Достапни линкови

Разрешена директорката која си ја работеше работата


Разрешената директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска
Разрешената директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска

Дел од граѓаните прашуваат зошто се менува директорката на Државниот инспекторат за животна средина која си ја вршеше работа. Други велат токму поради тоа. Сметаат дека со засилените инспекциски надзори и казните, таа разлутила многумина кои печалеа на грбот на граѓаните.

Владата вчера ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува Сретен Стојковски, исто така за в.д.

Образложението што се дава и официјално и неофицијално е дека таа е разрешена на барање на претседателката на Демократската обнова на Македонија, Маја Морачанин. Веќе извесно време има внатрепартиски превирања во партијата, па на местото на разрешената Петровска беше назначен нејзини сопартиец.

Дел од граѓаните прашуваат зошто се менува директорката која си ја вршеше работа. Други велат токму поради тоа. Сметаат дека со засилените инспекциски надзори и казните, таа разлутила многумина кои печалеа на грбот на граѓаните, загадувајќи го воздухот.

Други, пак, сметаат дека најголем грев во Македонија е човек да си ја работи работата.

Внатрепартиските превирања во ДОМ добија јавност кон средината на мај годинава кога Петровска и пратеникот Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции. Богдановски подоцна се повлече и од пратеничката функција. Морачанин, пак, изјави дека не го дала предлогот за смена на Петровска поради внатрепартиските превирања, туку поради поплаки што стигнувале за работата на ДИЖС.

Од Владата претходно информираа дека согласно меѓукоалицискиот договор, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.

„Кадровските решенија за државните инспекторати како носители на јавни функции се дефинираат низ разговори со коалиционите партии од владината коалиција и со преземање политичка одговорност пред граѓаните од страна на секоја политичка партија за позицијата со која раководи”, велат од Владата.

Ова за многумина е јавно признавање на партизацијата на институциите, каде што раководителите се бираат според партиска подобност, а не поради квалитети.

Во меѓувреме, од работа беше избркан и докторот невролог Мирослав Гроздановски, кој пред еден месец ја фотографираше погрешно испишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, а која подоцна осамна на социјалните мрежи и предизвика јавен потсмев. Подобро да извадел погрешен бубрег, тогаш Лекарската комора ќе застане зад него, коментираат граѓаните.

Во април годинава, владата го разреши тогашниот директор на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски. До разрешувањето дојде откако тој му се спротивстави на премиерот Зоран Заев поради 32 рамковни вработени што му ги доделила Владата. Тој рече дека не може да ги преземе сите 32 вработени, туку само оние кои имаат соодветно образование, по што премиерот му се закани со смена, затоа што „пркосел“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG