Достапни линкови

Протечените документи го покажуваат обемот на американските шпионски активности


Претседателот на Здружениот Генералштаб на САД, генерал Марк Мили, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и американскиот помошник секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања Селест Валандер на виртуелен состанок на Контакт групата за одбрана на Украина.
Претседателот на Здружениот Генералштаб на САД, генерал Марк Мили, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и американскиот помошник секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања Селест Валандер на виртуелен состанок на Контакт групата за одбрана на Украина.

Длабока пенетрација на американските разузнавачки служби во руските безбедносни системи открија доверливите документи кои протекоа на социјалните мрежи. Сепак тие, исто така, укажуваат дека САД ги шпионирале пријателските и сојузничките земји, каде предизвикаа чудење и лутина.

Доверливите документи на американските разузнавачки служби кои протекоа на социјалните мрежи, покажаа дека американските шпиони навлегле длабоко во руските разузнавачки и безбедносни системи, но и дека САД ги шпионираат и пријателските и сојузничките земји.

Документите даваат увид во американските проценки за ситуацијата на бојното поле во Украина, како и за потребата на Киев да започне контраофанзива за ослободување на териториите окупирани од Русија, иако некои од материјалите објавени на интернет се изменети со цел да се преувеличат украинскте, а да се намалат руските загуби, пишуваат светските медиуми.

Шпионирање и пријател и непријател

Американските функционери и нивните сојузници во други земји се обидуваат да утврдат како десетиците доверливи разузнавачки документи завршиле на интернет, пишува „Вашингтон пост“. Весникот посочува дека нивото на деталите коишто опишуваат како САД подеднакво шпионирале пријателски и непријателски земји, предизвикува чудење и лутина.

Документите, кои се чини дека дошле барем делумно од Пентагон и се класифицирани како строго доверливи, нудат тактички информации за војната во Украина, вклучувајќи ги борбените способности на земјата, како и анализа на американските разузнавачки агенции за Русија и неколку други земји, врз основа на информации собрани од доверливи извори.

Многу од протечените документи се чини дека биле подготвени во текот на зимата за началникот на Здружениот генералштаб на САД, Марк Мили, и за други високи воени функционери. Тие исто така биле достапни и за други американски официјални лица со посебни безбедносни дозволи.

Документите, според „Вашингтон пост“, наводно откриваат каде Централната разузнавачка агенција (ЦИА) регрутирала агенти кои знаат за разговорите меѓу светските лидери, прислушување што покажува дека руската платеничка група „Вагнер“ се обидела да добие оружје од сојузникот на НАТО, Турција, за да го користи против Украина, како и какви сателитски снимки користат САД за следење на руските сили, вклучително и напредна технологија која не била јавно позната.

Фотографии од најмалку неколку десетици страници со строго доверливи документи беа објавени на 28 февруари и 2 март на платформата за размена на пораки „Discord“, која е популарна меѓу гејмерите.

Официјалните лица, сепак, дознаа дека документите се на јавни сервери дури кога Њујорк Тајмс првпат објави во четвртокот на 6 април, бидејќи тие еден ден претходно првпат беа објавени на форумот „4chan“, за оттаму да стигнат до Твитер и Телеграм.

Многу од документите имаат ознаки кои сугерираат дека не можат да се споделат со странски државјани, но дека некои може да се споделат со блиски сојузници на САД како што се Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Американските разузнавачки информации за британските и канадските активности се содржани во некои од документите, што сугерира дека последиците од протекувањето нема да бидат ограничени само на САД.

Документите првенствено се однесуваат на војната во Украина и покажуваат како САД ја оценуваат состојбата на конфликтот и како тој се развива, наведува Вашингтон пост, посочувајќи дека таквите анализи влијаат врз одлуките на администрацијата на претседателот Џо Бајден, меѓу другото и какво оружје да испрати во Украина и како да одговори на руската стратегија на бојното поле.

Длабока пенетрација на САД во руските служби

Протечените документи на Пентагон откриваат колку длабоко САД навлегле во руските безбедносни и разузнавачки служби, што му овозможува на Вашингтон да ја предупреди Украина за планираните напади и да ја процени силата на руската воена машина, посочува Њујорк Тајмс.

Документите покажуваат како руската војска се мачи во војната во Украина и длабоко компромитираниот воен апарат на Москва; содржи дневни предупредувања до американските разузнавачки агенции за времето и специфичните цели на руските напади, дозволувајќи им на САД да и ги пренесат клучните информации на Украина за тоа како да се бранат.

Протекувањето ја открива и американската проценка на украинската армија, која исто така е во тешка состојба без доволно противвоздушна муниција, како и придобивките што ги постигнаа руските војници во близина на градот Бахмут.

Извештаите на разузнавањето покажуваат дека САД исто така ги шпионираат највисоките воени и политички лидери на Украина, што според весникот ги одразува проблемите на Вашингтон во стекнувањето јасен поглед на борбените стратегии на Украина.

Весникот посочува дека овие материјали го покажуваат она што разузнавачите одамна го признаа - дека САД имаат појасна слика за руските воени операции отколку за украинските планови.

Сепак, објавените документи би можеле да ги загрозат воените напори на Украина со тоа што ќе откријат за кои руски агенции најмногу знаат САД. Сегашните и поранешните функционери велат дека е премногу рано да се знае степенот на штетата, но додаваат дека ситуацијата на бојното поле во Украина би можела да биде засегната доколку Русија може да утврди како САД ги собрале своите информации и да го спречи тоа во иднина.

Протекувањето ги искомплицира односите на САД со сојузничките земји и поттикна сомнеж за способноста на Америка да ги чува своите тајни. По прегледот на документите, висок западен разузнавач рече дека објавувањето на материјалот е болно и сугерираше дека може да спречи понатамошно споделување разузнавачки информации.

Тешко до изворите на протекувањето

Пентагон и американското Министерство за правда започнаа истрага откако на интернет се појавија десетици фотографии на кои наводно се прикажани строго доверливи документи за војната во Украина и други меѓународни прашања, пишува „Волстрит Журнал“.

Истрагите за ваквите протекувања обично започнуваат со утврдување кој имал пристап до документите, што според весникот, може да биде тешко во овој случај, бидејќи стотици владини функционери може да имаат безбедносни дозволи за да го видат материјалот.

Официјални лица велат дека се разгледуваат голем број можности за тоа како дошло до протекувањето, вклучително и дека некој ги објавил информациите, но и дека американските разузнавачки системи биле хакирани.

Документите, исто така, се чини дека вклучуваат разузнавачки информации за внатрешните работи во различни земји, вклучително и Израел, Јужна Кореја и Велика Британија, а официјални лица велат дека протекувањето најверојатно ќе влијае на националната безбедност на САД.

Волстрит журнал наведува и дека не може самостојно да ја потврди автентичноста на документите, но дека тие содржат доволно детали за да им дадат кредибилитет. Одбранбените официјални лица, пак, велат дека некои од документите можеби се автентични, но некои изгледаат изменети.

Откривањето на многу чувствителни информации ги вознемири не само највисоките американски безбедносни функционери, туку и сојузниците со кои САД споделуваат тајни разузнавачки информации. Некои американски партнери, сепак, го минимизираат влијанието на објавените документи.

Портпаролот на украинското воено разузнавање Андриј Черњак вели дека документите се „операција на руските специјални служби“, иако некои експерти кои го прегледале материјалот се сомневаат дека протекувањето е дел од руската кампања за дезинформации.

Арик Толер, одговорен за истражување и обука во истражувачки конзорциум „Белингкат“, вели дека го следел оригиналниот извор до мала група корисници на „Дискорд“, каде што во јануари, февруари и март биле поставени стотици датотеки,. Подоцна, некои од тие документи беа објавени во поголема група фанови на „Мајнкрафт“.

Оригинали и фалсификати

Иако документите не даваат конкретни детали за плановите на Украина, тие даваат увид во она што Вашингтон верува дека ќе и биде потребно на Украина за да ја врати територијата која моментално е окупирана од Русија, кога ќе започне контраофанзива кон крајот на април или мај, пишува „Фајненшал тајмс“.

Британскиот весник наведува дека американски официјални лица потврдиле за весникот дека документите се делумно автентични и доверливи, но изјавиле дека барем еден од нив е изменет.

Во очигледно фалсификуваниот документ, објавен на социјалните мрежи, се наведува дека меѓу 16.000 и 17.500 руски војници загинале во борбите, додека бројот на убиени украински војници е околу 71.500. Оригиналот на тој документ, кој исто така беше објавен на интернет, покажува дека на руска страна загинале меѓу 35.500 и 43.500 војници, а на украинска страна меѓу 16.000 и 17.500 лица.

САД претходно проценија дека од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, се убиени или ранети околу 200.000 руски војници и околу 100.000 украински војници. Исто така, додава Фајненшл тајмс, се чини и дека се заменети и податоците за загубите на воените авиони на двете земји.

Еден западен советник за одбрана кој работи со украинската војска вели дека документите кои го покажуваат бројот на силите што Украина ги подготвува за контраофанзива изгледаат реално, но дека повеќето информации не се чувствителни и дека до нив некако можело да се дојде.

„Документите не кажуваат каде и кога би можело Украина да почне контраофанзива, ниту пак содржат информации за мобилни командни единици“, рече претставникот, додавајќи дека самото протекување е „посрамно од што било“.

Михаил Подољакс, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, вели дека протекувањето на доверливи документи на САД и НАТО за украинската војска и нејзината долгоочекувана пролетна контраофанзива е дел од операцијата на руското разузнавање и не ги открива вистинските оперативни планови на Киев.

„Русија бара начин да преземе информациска иницијатива, да се обиде да влијае на контраофанзивните планови на Украина, да внесе сомнежи, да ги компромитира плановите, да не исплаши со својата „интелигенција“ , напиша Михаил Подољак на Телеграм.

„Ова е блеф... ова нема никаква врска со вистинските планови на Украина“, додава тој.

Подољак вели дека документите обезбедуваат само „статистичка анализа на залихите, можни оперативни и тактички планови, како и голема количина на фиктивни информации“.

„Доколку Русија навистина добила документи за вистинското сценарио, тешко дека ќе ги објавеше“, додаде тој.

„На крајот на краиштата, многу е поважно да ги подготвите вашите стапици, а другата страна да ја оставите да не знае што вие знаете“.

XS
SM
MD
LG