Следењето на контактите со цел полесно пронаоѓање на нови кластери на заболени ќе биде предизвик за земјите кои излегуваат од карантин.
За спречување на евентуален втор бран на заразени со Ковид-19 земјите ќе треба да ги зголемат капацитетите на луѓе кои ќе работат на откривање на контактите на евентуалните нови заболени.
Брзо по олабавување на мерките, во Германија репродуктивниот број на заболувањето повторно се искачи над 1 а во Јужна Кореа од еден ноќен клуб има 85 заразени.
Затоа Светската здравствена организација вели дека следењето на контактите по примерите на Германија и на Јужна Кореа даваат надеж дека овие земји ќе можат да ги откријат контактите на луѓето и да го спречат понатамошното ширење на болеста.
Тоа во овие земји се прави преку масовно тестирање и преку воспоставување на голем систем на откривање на контактите на луѓето. Но не се која земја може да си го дозволи тоа.
„Возењето со затворени очи или со превез на очите е добра паралела за ситуацијата. Загрижен сум поради тоа што одредени земји се подготвени да возат со замижани очи во следниве неколку месеци“, вели Мајк Рајан главен експерт за итни состојби во СЗО.
Видео - Корона изговор за информативна хипер – контрола:
Репродуктивниот број е мерка за трансмисија на вирусот, или број на новозаразени од секој поединечен случај. Доколку тој број изнесува 1 тоа значи дека еден заразен ќе зарази најмалку уште едно лице со кое ќе има контакт.
Пример, во времето на избивањето на заразата во Вухан, репродуктивниот број беше проценет на 2,5 од страна на СЗО.
Предупредувањето од СЗО доаѓа откако повеќе земји, Италија, Шпанија, Франција, Белгија како и многу земји во САД започнуваат со олабавување на мерките за бизнисот и за граѓаните.
Колку луѓе се потребни за следење на контактите?
Во Германија, повеќе од 10 илјади луѓе работат на следење на контактите на заболените, што е тешко да се достигне од другите земји, анализира Асошиејтед Прес.
Таму, веќе се забележуваат нови случаи на инфекција кои сигнализираат дека вториот бран на пандемијата е многу блиску.
„Зголемувањето на репродуктивниот број Р не обврзува да го следиме развојот многу внимателно во следниве денови“, стои во извештајот на институтот Роберт Кох, пренесува Ројтерс.
Германија до сега беше посочувана како пример за добро справување со болеста.
Велика Британија пак која првично го одби методот на следење на контактите при појавата на заразата во март, сега бара 18 илјади луѓе кои би ја работеле оваа работа.
И Франција најави огромен систем за следење на контактите како и масовно тестирање со кое треба да бидат опфатени 700 илјади луѓе неделно. Но нејасно е како ќе се реализира ваквиот план откако највисокиот суд во земјата предупреди владата да преземе сериозни мерки за заштита на приватноста на граѓаните.
Данска исто така ќе го зголеми системот за следење на контактите за да спречи нов бран на коронавирусот.
„Доколку заразата повторно почне да се шири, ќе знаеме навреме. Затоа мора да воспоставиме ефективен систем за следење на контактите“, изјави премиерката Мете Фредериксен, пренесува Ројтерс.
Мора да ги изолираме болните, за да може да запреме создавање на нови кластери заразени без да мора повторно да ги запреме сите општествени процеси, додава таа.
Во САД, државите најмуваат по стотици или илјадници луѓе и експерти кои ќе работат на следење на контактите на луѓето.
Во Масачусетс се обучуваат повеќе од илјада лица кои ќе работат на откривање на контактите на заболените со помош на софтвер.
Во најпогодената држава од Ковид-19 во САД, Њујорк, започната е обуката на лицата кои ќе работат на откривање на контактите. Ќе бидат потребни 30 луѓе за следење на контактите на популација од 100 илјади. Врз основа на нивната работа, гувернерот Ендру Куомо најави дека некои делови од земјата ќе може да почнат со олабавување на рестрикциите до крајот на неделава.
Истражување на Центарот за контрола на болести и превенција од САД покажува дека следењето на контакти е тешко и одзема многу време.
Анализата на напорите на Калифорнија за спречување на ширењето на заразата во почетоците на нејзината појава во САД покажува дека за контактирање на патниците од Кина и од Иран било потребно 1.700 часа и повторно тоа не било доволно за спречувањето на ширењето на болеста.
Покрај олабавувањето на мерките, за заштита од ширењето на болеста улога играат и други фактори како големината на земјата, густината на населението и други фактори.
Од сите нив ќе зависи дали бројот на заразени ќе продолжи да расте и колку ќе биде лесно или тешко тоа да се контролира преку следење на контактите и масовно тестирање.
Токму затоа СЗО и експертите предупредуваат по завршувањето на карантинот државите многу внимателно да ги следат сите поединечни случаи на новозаболени од Ковид-19.
Подготви Марија Севриева