Достапни линкови

Расте бројот на млади крводарители


Илустрација - Млади крводарители
Илустрација - Млади крводарители

Искуството на Црвен крст на град Скопје вели дека бројот на млади крводарители во Македонија расте. Повеќе од 70 % од оние кои учествувале во последната акција во спомен на роденденот на Тоше Проески се млади, а во последниве 13 години бројот на млади крводарители скокнал за над 30 %.

На традиционалната крводарителската акција во спомен на роденденот на Тоше Проески, на 25. јануари, граѓаните дарувале 203 единици крв. Најголем дел од нив се млади, велат од Црвениот крст на Град Скопје.

„Она што е специфично за оваа крводарителска акција е тоа што голем дел од дарителите, статистички повеќе и од 70 % се млади, на возраст до 30 или 35 години и кај нив се препознава дека сè уште го чувствуваат ликот на Тоше како препознатлив пример за хуманост, како некој што бил млад крводарител и хуманист, па во негова чест даруваат крв, што особено нè радува“, изјави за РСЕ, Александра Валкановска од стручната служба на Црвен крст на град Скопје.

Дел од оние кои дарувале се членови во „Клуб 25“- клуб на млади крводарители и мотиватори, кој постои од 2008 година. Од тогаш до денес, според статистиката на Црвен крст, бројот на млади крводарители пораснал за повеќе од 30 %.

„Низ тие години многу генерации на млади пред сè другарувале, соработувале, па дури и излегувале заедно и се родило едно вистинско пријателство меѓу сите нив и секогаш го почитувале концептот на клубот според кој дарувањето на крв го промовираат на нивните врсници. Се вклучувале како едукатори во мотивациски предавања, во нивните училишта или факултети, преку општинските организации на Црвен крст, но и на неформални средби каде ја пренесувале оваа идеја“ вели Валкановска.

За Црвен крст, како што велат, клубот е начин да се допре до младите неформално, со учење низ дружба и со непосреден начин за ширење на пораката.

„Интересно е тоа што самите поттикнуваат многу креативни нешта кои доаѓаат како инспирација директно од нив, а не се поврзани директно со чинот на дарување на крв, туку со процесот на мотивација. Инспирирале многу кампањи, дружби, средби низ Скопје каде биле меѓу граѓаните, правеле квизови со нив, правеле изложби и слично“, додава Валкановска.

Два слободни дена од училиште или шанса да се спаси живот?

Дел од клубот е сега 26-годишната Аделиса Ќатовиќ, која во тинејџерските денови станала волонтерка и почнала да дарува крв, а денес е и едукаторка. Според неа, некои средношколци уште одат на варијантата - дарување крв за некој слободен ден од училиште, но добро е што најголем дел од нив, повторно се враќаат.

„Сите почнуваат во средно училиште за оние два дена што се слободни. Тоа се тие години кога сите сакаме два дена да не одиме на училиште, наместо да се преправаме дека нè боли стомак. Но, кога ќе видиме дека потоа се враќаат и дека и самите тие сакаат да продолжат со тој хуман чин, тоа многу ме радува“, изјави Ќатовиќ за РСЕ.

Волонтерката Аделиса Ќатовиќ во акција
Волонтерката Аделиса Ќатовиќ во акција

Лек без цена

„Имам обичај да ги прашам младите крводарители - што ги мотивирало? Уште се сеќавам на еден одговор, кога ми рекоа: „Видов некаде дека крвта е единствениот лек што не може да се купи со пари“. И многу ми е мило кога ќе слушнам такво нешто од млади луѓе. Тоа значи дека несебично даваат нешто на некој друг, не добиваат пари за тоа. Освен оној оброк што го добиваат во знак на благодарност, нема никаква финансиска компензација и мислам дека денес тоа ретко се среќава“, вели волонтерката.

Пријателства без рок на траење

Поголем дел од друштвото на Ќатовиќ, како што вели, се луѓе кои минативе десет години ги запознала токму во Црвен крст, а посебно се зближиле за време на семинарите кога како што вели се случуваат многу интересни моменти и се склучуваат пријателства кои остануваат.

„Игравме игра слична на „таен Дедо Мраз“ и ја нарековме „таен пријател“. Си цртавме мапи за да ги најдеме подароците и си пишувавме писма на различни јазици и на крај си кажувавме кој биј тајниот пријател. Имаше многу интересни ситуации. До денес паметам кога мојот „таен пријател“ ме тераше да го превртам цел хотел за да си најдам тегла кисели краставичи, затоа што знаеше дека тоа го сакам“, се сеќава волонтерката.

Ќатовиќ вели дека особено е убаво чувството кога ќе види дека луѓе кои почнале да даруваат крв откако таа и тимот им држеле едукации во училиште, десет години подоцна, уште доаѓаат на крводрителски акции. На оние во чест на Тоше, досега 18 на број, граѓаните донирале повеќе од 5000 единици.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG