Достапни линкови

Со блок тарифи против „итарпејовците“ меѓу големите потрошувачи на струја


илустрација
илустрација

Со воведување блок тарифи и за големите фирми кои со изигрување на законот од регулираниот пазар купуваат поевтина струја, Владата ќе ги враќа на слободниот пазар. Со тоа ќе се избегне и непланиран увоз на струја. Финансиската полиција веќе извршила проверки на некои фирми и го известила обвинителството.

Владата од 1 декември со сила ќе ги врати на слободниот пазар големите фирми што со изигрување на законот од слободниот се вратија на регулираниот пазар за да трошат поевтина струја наменета за граѓаните и малите фирми. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), пак, воведува блок тарифи и за фирмите, исто како што претходно беше воведено за граѓаните, при што цените за големите потрошувачи ќе бидат толку високи за да не им текне повторно да се враќаат на регулираниот пазар.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вели дека со блок тарифите на кои работат, премногу големата потрошувачка ќе се наплаќа по цена повисока од берзанската за да се обесхрабрат големите потрошувачи да се враќаат на регулираниот пазар. Во крајна линија нема да биде битно чие е броилото, туку колку струја е потрошена.

„Доколку сакаат да се вратат на регулиран пазар на овој начин како што го прават, нема проблем, ќе се вратат, но ќе плаќаат цена којашто ќе биде нешто повисока и од пазарната и верувам дека на тој начин овој тренд ќе престане и дека нема да имаме многу итарпејовци да измислуваат разни начини како да се враќаат назад од слободниот на регулираниот пазар“, вели Бислимоски во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела.

На регулираниот пазар се оние фирми со помалку од 50 вработени и годишен промет под 2 милиони евра. Големите фирми набавуваат струја на слободниот пазар.

До лани цените на слободниот пазар беа пониски отколку на регулираниот, но откако цената на струјата на берзите почна неконтролирано да расте, околу 12 илјади потрошувачи пребегаа на регулираниот пазар за да користат поевтина струја.

Дел од нив се вратени оправдано, но меѓу нив имало индустриски компании, ланец маркети, аптеки, казина, осигурителни компании, мобилни оператори и речиси сите општини.

Општините формираа посебни јавни претпријатија со кои по пониска цена набавуваа струја за јавното осветлување. Големите фирми, пак, отворале помали фирми ќерки, а потоа го закупувале нивниот струјомер за да плаќаат поевтина струја.

Дел од нив го изиграле законот, но министерот за економија Крешник Бектеши рече дека стотина фирми директно го прекршиле и против нив ќе биде отворена истрага.

„За овие стотина компании и јавни комунални претпријатија ги информиравме Управата за јавни приходи и Финансовата полиција и очекувам дека и двете институции ќе постапат согласно законите“, рече Бектеши.

Од Финаниската полиција за РСЕ велат дека Регулаторната комисија за енергетика уште во летните месеци им доставила барање за инспекциски надзор „во врска со наводен неоснован премин на корисници на електрична енергија од либерализиран пазар на регулиран пазар, каде цената на електричната енергија е далеку поповолна и поевтина“.

„Од наша страна беа извршени проверки во одредени правни субјекти, а за добиените сознанија со соодветен писмен поднесок е известен надлежен јавен обвинител“, велат од Финансика полиција и додаваат дека во тек се проверки и во други правни субјекти.

Поради напливот на вакви фирми на регулираниот пазар, ЕСМ во првата половина од годинава потрошил 30 милиони евра за увоз на струја за да ги задоволи потребите, велат во Регулаторната комисија.

Штета е направена и на буџетот, зашто данокот на додадена вредност (ДДВ) на регулираниот пазар се плаќа по повластена стапка од 5 проценти, додека на слободниот пазар се плаќа редовната стапка на ДДВ од 18 проценти. Со тоа, ваквите фирми го оштетиле и буџетот.

„Во делот на плаќање на ДДВ мислам дека има злоупотреба и за ова се знае кои се одговорни институции кои треба да ги направат соодветните контроли“, рече Бектеши.

Владата одобри 2,9 милијарди денари на АД Електрани на Северна Македонија, за обезбедување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија. Со оваа одлука се задолжува ЕСМ овие средства да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија.

Инаку македонската влада од 1 септември прогласи кризна состојба во снабдувањето со парно на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво, а Собранието ја продолжи до крајот април, следната година.

Во исто време на сила стапија и мерките за штедење, а јавните институции беа задолжени да ја намалат потрошувачката на струја во септември за 15% во однос на истиот месец ланската година. Оваа препорака важи и за граѓаните и компаниите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG