Оние против нуклеарната централа Белене сметаат дека таа е опасна и застарена. Освен тоа, според нив, таа претставува продолжение на бугарската „зависност од Русија“.
Економистот Георги Ганев вели:
„Протестираме против обновувањето на проектот Белене кој, докажано, е во опасна сеизмичка област со стара технологија и е неповолен од финансиска гледна точка“.
Социологот Арман Бабикјан пак, додава:
„Продолжува руската зависност, со стари технологии, во земја која нема потреба од толку многу електрична енергија“.
Нивните противници велат дека нуклеарната централа ќе донесе дополнителни работни места и ќе ја зајакне економијата на земјата.
Претседателот на партијата Алтернатива за бугарската обнова Румен Петков вели:
„Би сакале да изградиме нова нуклеарна централа, бидејќи сакаме Бугарија да остане во нуклеарниот клуб, да може да ја развива својата економија, да има 50.000 дополнителни работни места, да има нови технологии, да има квалитетно образование и здравство и тоа не мотивира понатаму за иднината на оваа земја“.
Централата од 2.000 мегавати беше откажана во 2012 година откако не беа најдени инвеститори.
Бугарија, исто така, се соочи со притисоци од Вашингтон и Брисел за ограничување на енергетската зависност од Русија, која беше договорено да ја изгради нуклеарката.
Бугарската влада во минатата недела реши да побара од парламентот да ја укине забраната за развој на нуклеарката.
Софија вели дека веќе потрошила скоро 2 милијарди долари на Белене, која има лиценцирана локација и опрема.
Но, владата веќе не сака да троши јавни пари и ги прошири државните гаранции за можен заем или за долгорочни договори за снабдување за централата.
Руската државна нуклеарна компанија Росатом е подготвена да учествува на тендерот за развој на бугарската нуклеарна централа Белене, рече во вторникот шефот на Росатом, Алексеј Лихачев.
Заинтересирана за проектот е и кинеската државна нуклеарна компанија.
Бугарската министерка за енергетика Теменушка Петкова изјави дека Софија планира да започне тендер до крајот на годинава за да избере стратешки инвеститор за централата, која се проценува дека ќе чини најмалку 10 милијарди евра.
Европската инвестициона банка, веќе најави дека ќе го разгледа проектот.