Струјата по Нова година ќе поскапува и од тоа нема бегање, а колкаво ќе биде поскапувањето сепак ќе биде политичка, а не економска одлука, вели универзитетскиот професор Константин Димитров.
Македонија е зависна од увоз на струја, а увозната струја во моментов е многу скапа. Производителот ЕСМ му ја продава струјата на ЕВН Хоум по 37 евра за магават/час. Поради дефект во РЕК Битола, ЕСМ во изминатите денови купува струја на светските берзи која ја плаќа по 200 – 250 евра за мегават/час, односно шест пати поскапо од продажната цена. Берзанската цена на струјата денеска е околу 190 евра за мегават/час.
Ако Европа нè принуди да плаќаме по околу 60 евра за тон емисии на јаглерод диоксид, со тоа дополнително ќе поскапи струјата која ја произведуваме од јаглен, вели Димитров.
„Колку ќе реши државата да се плаќа за да сочува социјален мир, да има гласови за предвремени или редовни парламентарни избори е само политичка одлука и колку ќе може надвор да позајмува пари за да го одржува мирот. Би било мудро тоа поскапување да биде постепено, да не биде удар одеднаш, да може народот тоа да го поднесе. Зависи од тоа колку пари има владата да субвенционира во производството, во електростопанството во Македонија и колку пари ќе има да купува за тоа што недостига. Од тоа сè зависи“, вели Димитров.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски вчера рече дека поскапувањето ќе биде прецизирано откако големите енергетски компании ќе ги направат набавките.
„Најмалку 60 проценти треба да обезбеди ЕСМ, ќе видиме колку ќе обезбедат и по која цена. Исто така доколку има потреба од увоз на електрична енергија за ЕВН Хоум. Нека се завршат овие тендери и ние веднаш ќе ја информираме јавноста какви ќе бидат очекувањата врз основа на реалните трошоци коишто ги имаат компаниите и коишто воопшто не зависат од случувањата во Македонија“, рече Бислимовски.
Немаше инвестиции во енергетиката, па сега нема домашна струја
Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач вели дека Македонија има ниско производство на струја поради малите инвестиции во енергетиката во изминатите децении. Според него, ценовните удари може да ги преживеат оние земји кои имаат доволно производство на струја за да си ги задоволат потребите, а Македонија не е меѓу нив.
„Најлесно преживуваат оние кои имаат домашно производство на струја, зашто се уште можат да го амортизираат тоа на некој начин. Северна Македонија за жал нема доволно сопствено производство, нема јаглен во Осломеј, нема јаглен во Битола, односно има малку, и затоа многу зависи од увозот и тоа секако се рефлектира на цената, го сакале ние тоа или не“, рече тој.
Копач, кој дојде во земјава два дена по прогласувањето на кризна состојба во енергетиката, препорачува инвестиции во обновливи избори на енергија и во енергетска ефикасност. Професор Димитров вели дека е неопходно да се изградат нови големи капацитети за производство, како изградбата на трите гасни централи од по 100 мегатави во тетовско, штипско и велешко, за кои веќе била подготвена студија.
Само во изминатата година струјата за домаќинствата беше два пати поскапена. Еднаш во август 2020 година, кога имаше зголемување за 7,4 отсто, додека во јули оваа година за 12,3 проценти, но тогаш Владата го намали ДДВ-то од 18 на 5 отсто за сметките на граѓаните да останат речиси непроменети. Сепак, оваа мерка е предвидено да важи ограничено време. Од јули наредната година ДДВ-то за струјата ќе се покачи на 10 отсто, што значи дека и сметките на граѓаните ќе се покачат за 5 проценти, само по основ на ДДВ, а во 2023 година повторно ќе се врати на 18 отсто, што ќе значи ново зголемување на сметките.