Достапни линкови

СДСМ во битка за власт сee страв од ВМРО-ДПМНЕ


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев

Дали тактиката на власта да игра со емоциите на граѓаните со „закана од злото“ алудирајќи на ВМРО ДПМНЕ е погрешен пиар кога станува збор за локалните избори?

„Народот сака да види подобри резултати, но од спротива се заканува злото.
Ние сме борбата против злото“, вака гласеше една од пораките на премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи по првиот круг од локалните избори на кои СДСМ освои помалку градоначалници отколку ВМРО-ДПМНЕ. Тој порача и дека народот на 31 октомври кога е вториот круг од гласањето ќе одлучи дали е за слобода, демократија, интеграции и дома и во ЕУ или е за молк, режим и нови поделби дома и кавги со соседите и светот.

Ваквите изјави на премиерот Заев не само што потсетуваат на реториката на поранешниот премиер Никола Груевски, туку генерално тоа е политиката на СДСМ во целиот предизборен период, вели деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски.

„Што се покажа како неправилна, лоша позиција на партијата дека тие се тие што влечат напред, од другата страна е само зло и итн. Веројатно мудар политичар сега во наредните десет дена ќе се посвети на реалните проблеми со кои што граѓаните се соочуваат на локални ниво, а не на стравот од европските интеграции. За нас европските интеграции се неостварливи поради други причини, а не заради локалните избори. Резултатот кој ќе се испорача на 31 октомври ќе се однесува на локалната власт“, вели Дујовски.

Според него, се работи за политичка изјава на лидер на партија која е несомнено поразена во првиот изборен круг и ако се сумираат резултатите ќе видиме дека ВМРО-ДПМНЕ се поврзува со своето постојано гласачко тело, а СДСМ за жал, како што наведува Дујовски, не успеало да ги прилагоди политиките на граѓаните кои што не се нивни строги гласачи. Дујовски смета дека изјавата треба да се земе со резерва, бидејќи се обраќа на една целна група, но факт е дека СДСМ мора поинаку да се организира.

Директен линк

Заев порача дека граѓаните ја бараат нивната мобилизација и ќе ја добијат.

Груевски во 2009 преку писмо ги повика неговите сопартијци на мобилизација и како што подоцна изјави да им се приклучат на прогресивните сили во земјата.

„Започна последната битка со остатоците на македонската транзиција и со
оние појави произведени од нејзиниот систем,појави на лажни погрешни
вредности во целиот систем,а нашата генерација на политичари ја носи
честа и одговорноста да биде нејзин носител! Овој допис до вас драги пријатели,а наш апел за мобилизација на сите оние што не подржуваат,на сите оние,кои се подготвени да дадат свој придонес во оваа наша битка,за нашата заедничка кауза и визија,на сите оние кои се подготвени заедно со нас да го и последниот атом од својата енергија за нашата Македонија,за се она во што веруваме!“, пишуваше Груевски во писмото.

Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека ситуацијата е различна бидејќи тогашната реторика на Груевски беше поделба на патриоти и предавници и се играше со емоциите за етничките прашања, а повикот на Заев се однесува на фактот дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ нема јасен став за тоа дали партијата со доаѓање на власт ќе ги поддржи досега постигнатите договори и дали ќе ги врати назад реформите за кои беа против.

„Секако дека ова е во склоп на пиар тактиката на власта и тука премиерот игра со емоциите на граѓаните, но суштински се разликуваат едни со други“, смета Селими.

Дујовски додава дека ваквите пораки на Заев можеби нема да и одземат гласови на СДСМ, но таквиот пристап е непотребен.

„Сигурно ова не е политика која што ќе ги убеди граѓаните да одат сега и заради стравот од ВМРО, кое е се уште не е реформирано да гласаат за СДСМ. Мислам дека требаше многу поразлична кампања. Многу попосветена кон граѓаните. Со многу повеќе отворен пристап, а не со заплашување ако не сме ние тие другите ќе направат уште поголемо зло. Тоа се виде на 17 октомври дека даде лош резултат“, смета Дујовски.

Првиот круг на локалните избори ја промени политичката слика во државата. Вкупно 34 општини добија градоначалник во првиот круг од кои 22 се од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ освои 9.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG