Достапни линкови

Русија печали од „уценетите“ македонски евроинтеграции


Илустрација: Чистач на чевли со капче со знамето на ЕУ во Скопје
Илустрација: Чистач на чевли со капче со знамето на ЕУ во Скопје

Москва го користи незадоволството од уцените врз Македонија од соседните земји за засилување на антизападното расположение во земјава. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вели дека има впечатлива разлика помеѓу она што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што нивните политичари го прават под принуда од Брисел, ЕУ и НАТО.

Русија се обидува да ги искористи фрустрациите кај етничките Македонци од закочените евроинтеграции и уцените од соседите за напредување на патот кон ЕУ и НАТО за да создаде симпатии кај македонскиот народ и недоверба кон западните алијанси.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пред неколку дена рече дека ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Северна Македонија и Црна Гора во „инструменти“ на антируската игра и оти има „впечатлива разлика помеѓу она што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што нивните политичари го прават под принуда од Брисел, ЕУ и НАТО. Во интервјуто за руската онлајн телевизија „Наше кино, Лавров вели дека земјава го промени името во Северна Македонија за да влезе во ЕУ, но „не беше примена и нема да биде примена во скоро време“. Тој исто така рече дека признавањето на автокефалноста на МПЦ од СПЦ била мудра одлука.

МНР реагираше дека Лавров манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава за промовирање на своите геополитички ставови и оти во земјава постои силно меѓуетничко и натпартиско единство за членство во Европската унија.

Истражувањата на јавното мислење во Македонија сепак покажуваат дека прорускиот сентимент не е многу изразен во македонското општество, но оти има раст на антизападното расположение.

Цртање врз Путин: Активисти против воени симболи на улиците во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:11 0:00

Поранешниот амбасадор Нано Ружин потсетува на изјавата на поранешниот американски државен секретар Џон Кери од 2015 година, дека балканските земји, меѓу кои и Македонија, се на „линијата на огнот“ меѓу Москва и Вашингтон и во тој контекст ја гледа изјавата на Лавров. Русија игра на панславизмот и на православието, вели тој.

„Русија е држава која има значајни аналитичари коишто знаат дека во услови на криза, било тоа да е економска, социјална, политичка итн., секогаш треба да им се даде поддршка на оние коишто се незадоволни. Сепак, овие руски играња со психологијата на народот се повеќе реторички отколку вистински“, вели Ружин.

За засилувањето на евроскептицизмот во земјата во неколку наврати зборува и претседателот Стево Пендаровски. На панел-дискусија на тема „Триесет години независност и евроатлантските перспективи на Република Северна Македонија“, организирана од Центарот за европски истражувања и анализи „Еуропроспера“ пред еден месец, Пендаровски рече дека евроскептицизмот е во значаен пораст во регионот на Западен Балкан, како и дека „во наредните години ќе биде многу тешко со ваков евроскептицизам“.

Според анкетата на американскиот Меѓународен републикански институт, спроведена во јануари и февруари годинава, а објавена минатиот месец, во изминативе две години се намалиле прозападните чувства на македонските граѓани. Пред две години, 57 отсто од граѓаните биле за прозападен курс на земјата, а сега 52 отсто. Треба да се има предвид дека анкетата е правена пред „францускиот предлог“ за откочување на македонските евроинтеграции кој наиде на незадоволство кај голем дел од македонското општество. Исто така треба да се има предвид дека има сериозни разлики меѓу одговорите на етничките Македонци и Албанци. Меѓу Македонците 44 отсто биле за прозападен курс, додека над 70 отсто од Албанците биле за прозападен курс на земјата.

Според анкетата, 80 отсто од македонските граѓани имале позитивно мислење за Турција и за Германија. Позитивно мислење за САД имале 61 отсто од испитаниците, 60 отсто за Кина и 59 отсто за Русија. Притоа, позитивното мислење на етничките Македонци за Кина и Русија е над 75 отсто, додека кај Албанците е многу помало. Најголем дел од испитаниците одговориле дека најголеми донатори на земјата се ЕУ и САД, но 34 отсто од граѓаните ги сметаат САД за најважната политичка закана за земјата, а 30 отсто одговориле дека тоа е Русија.

Најпопуларен странски лидер убедливо е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за кого позитивно мислење имале 72 отсто од граѓаните. По него следи српскиот претседател Александар Вучиќ со 64 отсто и рускиот претседател Владимир Путин со 61 отсто. На четвртото место е американскиот претседател Џо Бајден за кого позитивно мислење имале 48 проценти од испитаниците.

Грција со децении ги блокираше македонските евроинтеграции и на крај издејствува земјава да го промени името во Северна Македонија. Откако таа блокада беше укината и Македонија стана членка на НАТО, Бугарија стави вето на почетокот на преговори со ЕУ со барање за решавање на историски спорови. Блокадата беше откочена со прифаќањето на „францускиот предлог“, кој според опозицијата, ги вклучил сите бугарски барања. Софија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG