Достапни линкови

Руските сили влегоа и во Харков, во Киев 31 жртва


Киев
Киев

Украинските сили се борат во Харков откако синоќа руските сили влегоа во градот. Во Киев се слушале експлозии, а градоначалникот на градот Кличко рече дека инвазијата однела 31 жртва, од кои 9 цивили.

Руските сили влегоа во Харков, вториот по големина град во Украина. Жителите на Киев пак, известија за експлозии во услови кога инвазијата на Русија против нејзиниот сосед се интензивираше и додека западните сили најавија нов, драматичен чекор во напорите да ја казнат Москва со санкции за нејзината агресија.

Шефот на регионалната администрација во Харков, Олег Синегубов, изјави дека украинските сили се борат против руските војници во градот и побара од цивилите да не ги напуштаат своите домови. На видеата објавени на интернет од украинските власти се гледа како руски возила се движат низ градот.

Руските сили на улиците низ Харков
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Во меѓувреме, експлозија го погоди југоисточниот дел на Киев веднаш по полноќ и се појави црвено светло над веројатно воено складиште за гориво, како што објавија медиумите. Нема информации за штети или повредени.

Властите соопштија дека во руски напад било погодено складиште за нафта во Василков, град јужно од Киев.

„Непријателот сака да уништи сè“, рече градоначалничката на Василков, Наталија Баласинович.

Имаше извештаи и за експлозија што се слушнала западно од центарот на градот Киев и воздушни сирени. Поради извештаите за судири во близина на Харков, кабинетот на претседателот Володимир Зеленски соопшти дека руските сили разнеле гасовод во градот, поради што владата ги предупреди луѓето да се заштитат од чадот покривајќи ги своите прозорци со влажна крпа или газа.

Канцеларијата на Зеленски соопшти дека друга експлозија се случила на цивилниот аеродром Жулиани. Украинската армија соопшти дека ја држи линијата против нападот врз главниот град, но се бори против руските „диверзантски групи“ кои се инфилтрирале во градот каде што луѓето се кријат во домовите, подземните гаражи и станиците на метрото во очекување на целосен напад од страна на Русија.

„Ќе се бориме додека не ја ослободиме нашата земја“, рече Зеленски во видео пораката.

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека 31 лице загинало во главниот град од нападите на Русија. Според него, градот, бил потресен со судири и престрелки во текот на ноќта.

„Русија гранатира станбени населби во главниот град на Украина. Нашата војска, силите за спроведување на законот и територијалната одбрана продолжуваат да ги откриваат и неутрализираат саботерите“, додаде тој.

Кличко рече дека нема руски војници присутни во Киев, додавајќи дека од 31 смртен случај, девет биле цивили. Во текот на четирите дена од инвазијата, тој посочи дека 106 лица се повредени, од кои 47 се цивили.

Во објава на Фејсбук, украинскиот министер за одбрана Олексиј Ресников ги охрабри своите војници по, како што рече, „трите дена кои засекогаш ја променија нашата земја и светот“.

Тој рече дека Русија не успеала да го заземе Киев како што планирале и додаде дека Украина сега очекува помош од други земји што се чинеше невозможно пред три дена. Тој рече дека на Европа и треба Украина за да се бори.

Зеленски денеска изјави дека неговата земја е подготвена за мировни преговори со Русија, но не и во Белорусија. Говорејќи во видео порака Зеленски ги наведе Варшава, Братислава, Истанбул, Будимпешта или Баку како алтернативни места.
Тој рече дека се можни и други локации, но јасно стави до знаење дека Украина не ја прифаќа Белорусија.

„Ако немаше агресивна акција од вашата територија, би можеле да разговараме во Минск... другите градови може да се користат како место за разговори“, рече тој.

Претходно денеска Кремљ соопшти дека руска делегација пристигнала во белорускиот град Гомел на разговори со украинските претставници. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека делегацијата вклучува воени претставници и дипломати.

„Руската делегација е подготвена за разговори, а сега ги чекаме Украинците“, рече Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин потоа ги обвини украинските власти дека ја губат „можноста“ за разговори.

Руската инвазија врз нејзиниот сосед Украина започна на 24 февруари. Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека повеќе од 368.000 луѓе ја напуштиле Украина.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG