Случајот „Рекет“ е лакмус тест пред големата октомвриска одлука на советот на ЕУ за да се испита на некој начин дали институциите созреаа со реформите во целиот овој период, вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела. Во случајот осомничени и во притвор се Бојан Јовановски, Зоран Милевски и шефицата на СЈО, Катица Јанева, а обвинителката Вилма Русковска порача дека истрагата за „Рекет“ најверојатно ќе биде комплетирана за три месеци.
„Мојот став е дека оваа кризна ситуација може да ја претвориме во можност доколку навистина институциите одговараат сериозно и на ефикасен, транспарентен и непристрасен начин го расветлуваат целиот случај до крај, независно какви политички импликации може да има. Значи ќе го повторам ставот дека криминал и криминалци има секаде, разликата меѓу државите ја прави дали имаат институции кои што знаат да се справат на непристрасен начин“, вели Османи.
Според него, иако обвинение за „Рекет“ нема да има до октомври, доколку продолжи храброто пристапување на обвинителството кон решавање на случајот, земјите членки на ЕУ кои го следат процесот тоа ќе го ценат без разлика во која фаза е постапката.
Љупчо Петковски, извршен директор во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ вели дека е потребно целосно расчистување на случајот за да не се искористи како аргумент од страна на ЕУ и да се покаже дека правдата ќе ги стигне сите.
„Никој да не биде заштитен , со тоа ќе се прати порака до сите колебливи држави членки на ЕУ кои што постојат и кои се се повеќе, дека кај нас се направил решителен чекор во борбата против културата на неказнивост за која толку многу беа властите во минатото критикувани и од граѓаните и од меѓународните партнери“ вели Петковски.
Услов за датумот е и Законот за јавно обвинителство, при што Османи е оптимист дека ќе се постигне консензус со ВМРО-ДПМНЕ за негово усвојување.
Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров изјави дека донесувањето на законот за јавно обвинителство и водењето транспарентна, непристрасна истрага за случајот „Рекет“, се двете клучни работи кои многу ќе помогнат за добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври.