Достапни линкови

Скандалот со руските шпиони во Чешка, удар врз атомските амбиции на Москва?


Нуклеарната централа Дуковани, Чешка
Нуклеарната централа Дуковани, Чешка

Шпионски скандал ги урна односите на Чешка со Русија. Дипломатите се протерани. Но жртва можат да бидат и амбициите на руската државна нуклеарна компанија да добие повеќемилионски договор за изградба на нова нуклеарна централа во Чешка. Мајк Екел.

Тоа е еден од најголемите извози на Русија, извор на симболична гордост и на комерцијални приходи. Станува збор за атомската енергија, во форма на цивилна технологија за изградба и одржување на нуклеарни реактори низ целиот свет.

Државната компанија Росатом е двигател на таа политика, со амбиции за приход од скоро 15 милијарди долари надвор од Русија до 2024 година.

Сега шпионскиот скандал во Чешка, експлозиите пред седум години и руската воена разузнавачка агенција, се закануваат дека ќе ја отргнат можноста Росатом да гради нови нуклеарна централа во вредност од 7 милијарди долари во Република Чешка.

Чешки владини претставници изјавија дека го исфрлаат Росатом од наддавањето за проектот во Дуковани, околу 220 километри југоисточно од Прага.

Чешкиот вицепремиер Карел Хавличек рече дека одлуката е донесена од „безбедносни причини“. Конечниот процес на наддавање ќе биде ограничен на компании од Франција, САД и Јужна Кореја, рече тој.

Росатом ја опиша одлуката како политички мотивирана. „Жалиме за оваа одлука на чешките власти, бидејќи руската и чешката нуклеарна индустрија имаа сериозни изгледи за развој на заемно корисно партнерство, не само во Чешка, туку и преку заедничка работа и во трети земји“, соопшти Росатом, додавајќи:

„Руската понуда предвидуваше вклучување на стотици чешки и европски компании во проектот за проширување на нуклеарната централа Дуковани, што можеше да вклучува договори во вредност од милијарди евра. Така, со исклучување на Росатом од тендерот, чешките власти ја туркаат сопствената национална индустрија“.

Поглед на нуклеарната централа Темелин
Поглед на нуклеарната централа Темелин

„Ова е менувач на игри“, рече Павел Хавличек, политички аналитичар во Здружението за меѓународни работи со седиште во Прага, додавајќи: „Во однос на реториката, дипломатијата, политиката, ова е многу значаен гест, дека работите нема да бидат исти во иднина“.

Нуклеарни амбиции

Чешка произведува повеќе од една третина од целата електрична енергија од нуклеарна енергија, од две места:, во Темелин, околу 120 километри јужно од Прага, со два реактора и во Дуковани, со четири реактори.

Американскиот амбасадор во Москва се враќа на консултации во Вашингтон поради зголемените тензии

Сите се со советски дизајн; а првиот реактор започна со работа во средината на 1980-тите. И двата објекта се во најголем дел во сопственост на државната енергетска компанија ЧЕЗ.

Росатом и неговите непосредни претходници се главни носители на договори за помагање во одржувањето на реакторите, како и за преработка на потрошеното гориво што се користи во реакторите.

Американскиот енергетски гигант Вестингхаус беше донесен по кадифената револуција во 1989 година за да модернизира две единици на Темелин, а исто така да снабди и дел од неговото гориво. Но, чешките власти подоцна го вратија снабдувањето со гориво од Русија. Русија сега го снабдува целото гориво за чешките реактори.

До средината на 2010-тите, чешката влада прогнозираше значително зголемување на побарувчката на електрична енергија. Затоа, одлучи да изгради друга единица во Дуковани и разговараше со шест компании, вклучувајќи ги Росатом и Вестингхаус.


Чешките односи со Кина, со години мачени од критики од главно либералните чешки пратеници загрижени за авторитарната политика на Пекинг, на крајот доведоа до тоа Кинеската генерална нуклеарна група да биде замрзната од процесот.

Во меѓувреме, Росатом се сметаше за водечки кандидат, со оглед на историјата на Москва со чешката нуклеарна индустрија.

„За Росатом, тоа се и пари и престиж“, вели Мартин Јирусек, експерт за енергија и доцент на Универзитетот Масарик во Брно и управен уредник на Чешкиот журнал за политички науки.

Тој прецизира дека трошоците за изградба на новиот објект во Дуковани се веројатно близу 12 милијарди долари. Планот на владата за завршување на изградбата во 2029 година и започнување со производство до 2036 година е веќе нереален, рече тој, уште пред шпионскиот скандал

Октомвриски парламентарни избори

Сегашната фаза од која се отстранува Росатом, вклучува безбедносен преглед од страна на владините агенции. Но, во оваа фаза нема ништо што го спречува Росатом повторно да се приклучи на процесот во зависност од резултатот на парламентарните избори во октомври.

Германија ја обвини Русија дека се обидува да провоцира


„Исфрлањето на Росатом од процесот на скрининг е голема работа, но во исто време, тоа не кажува ништо за иднината на процесот“, вели Јирусек.

Доколку владејачката коалиција предводена од Партијата АНО на премиерот Андреј Бабиш добие нов мандат, тоа потенцијално ќе ја отвори вратата за Росатом. И претседателот Милош Земан, кој поддржува поблиски деловни и политички врски со Москва, во минатото отворено рече дека Росатом треба да победи на тендерот.

Кулите за ладење на нуклеарната централа Дуковани
Кулите за ладење на нуклеарната централа Дуковани


Мислењето на Чесите за руската политика, иако никогаш не беше особено топло, значително се влоши по анексијата на Москва од полуостровот Крим во Украина во 2014 година, вели Хавличек.

Најновиот шпионски скандал значи дека прашањето за улогата на Русија во чешкото општество веројатно ќе биде истакнато изборно прашање; опозициските групи веќе излегоа со силни, јасни изјави критички настроени кон Кремљ. Тоа го вклучува и опозицискиот претседател на Сенатот, кој ги нарече „чин на државен тероризам“ наодите дека руска воена разузнавачка единица стои зад експлозиите во складиштето за муниција во 2014 година.

Русија ги осуди санкциите на ЕУ за Иран среде „нуклеарни“ преговори

„Ова се однесува на кредибилитетот на земјата, нашата позиција во светот. Чесите се малку егоистички народ “, рече Хавличек, додавајќи: „Ние сакаме да бидеме признати. И не сакаме да бидеме подредени на Русија. Знаеме што значи да се биде зависен од Русија“.

Атомска мека моќ

Од основањето во 2007 година, Росатом, кој беше формиран од реорганизацијата на Министерството за атомска енергија, игра важна улога во проширувањето на трговските врски на Москва надвор од земјата.

Помеѓу 2009 и 2018 година, Русија извезува 23 од 31 нарачки за нуклеарни постројки ширум светот. И компанијата започна изградба на 10 единици на реактори во странство помеѓу 2007 и 2017 година.

Владимир Путин со Алексеј Лихачев, генерален директор на Росатом, 18 јуни 2020 година
Владимир Путин со Алексеј Лихачев, генерален директор на Росатом, 18 јуни 2020 година

Во годишниот извештај за 2018 година, компанијата соопшти дека има 133 милијарди долари во странски нарачки кои траат во период од 10 години. Скоро три четвртини од таа бројка доаѓаат од изградба на нуклеарни централи; остатокот од резерви на гориво и производи од ураниум.

Пријавените приходи на Росатом во странство таа година биле 6,5 милијарди долари.

За разлика од приватните компании на Запад, како Вестингхаус, Росатом е во државна сопственост. Тоа значи, за клиентите, Росатом може да обезбеди поповолни договори, како финансирање поддржано од руската држава.

Компанијата стана инструмент на „мека моќ“ за Кремљ, рече Јирусек, наведувајќи дека има паралели со друга голема државна компанија „Газпром“, чиј извоз на природен гас во Европа и на други места е ослабен со политички пресметки.

„Гледам дека има силна владина рака во она што Ростом го прави во последно време и поддршката што ја дава руската влада, што личи на тоа како владата го правеше тоа со Гаспром една деценија пред тоа. Помошта да склучи договори во странство, честопати доаѓа со политички конци. Тоа е геополитичка работа “.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG