Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани пратениците во Собранието вечерва ја изгласаа новата македонска Влада која ќе ја предводи новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски. Два дена траеше дебатата меѓу пратениците. Опозицијата не го поддржа новиот владин состав, наведувајќи дека тој нема легитимитет и дека сметаат оти ќе ги продолжи политиките на претходната Влада на Зоран Заев. Тие бараат да бидат организирани брзи предвремени парламентарни избори. Пратениците кои ја поддржаа Владата, велеа дека таа црпи легитимитет од парламентарните избори во 2020 година.
Гласањето за нова Влада се случи откако претходниот премиер Зоран Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година, кога ја најави оставката и од премиерската функција. Потоа Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ и го доби мандатот за формирање на Влада од претседателот Стево Пендаровски, по обезбеденото мнозинство во Парламентот.
Ковачевски во завршните зборови, пред гласањето, им се заблагодари на пратениците за поддршката, но и за критиките и наведе дека се надева оти опозицијата ќе биде конструктивна во носењето на одлуките во интерес на граѓаните. Тој додаде дека со работа во Владата ќе почнат веднаш, особено на решавање на енергетската криза.
„Легитимитетот на Владата е неспорен, и со зголемената поддршка на мнозинството одржливо во следните две ипол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. До тогаш ќе работиме посветено на економијата и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните“, рече Ковачевски наведувајќи дека по средбата со бугарскиот премиер Петков во вторник, сакаат да воспостават нова осработка со Бугарија базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност.
Собранието вечерва го изгласа новиот владин состав од 21 министер. Од кадрите кои ги предложи СДСМ, Славица Грковска е избрана за вицепремиерка за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси; Славјанка Петровска за министерка за одбрана; Никола Тупанчевски за министер за правда; Љупчо Николовски за министер за земјоделство; Јована Тренчевска за министерка за труд и социјална политика; Бисера Костадинова Стојчевска за министерка за култура; Бојан Маричиќ за вицепремиер за европски прашања; Фатмир Битиќи за вицепремиер задолжен за економски прашања; Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи и Благој Бочварски за министер за транспорт и врски.
Во однос на кадрите кои беа предложени од ДУИ, повторно како и во претходната Влада избрани се Артан Груби за прв заменик премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците; Бујар Османи министер за надворешни работи; Крешник Бектеши министер за економија; Фатмир Бесими министер за финансии; Насер Нуредени министер за животна средина и просторно планирање и Јетон Шакири министер за образование и наука.
Министерството за информатичко општество и администрација ќе го води Адмирим Алити од Алтернатива – партијата која е новиот партнер во владината коалиција, од каде исто така министер за здравство ќе биде Беким Сали, а Џемал Чупи министер без ресор задолжен за дијаспора. Министер за локална самоуправа останува Горан Милевски од ЛДП.
Собраниската дебата како и многупати во минатото се одвиваше со препукувања меѓу пратениците од различните политички табори: кој повеќе е виновен за проблемите во земјата, која влада била покриминална или покорумпирана, кој повеќе изградили или не изградил, обвинувања за афери, скандали, предавства и слично.
Пратениците од опозицијата пред Ковачевски да ги даде завршните зборови, рекоа дека граѓаните се уморни од неспособноста на СДСМ и ДУИ како власт.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече на Ковачевски му недостига политички легитимитет, но и дека ќе ја продолжи неодговорноста на претходната Влада, која како што посочи, била одговорна за зголемувањето на цените, економската, енергетската криза. Тој додаде дека во новиот состав на Владата се министри од претходната кои ја манипулирале јавноста за датумот за преговори за членство во ЕУ.
„Тимот за надворешна политика ви е многу слаб и компромитиран“, му рече Милошоски на Ковачевски.
Јован Митревски од СДСМ изјави дека пратениците од опозицијата претерале со „политикиот фолклор“ со тоа што го оспорувале легитимитетот на Владата.
„По таква наметната логика на опозицијата, можам да кажам дека барањето за брзи избори е затоа што за кратко време ќе се види неспособноста на градоначалниците да ги испорачаат предизборните ветувања“, рече Митревски. Тој додаде дека Декларацијата донесена во Собранието ќе биде единствениот патоказ во преговорите со Бугарија.
Ковачевски по вчерашното отворање на расправата, во експозето наведе дека владината програма ќе биде фокусирана на решавање на актуелните и идни проблеми во економијата, енергетската криза и пандемијата, но и дека ќе ги интензивираат преговорите со Бугарија со цел надминување на спорот и почнување на преговорите со ЕУ. Тој рече дека никој не смее и не преговара за идентитетот на македонскиот народ.
„Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја која развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратешки интерес да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ“, рече Ковачевски.
Претходоно денеска, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека земјата ја очекува ново предавство од власта во преговорите со Бугарија, а дека луѓето кои се виновни за прашања како енергетската криза, не можат да бидат решение за истите. Тие исто така рекоа дека во сите сектори на државата има криминал и корупцијаи дека новата власт ја очекува тежок период со голем притисок од јавноста и протести.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоранчо Јованов денеска рече дека потребни се предвремени парламентарни избори поради „економско-енергетското“ цунами.
„Немате направено еден единствен пат во државата. Зборувам за пат од идеја до реализација. Постоечките патишта ги уништивте“, рече Јованов.
Пратеничката од СДСМ Даниела Колева рече дека оваа Влада го има легитимитетот и кредибилитетот од последните парламентарни избори на кои мнозинството дало потврда.
„Владата во својата програма има голем број стратегии и оперативни планови, проекти, и програма која е прецизна, конкретна и јасна и со амбициозен и заокружен концепт ќе се продолжи со позитивни одлуки и континуирани сериозни чекори, рече Колева.
Препукувања имаше и меѓу пратениците од албанските партии. Алијанса за Албанците ја обвинуваа ДУИ за лоши политики, а пратениците од ДУИ реплицираа и аргументираа дека со години имаат најголема поддршка кај албанските гласачи.
Новата владина коалиција е составена од СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ и ДПА, а потоа се приклучи Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата. Зголемување на владејачкото мнозинство од 64 пратеници се случи со влезот на Алтернатива, откако претходно Беса ја напушти претходната влада.
Претходниот премиер Заев ја напушти функцијата по четири ипол години. Тој формираше Влада прво по изборите одржани во 2016 година, а потоа и по предвремените парламентарни избори летото 2020 година.