаквост на оружја или други основни процедури кои треба да гарантираат правична постапка и обично тие оштети не се големи, се движат од илјада, две илјади евра, но затоа што се голем број на предмети и дават голем износ. Исто така знам дека имаше голем број на предмети од управната проблематика како денационализација и експропријација како и 4 до 5 предмети за исплата на оштета за лустрациите кои Стразбур ги оцени како нефер, односно дека луѓето немале правична постапка и чести се предметите за право на сопственост“ вели Богданов за РСЕ.
Давидовиќ ни изјави дека овие пари кои се исплатени од буџетот односно од парите на граѓаните се резултат на неквалитетното судство.
До Судот за човекови права во Стразбур честопати стигнуваа и групни предмети каде што луѓе се жалеа на долготрајноста на мерката притвор. Еден од првите беше од уапсените за „Змиско Око“ каде 38 од вкупно 72 приведени ја тужеа државата за неправедно задржување во притвор. Стразбур пресуди во нивна корист. Последен таков случај е и предметот на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски против државата поради неправедно задржување во притвор поради предметот „Пајажина“. Судот пресудил да му се исплати штета на Рамковски во вредност од 780 евра. Поради тригодишен притвор осудениот Бајруш Сејдиу добил 660 евра оштета по пресудата во Стразбур. Кривичниот суд против Сејдиу донесе две пресуди со што требаше да одлежи 12 ипол години затвор поради малверзации со стечајни постапки, фалсификување на цигари и злосторничко здружување