Стручните и работливите почнаа да бегаат од администрацијата, што не е случај со партиските клатачи на врата. До пред неколку години властите се жалеа на недостиг на информатички кадар, но сега почнуваат да фалат различни профили квалификувани вработени.
Двајца судии избегале од Македонија да работат како камионџии во Германија, велат во Синдикатот, па што останува за другите. Дел од административците заминуваат во приватниот сектор, каде што платите се повисоки, а други заминуваат во странство. Оние на коишто им фалат пари, а не сакаат да ја напуштат земјава, летно време земаат неколку месеци неплатено, па сезонски работат во странство, за со тие пари да може да преживеат.
Синдикатите се жалат , но и властите потврдуваат дека се случува масовно заминување на стручни кадри од јавниот сектор. Министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска вели дека имаме гломазна администрација, но на едни места има превработеност, а на други фалат работници.
„Секојдневно се одлева кадар од државната администрација во приватниот сектор. Добрите работници секојдневно си заминуваат во приватен сектор. Во разговор со колегите кои си заминуваат, најчеста причина е платата“, рече Тренчевска во интервју за Слободна ТВ.
Министерот за финансии Фатмир Бесими претходно се пожали дека не може да ги задржи стручните и професионални кадри зашто земаат ниски плати и предложи покачување од 30 проценти.
Во сите испитувања на јавното мислење, граѓаните се жалат на бавната и неефикасна администрација. Ова само ќе го влоши проблемот.
Професор Драган Гоцевски, кој долги години го истражува ова прашање, вели дека задржувањето на квалитетни кадри во администрацијата е проблем кој трае веќе 15 години, но сега станува посериозен.
Администрацијата беше привлечно место за вработување до 2007 година, затоа што нудеше сигурност, стабилност и повисоки плати од приватниот сектор, па партиите ги користеа за вработувања по партиски или етнички клуч за да привлечат приврзаници. Но, потоа работите почнаа да се менуваат, вели тој. Платите не растат, трошоците се зголемуваат, а само малку луѓе го понесуваат целиот товар на работата.
„Особено тие стручни коишто треба да ја работат работата и кои знаат да ја работат работата, тие си заминуваат. Остануваат голем број вработени на коишто не им се распределуваат работни задачи. Ако не сакаш да се импровизира, каде што со протекции седиш, дремеш и пиеш кафе и си тера животот, а во одделение од петмина, само еден е магарето, а другите дремат, тоа не е место каде што можеш да привлечеш амбициозни луѓе, и не е место каде што можеш да задржиш луѓе“, вели Гоцевски.
Тој посочува дека нема магичен лек за решавање на овој проблем преку ноќ. Да се зголемат плати, да престанат вработувања со врски, правично да се распределуваат работните задачи, па со тек на време да се среди, но ќе требаат години, вели тој.
Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски алармира за масовен егзодус на административците.
„Од секаде заминуваат, па дури имавме примери на двајца судии од помали судови од внатрешноста, да ја напуштат државата за да работат како шофери на камиони во Германија. Сега ќе дојде лето и македонските административци се јавуваат како сезонски работници во странство. Источниот дел на државата заминуваат на неплатено отсуство и работат во Италија и Австрија, западниот дел во Германија и Швајцарија и сега најново е заминуваат да работат на јадранскиот брег како готвачи и келнери за да можат со тие пари што ќе ги донесат да ја поминат годината во Македонија“, рече Деановски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Синдикатот бара мораториум за вработување во јавниот сектор, за да може моментално вработените да се обучат, да се унапредат и да добијат поголеми плати за да останат во државата.