Русија, во текот на ноќта, го нападна јужниот пристанишен град Одеса со беспилотни летала од иранско производство, соопшти Украинската јужна воздушна команда на 19 април, додека борбите беснеат во источниот регион Доњецк, каде што се води долготрајна битка за градот Бахмут.
„Овој пат, 10 од 12 камиказа беспилотни летала Шахед беа уништени од членовите на противвоздушната ракетна бригада од Одеса на Јужната воздушна команда“, се вели во соопштението на војската.
Јуриј Крук, началникот на воената администрација на регионот Одеса, рече дека јавната инфраструктура била погодена за време на нападот со беспилотно летало, но нема информации за жртви.
На исток, украинските бранители одбиле повеќе од 60 напади додека руските трупи продолжуваат со нападот врз Бахмут, Авдијивка и Маринка, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина во својот дневен извештај на 19 април.
Најжестоките битки се водат за Бахмут и Маринка, кои остануваат епицентар на непријателствата, соопшти војската.
Повеќемесечната битка за Бахмут се претвори во една од најкрвавите во руската инвазија на Украина, при што двете страни наводно претрпеле големи загуби.
Пред состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, која се состои од десетици земји кои обезбедуваат воена помош за Киев, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг повика да се испрати повеќе оружје и муниција во Украина.
„Познато е дека огромно количество оружје и муниција, веќе и се доставени на Украина, но треба да направиме уште повеќе“, изјави Столтенберг за Си-Ен-Ен на 18 април.
Контакт групата треба повторно да се состане на 21 април.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски на 18 април ги посети украинските сили во близина на линијата на фронтот во регионот на Доњецк, каде што се водат тешки борби.
Тој ги обиколи напредните позиции на украинската војска во Авдијивка, соопшти претседателската канцеларија на 18 април.
Зеленски во својата вечерна видео порака рече дека ги посетил војниците кои „го ограничуваат и постепено го уништуваат ова руско зло девет години и 419 дена “, мислејќи на борбите што избувнаа во 2014 година меѓу украинските сили и сепаратистите од Русија во Донбас.
Посетата на Зеленски на регионот Доњецк дојде само неколку часа откако Кремљ соопшти дека претседателот Владимир Путин направил ретко патување во делумно окупираните украински региони Херсон и Луганск.
Путин го посети рускиот воен штаб и се сретна со командантите во Херсон и Луганск, соопшти Кремљ.
Веста за посетата беше дочекана со гнев во Киев, каде што претседателскиот помошник Михаило Подољак рече дека Путин ги обиколил „окупираните и уништени територии за последен пат да ужива во злосторствата на неговите потчинети“.