САД, Британија и Естонија вчера (на 5-ти март), го известија Советот за безбедност на Обединетите нации дека сајбер нападите од Русија се долгорочна кампања и дестабилизирачки активности против Грузија и оти се дел од пошироките вакви активности на Москва.
До ова доаѓа откако грузијскиот амбасадор, во минатиот месец го извести Советот за безбедност за масивниот сајбер напад врз неговата земја. Илјадници грузијски интернет страници биле блокирани, а дури биле нарушени и програмите на некои телевизиски станици. Во октомври минатата година, над 2 илјади државни, приватни и сајтови на медиуми, беа блокирани, а истовремено и две приватни телевизии, Имеди и Маестро.
Вашингтон и Лондон, во одвоени изјави во тоа време, соопштија дека нападите врз интернет страниците во Грузија се извршени од единица на руската воена разузнавачка служба, позната како У 74455 и SANDWORM.
SANDWORM е позната група хакери во рамките на руското воено разузнавање, како и безбедносни експерти, кои беа поврзувани со сајбер нападот и кражбата на мејловите од француската претседателска кампања на Емануел Макрон, слично како што направија и за време на претседателските избори во САД, во 2016-та.
Естонскиот амбасадор во Обединетите Нации, Свен Јургенсон вчера оцени дека сајбер нападите врз Грузија покажуваат дека руската разузнавачка служба продолжува со сајбер операции против повеќе земји.
„Овие акции јасно ја покажуваат контрадикторноста на руските заложби за одговорно однесување во сајбер просторот, со нејзиното вистинско неодговорно однесување“.
Руското министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како неосновани и политички мотивирани.
Русија се противи на намерите на Грузија за приклучување во НАТО и ЕУ. Во 2008-ма година, Русија влезе и во 5-дневна војна со Грузија, по што Москва ги призна грузијските републики Абхазија и Јужна Осетија како независни држави. Со тоа, Грузија остана без 20 отсто од својата територија, иако тие две републики не се признаени како држави од ниедна друга земја.