Достапни линкови

Ќе помогнеше ли Собранието за спорот со Бугарија?


Македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020
Македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020

Опозицијата не успеа да ја убеди власта дека за проблемите со Бугарија треба да се разговара и во Собранието. Аналитичарот Владимир Божиновски смета дека консензусот што би се постигнал би бил од полза, а Алберт Муслиу од АДИ дека не е сигурен дека наративот на политичарите ќе биде европски.

И вториот обид на опозицијата да отвори дебата во Собранието за разговорите со Бугарија и македонските црвени линии помина неуспешно. Опозицијата смета дека пратениците мора да знаат за што разговара владата, а власта пак, дека јавните препукувања може да бидат контрапродуктивни за обидите за решавање на несогласувањата меѓу Скопје и Софија.

Владимир Божиновски, директор на Институтот за политички истражувања Скопје смета дека за процесот на разговори меѓу македонските и бугарските политичари собраниската дебата и утврдување на позициите би биле од полза. Тој нагласува дека демократското уредување во земјава подразбира дека легитимитетот и на Владата извира од Собранието па поради тоа министрите треба да реферираат пред пратениците кога ќе бидат повикани.

„Создавање на консензус дома е претпоставка за да се дојде до подобра позиција во преговори со некои, трети надворешни фактори. Многу е посилна позицијата на преговарачкиот тим ако има поддршка од законодавната инсититуција како што е Собранието, а и колку повеќе луѓе се вклучени, толку подобри решенија може да произлезат“, вели Божиновски.

Инаку, и на првиот и на вториот обид на опозицијата оваа тема да се најде на дневен ред во Собранието пратениците од влајдејачкото мнозинство ја напуштија салата. По првиот обид реагираше вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров кој наведе дека дека би сакал да учествувам во дебатата во кој било формат, но дигитално, со оглед на Ковид19, на што добиле одговор дека нема таква можност според собранискиот деловник.

По вториот обид вчера, реагираше министерот за надворешни работи Бујар Османи кој рече дека е спремен да се сретне со опозицијата во Министерството, во нивното седиште, во Собранието, но дека нема намера да влезе во јавен политички дискурс или дебата кои може да бидат искористени за дневно политички прашања и може да му наштетат на тој витален процес, особено сега кога бил во завршница. Премиерот Зоран Заев пак, вели дека во Собранието не се отвора расправа за спорот со Бугарија бидејќи разговорите се во финална фаза и ,според него, опозицијата може да го искористи тоа за да добие политички поени.

Алберт Муслиу, политички аналитичар од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ вели дека е подобро да се има поширок политички консензус, но оти во овој случај земјата е во очекување дали ќе се пробие блокадата од Бугарија на македонскиот евроинтеграциски пат.

„Кога нашите политичари би можеле да се договорат заедничкиот консензус и став да биде со европски наратив и со европски вординг можеби во тој случај би било полезно и би му помогнало на процес, но знаејќи ги нашите политичари, а и наративот кој се користи сега, мислам дека тоа не би било голема придобивка“, вели Муслиу.

Инаку, овие неколку дена се сметаат за клучни за евентуално наоѓање решение меѓу двете соседни земји. Бугарија на досегашните состаноци на европските тела одлучи да ја блокира преговарачката рамка за зачленување на земјава во ЕУ поради тоа што во неа не се содржани бугарските барања, поврзани со македонскиот јазик и други историски теми, како и Договорот за добрососедство за чие спроведување Софија има забелешки.

Во меѓувреме, ниту средбата во живо меѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов неделава не даде конкретен резултат па бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов рече дека Скопје има рок до петок брзо да корегира што пропуштиле, а дека тие нема да направеле никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарските херои и со идентитетот на целиот нејзин народ, кој е дел од општата историја.

Македонскиот премиер Заев пак, кажа дека останува оптимист иако постои голема веројатност да не постигнеме договор. За краен рок се смета 17 ноември кога во Брисел треба да се одржи Советот за општи работи на Европската унија на која земјите членки треба да ја потврдат преговарачката рамка за Македонија и да одлучат дали првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ ќе се одржи во декември, како што беше претходно планирано.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG