Достапни линкови

Собранието да набави флипери, пратениците да не се досадуваат


Илустрација
Илустрација

Пратеникот Дарко Каевски беше „уловен“ како игра на мобилниот телефон за време на седница на собраниска комисија. За тоа ли земаат плата, прашуваат граѓаните на социјалните мрежи. Други, пак, иронично бараат да им се набават флипери.

Собранието да распише тендер и да набави флипери за на пратениците да не им е досадно на работа, иронично предлагаат граѓаните на социјалните мрежи, откако пратеникот Дарко Каевски од СДСМ беше „уловен“ како игра игрица на мобилниот телефон за време на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Морал на мобилен, зашто на фиксен е тешко изводливо. Нема белки јамб да играат, сепак сме 21 век, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Новинарот Матеја Петровски од ТВ Алфа го улови Каевски како си игра на мобилниот додека зборуваше неговата колешка Гордана Сиљановска – Давкова. Остана неодговорено дали младиот пратеник го поминал нивото.

Тежок е животот пратенички, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Пратеникот Каевски, во изјава за Фактор вели дека првпат му се случува вакво нешто.

„Јас сум еден од најредовните и најактивните пратеници, кој не отсуствувал од ниту една пленарна седница, ниту комисиска дебата во Собранието. Но, кога на говорницата имате колега кој слушате дека кажува флоскули и празни реченици, можеби некогаш ќе посакате да го оттргнете вниманието од тоа. Ова прв пат ми се случува, во принцип внимателно ги следам дебатите што се одвиваат во законодавниот дом“, изјави Каевски за Фактор.

Други, пак, велат голема работа – ако проблемот на државата е тоа што Каевски си играл, тогаш немаме проблем.

А и не е голема штета, коментираат трети.

Каевски не е прв политичар кој беше „фатен“ како игра на мобилен во Собранието. На собраниска седница на која се дискутираше за мерки за намалување на загаденоста во Скопје и Македонија во 2018 година, поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, „тепаше време“ со играње игрици на мобилниот телефон, додека зборуваше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.

Шилегов тогаш одговори дека му требаат „помагала“ за да може да го слуша Ѓорчев.

„Во Собранието постои Влатко Ѓорчев. Кога тој зборува, него и неговите паушални говори, мора да ги „надминете“ со помагала во форма на мобилен. Колку и да непристојно тоа делува од страна“, реагираше тогаш Шилегов.

Сепак, нашите пратеници се пристојни – тие само играат игрици. Добро, има и по некој љубовџија. Фоторепортерот на Фокус во 2012 година улови пратеник како разменува љубовни СМС пораки со извесна Наташа. Не беше објавено името на пратеникот.

Пратеничката група на конзервативците во британскиот Парламент во април годинава го суспендираше пратеникот Нил Париш, кој е под интерна истрага по обвинувањата дека гледал порно на својот мобилен телефон во Долниот дом на Парламентот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG