Достапни линкови

Ристевска Петрушева: Театарот не е мртва уметност


Базирана на интимните споделувања на жените болни од рак и во нивна изведба, во вторник, на 27 август, во Интимен театар во Битола премиерно ќе биде изведена документарната театарска претстава „Жени“ чиј режисер е Софија Ристевска Петрушева.

Во вторник, на 27 август, во Интимен театар во Битола нема да видиме претстава во класичната смисла на зборот, туку интимни споделувања на една борба со ракот на тие жени, на тие луѓе којашто ја водат константно. Со којашто се борат секој ден. Секој ден тие се прашуваат дали денеска, утре, задутре, ќе бидат добри.

Ова во пресрет на премиерната изведба на документарната претстава „Жени“ во којашто учествуваат, глумат, говорат свои текстови жени од здружението за поддршка на жени болни од рак, ја преживеале болеста или сеуште се борат со неа - „Одраз“, ќе го забележи режисерката на проектот Софија Ристевска Петрушева.

Таа појаснува дека идејата датира некаде од 2014 година кога нејзината сестра доктор Гордана Ристевска Димитровска започнала со работа на докторската теза и тогаш ја оформила групата на жени болни од рак. Групата подоцна прераснала во Здружение кое се нарекува „Одраз“ и е за помош, поточно самопомош на жените болни од рак на дојка. Тие одржувале состаноци на секои две-три недели во Хотел Театар каде функционира Интимен театар, а Софија тогаш имала шанса да ги запознае тие триесеттина жени кои циркулираат во групата. Тогаш решила дека би било убаво да направи театарска претстава со нив која би била базирана по нивните документарни текстови.

„Во претставата учествуваат Невена Стерјевска, Катерина Петровска и Трендафилка Киклевска кои ја споделуваат својата борба со ракот на дојка, и ракот на матка, како и Зорица Цибалевска, којашто минатата година ја изгуби својата мајка Летка Андреевска, болна од рак на дојка. Летка беше поет и една од првите членови во групата за поддршка. Таа беше инпиративна личност и многу сакаше да прави уметност. Се нафати да учествува во една друга моја претстава „Скршената стомна“ кадешто зборувавме за емигрирањето, заминувањето на луѓето од нашата држава. Таму таа говореше за својата болест и потенцираше дека и покрај болестите има смисла да се живее. Да се живее на овој свет. Да се живее дури и во нашата држава. Дека животот е убав и прекрасен. Летка ми зборуваше многу често дека кога прави театар и се дружи со уметниците не мисли на нејзината депресија, на нејзината болест. Беше голем поборник на тоа дека уметноста може да се користи како алатка за борба против депресијата кај луѓето болни од рак затоа што луѓето болни од оваа болест многу често се склони кон депресии што е сосема нормално“, вели Ристевска Петрушева.

Софија Ристевска Петрушева
Софија Ристевска Петрушева

Со пробите започнале во 2017 година и на почетокот работела со осум жени. Во меѓувреме Летка и една друга госпоѓа починале, продолжила со шест за конечно годинава, кога успеале да добијат средства од Општина Битола и да се сместат во рамките на летната манифестација Бит Фест, проектот се стесни на четири учеснички.

Таа истакнува дека прво процесот бил долг затоа што жените кои учествуваат во претставата не се професионални глумци туку жени од нормалниот живот на возраст од 50 до 65 години. Дека овој тип на театар има една подолга патека и од тоа што авторството и структуирањето на текстовите е на самите учеснички во проектот.

Згора на тоа Ристевска Петрушева сакала жените да добијат некаков повеќе симболичен надоместок за својот труд. Затоа и не сакала да го форсира и да ја направат претставата без никакви финансии. И, разбирливо со проектот конкурирале на Годишниот конкурс за програми од национален интерес на Министерството за култура во два дела – како драмска и како интердисциплинарна дејност, но не добиле ни денар. Сепак, го тргнале на страна разочарувањето и со она што го добиле од Општината активно работеле за да имаат премиера. Но и тогаш не одело наш мазно.

„И, покрај тоа што жените беа запознати со мојата работа, доаѓале и на мои претстави, лично ги познавам, сум одела на нивните средби во групата, ги познавам долго време, тешко беше да ги натерам, посебно помладите, да учествуваат во претставата. Затоа што, верувајте, не секој сака да зборува за оваа болест. Посебно за ракот на дојка. Мислам дека посебна храброст треба и големо животно искуство за да човек се реши на такво нешто. Беше тешко да убедам поголем број на жени да учествуваат во претставата. Останаа на крајот само најхрабрите. Она што беше за мене интересно беше тоа што помладите се откажуваа. Претпоставувам затоа што им е нелагодно да зборуваат за својата ситуација“, ќе рече Софија.

Говорејќи за тоа дека со „Жени“, таа ја продолжува сопствената интенција за често користење на документарни материјали во претставите што како автор ги потпишува, така заокружувајќи го специфичното творечко, режисерско писмо, Ристевска Петрушева нагласува дека сето тоа е одраз на нејзиното уверување дека театарот не е мртва уметност.

„Мислам дека театарот не е мртва туку социјално-ангажирана уметност. Тој пред се* треба да зборува за проблемите на заедницата од кадешто потекнува. Значи ние работиме во Интимен театар којшто се наоѓа во Битола и зборуваме за проблемите од нашата локална заедница. Посебно се фокусирам на проблемите на жените во мојата локална заедница. Се разбира и на глобално ниво, но тргнувајќи од мојата средина. Подобрувањето на ситуацијата на жените во мојата локална заедница е многу важно и потоа може да рефлектира на глобално ниво. На пошироко ниво. А, документарниот театар означува дека личните проблеми се зборуваат на сцена. Проблемите коишто ги имаат луѓето да се исправаат на сцена. За мене оваа претстава е чекор напред затоа што натуршчици, луѓе коишто се од таа локална средина засегнати од конкретниот проблем зборуваат за него. Тоа не се реплики на тие луѓе ставени во устите на професионални актери. Конкретни луѓе засегнати од болеста зборуваат за болеста. И тоа и дава на претставата голема социјална тежина. Општествена тежина. Не знам колку се знае, но во Пелагонискиот регион има многу луше болни од оваа болест. Не знам дали е тоа поради тоа што ние го имаме РЕК Битола или поради начинот на којшто живееме, стресовите, храната што ја јадеме, но можам да кажам дека секој втор-трет човек има проблеми со оваа болест во регионот. И мислам дека ова е проблем за кој треба да се зборува. Посебно да се алудира на брзи прегледи кај ракот на дојка и сите други видови на рак“, вели Софија Ристевска Петрушева.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG