Изненадени сме и самите ние од одзивот на посетителите, од одзивот на трпејчани и пред сè од нивната љубопитност и желба да видат нешто ново и да ја почувствуваат магијата на уметноста.
Ова ќе го забележи Милчо Јовановски, член на Здружението за развој и промоција на Трпејца, непосредно по завршувањето на првото издание на манифестацијата „На зајдисонце“ во јули сега веќе далечната 2012 година .
Тој тогаш и со дополна дека започнале со идеја да организираат „нешто одржливо и нешто што може со минимални средства да биде претставено и интересно за посетителите, за туристите“.
Ќе рече и тоа дека „ сето тоа беше отворено, на отворени сцени во Трпејца кои полека и ние ги откриваме, а она што беше најголемата атракција можам да кажам дека беа вечерните променади по езерото, со факели и газиени ламби, дечиња веслаа во кајчињата, а музичари од основното музичко училиште во Охрид свиреа серенади“.
А, таа година патем се случија и изложбата на фотографии и промоција на книга со анегдоти од Никола Павлески, презентации на подводните активности на нуркачкиот клуб „Амфора“ и кајакарскиот „Рибар“, курсеви по пливање и по англиски јазик...
Годинешното искачување на патеката Чоколско на Галичица
Осоколени од таквиот прием во Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ и во Црковниот одбор од селото веќе не се мислеа. Решија да се потрудат таа да стане традиција. Се редеа годините и изданијата на манифестацијата „На зајдисонце“, за да конечно по осум години можеме слободно да заклучиме дека таа, потпрена на основната заложба да биде промотор на уметноста, природните реткости на овој крај и особено неговите големи туристички потенцијали, израсна во еден вид феномен нималку типичен за охридското крајбрежје и воопшто за нашиот однос кон заспаните потенцијали што несомнено ги поседуваме.
„Ние ни сами не сонувавме дека до тука ќе стигнеме со овие осум изданија. Почнавме со првото со надеж дека потот ќе се редат и другите и сега морам да признам најнапред во мое име, а потоа и во името на организаторите, дека нема двојба оти ова е вистински успешна приказна за една манифестација која ги врзува убавините на крајот, крајбрежјето, планината Галичица како Национален парк, она што го правиме ние како културно-забавни настани и се разбира таа понуда никого не остава рамнодушен. Луѓето кои доаѓаат во Трпејца мислиме дека се многу задоволни со тоа што им го нудиме и наше најголемо задоволство е што од година во година доаѓаат во се поголем број, присуствуваат на нашите настани, а од друга страна секогаш кога завршуваме велат: Кога ќе биде догодина. Ние велиме дека тоа е стандарден термин и таа приказна се шири и се шири и дека ќе трае долго време“, вели Милчо Јовановски.
Модерни танци како новина на манифестацијата „На зајдисонце“
Тој притоа не заборава да потенцира дека со идејата живеат и генерациите млади од Трпејца, кои пак од своја страна веќе бараат и модернизација на манифестацијата. Дополнува дека промените се прават во од и дека токму ним како аманет им припаѓа „На зајдисонце“. А, се разбира заедно ќе работат на натамошните изданија со искуството стекнато през годиниве наназад.
„Искуството од првото до ова осмо издание коешто заврши ни покажува дека луѓето навистина сакаат релаксирачки содржини, но секако со висок естетски набој затоа што не е едноставно да се појавите само како уметник и на таа отворена сцена во Трпејца да изведете некое дело, да прочитате некој стих или да одиграте некоја одломка од своја претстава. Сепак публиката знае што сака. Сака настани кои ќе остават впечаток врз неа. Истовремено сметаме дека доаѓа времето на работилниците кои полека треба да ги воведуваме, како што тоа веќе го правевме во последниве две години со работилницата за театар заедно со актерката Марија Новак, потоа како што почнавме годинава со модерниот балет, односно модерните танци ...догодина размислуваме за етно-работилница...што значи дека во таа насока треба да го движиме тој круг и да ја развиваме таа љубов кон Трпејца, кон кулутрното живеење на овој крај и ова село во текот на летото“, заклучува Јовановски.
Кон ова негово кажување само уште информацијата дека во почетокот на септември годинава, здружението „За Трпејца со љубов“ ќе биде организатор и на второто издание на Меѓународната уметничка колонија на која учество ќе земат ликовни творци од Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија и од Македонија.