Малопродажната цена на горивата се утврдува со просекот од изминатите 5 дена на цените на светските берзи, а маржата е намалена за 33 отсто се со цел да нема поголеми ценовни шокови, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги- РКЕ на брифинг со новинарите. Во меѓувреме, цените на бензините се зголемија за 3,50 денари за литар, а за дизел 8,50 денари за литар. Од РКЕ велат дека новиот правилник за вадење на просек е за да се испегла цената, а за маржата реагирале сите трговци.
„Имаме реакции од сите трговци. Бараме од нив разбирање додека не влезат во сила мерките од Владата и тогаш би требало да им ја вратиме маржата во нормала“, велат од РКЕ.
Трговците се жалат на владините мерки
Реалното зголемување би било дизелот да е поскап за 10,5 денари а бензините за 5,5 денари и затоа, како што посочуваат од РКЕ донеле одлука за намалување на маржата за трговците. Маржата е намалена од 4,5 денари на 3 денари по литар. Тоа е единствената мерка која, како што велат од РКЕ е во нивна надлежност и може да интервенираат.
Од Макпетрол регираа дека ненадејното намалување на маржите создало непазарни услови кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати и, според компанијата, постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок.
„Ваквите мерки, кои што РКЕ и останатите институции ги носат без никаква консултација со трговците, во овој случај тие со нафта и нафтени деривати, се несоодветни на глобалната криза од која што особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува“, истакнуваат од компанијата.
Оттаму порачуваат дека компаниите што снабдуваат нафта и нафтени деривати не можат врз себе да го понесат товарот на вештачко држење на ниска цена на горивата, како социјална категорија.
„Сепак, станува збор за обврска на државата и на сите мерки што ѝ стојат на располагање, но не на сметка на пазарната логика и приватните компании. Оваа популистичка мерка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво“, посочуваат од компанијата.
Владата ,во меѓувреме, даде препорака за цената на дериватите да се определува на дневна основа, како и намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 проценти на горивата со што како што соопштија, ќе ја заштити куповната моќ на крајните потрошувачи.
„Со намаленото ДДВ практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните со што имаме заштита на животниот стандард од една страна, а од друга страна, преку мерката се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите“, наведоа од Владата.
Воедно од Владата најавија и намалуваме акцизата врз основа на берзанските цени.
„Со оваа мерка би се примениле акцизи намалени за 2 денари, дизелот наместо 85, 5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари. Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари“, посочија од Владата.
Од Владата соопштија дека денеска ги испратиле до Собранието измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за акцизи. Во дописот од Владата се наведува дека овие измени и дополнувања треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.
Од РКЕ очекуваат донесувањето на мерките на Владата во Собранието да не се одолговлекува.
„Мора секој да се однесува одговорно. Никој не очекуваше дека ќе има војна и ние функционираме и во енергетска војна. Најбитна работа е да имаме редовно и стабилно снабдување со нафта и нафтени деривати“, додаваат од РКЕ.
Од РКЕ додаваат дека цената на горивата не може да се замрзне, бидејќи земјата нема сопствени рафинерии. РКЕ објавува нови цени на горивата само ако просекот од цената на горивата е поголема или помала за 2 денари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на неговиот официјален Фејсбук профил денеска порача дека се случува нов грабеж и дека наместо ублажување на цените на горивата се случува ценовен шок. Според илсутрацијата на ВМРО-ДПМНЕ, цената на дизелот за еден месец е покачена за 19 денари, а на бензинот за 16 денари.
РКЕ вечер треба да објави дали врз основа на просекот од цените на светските берзи од утре ќе има повторно покачување на горивата.
МАЕ ќе реагира на светскиот пазар
Меѓународната агенција за енергија најави би можела да ослободи повеќе нафта од залихите за да го олесни растот на цените на горивото и ќе подготви акционен план за брзо намалување на употребата на нафта.
Цените на нафтата се зголемија откако Русија, вториот најголем извозник на сурова нафта во светот, ја нападна Украина, а Западот ги заостри санкциите кон Москва. Членовите на агенцијата минатата недела се согласија да ослободат 60 милиони барели нафтени резерви како компензација за прекините во снабдувањето по руската инвазија.