Достапни линкови

ЕК пак препорачува преговори за Северна Македонија, на потег е Советот


„Северна Македонија ги зајакна своите напори и гарантираше натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области кои беа идентификувани во заклучоците од Советот од 2018 година“, пишува во нацрт извештајот на ЕК. Сега на потег е Советот на министри кој треба да одлучи дали ќе ја послуша Комисијата.

Европската Комисија повторно препорача во пакетот за проширување за 2019 година, Советот да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија. Овој заклучок, од извештајот за напредок на Северна Македонија до кој дојде радио Слободна Европа, Комисијата го базира на постигнатиот напредок во однос на условите кои едногласно беа поставени од страна на Советот во јуни 2018 година.

„Гледано во целина, Северна Македонија ги зголеми напорите и покажа дополнителни и одржливи резултати во клучните области утврдени во Заклучоците на Советот од јуни 2018 година. Како резултат на тоа, основите на препораката на Комисијата за 2019 година за започнување на преговори за пристап со Северна Македонија остануваат валидни“, се вели во заклучокот од извештајот.

Во извештајот се наведува дека Комисијата ја следела состојбата во три области, односно реформите во правосудството и проактивен пристап кон истрагите, обвиненија и пресуди за корупција и организиран криминал, вклучувајќи го и криминалот на високо ниво. Потоа ги следела реформите на службите за безбедност и разузнавање, како и третата област: реформи на јавната администрација.

Во делот на судските реформи, Комисијата оценува дека биле преземени значителни чекори во насока на зацврстување на независноста на судството. Во овој дел се посочува на засиленото темпо на имплементација на реформите предвидени со Стратегијата за реформа на правосудството“, како и адресирање на „Итните реформски приоритети“ и препораките на Венецијанската Комисија. Извештајот ги посочува неколкуте закони кои беа донесени во оваа област како на пример Законот за судови, Законот за судски совет, Законот за совет на јавни обвинители итн, посочувајќи дека со овие закони се зголемува транспарентноста во назначувањата и се воведуваат поквалитетни критериуми за евалуација на судиите и членовите на судскиот совет.

Како добра практика се посочува разрешувањето на шест судии, почнувајќи од јули 2019 година, вклучувајќи го претседателот и уште двајца судии на Врховниот Суд, потоа поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, како и одземањето на имунитетот на еден судија на Управниот суд. Понатаму се наведува дека инспекцискиот надзор на Акмис системот дал добри резултати, како и новиот закон со кој се отстрануваат недостатоците при распределувањето предмети.

Во делот на проактивните истраги, обвиненија и судски пресуди за случаите за корупција се посочува на добрата пракса од страна на СЈО и ОЈО за гонење на организиран криминал во однос на независните истраги и отворање на обвиненија за повеќе поранешни и актуелни високи функционери. Во извештајот е нотирано и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, за кој се вели дека е одржливо решение за случаите на Специјалното јавно обвинителство со цел да се утврди одговорноста за кривичните дела што произлегуваат од нелегалното прислушување што ќе води до целосно затворање на предметите.

Во 2019 година Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција отвори 9 нови истраги, вклучувајќи 52 осомничени, се вели во Извештајот. Во него се споменува и случајот „Рекет“ во кој еден од осомничените е екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а еден е обвинет на тригодишна затворска казна.

Во извештајот се посочува и предметот за настаните од 27 април, односно се нагласува затворањето на процесот со пресуди за повеќето обвинети, но и новите обвиненија за организаторите на насилниот упад и ефективно спроведената истрага.

Покрај позитивните примери во извештајот се забележува и дека поради апсењето на поранешниот специјален обвинител и истекот на мандатот на обвинителите кои работеа во Специјалното јавно обвинителство одредени судски постапки се одложиле, некои застареле, а за некои судењето се враќа од почеток.

Како позитивна е оценета работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, од начинот на избор на новиот состав до нивната работа и 66-те отворени предмети на Комисијата, наведувајќи дека се очекува надлежните институции да постапат по укажувањата на комисијата.

Во однос на реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се наведува дека со новите закони за Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) се прави напредок во реформите во овој сектор, со што може да се направи разлика со стариот систем на работа кога функционираше УБК и денешната АНБ. Се потенцира и зајакнатиот надзорен капацитет на Собранието.

Во контекст на реформите на јавната администрација пак, се истакнуваат активностите за подобрување на транспарентноста и отчетноста на администрацијата, како и на напорите за дигитализација и поедноставувањето на пристапот на граѓаните за обезбедување на основните услуги.

На самитот на 26 март, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, треба да одлучат дали ќе отворат преговори со Северна Македонија и Албанија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, за РСЕ неодамна изјави дека Европската унија може да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија за неколку недели откако и двете земји како што рече, направиле добар напредок.

Франција, која го блокираше отворањето на преговорите со Скопје и Тирана лани во октомври, во почетокот на месецов најави дека е можно двете земји да почнат преговори ако има позитивен извештај од комисијата во Март 2020.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG