Студентите ќе имаат можност да развиваат иновативни решенија против сивата економија во е-трговија и тоа во две категории, едуцирање и детектирање.
Од 14 до 16 мај виртуелно ќе се одржи првиот хакатон за намалување на сивата економија во е-трговијата насловен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија”. Хакатонот го организира Асоцијацијата за е-трговија, во соработка со Економскиот Факултет – Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, а со поддршка од Mastercard како главен партнер.
Предизвикот ќе е поделен на две категории, поточно „Едуцирај и мотивирај“ и „Детектирај и сузбиј“. Студентите учесници ќе имаат задача во текот на 48 часа да развијат иновативни решенија одговарајќи на една од двете категории. Конкретно, преку категоријата „Едуцирај и мотивирај” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за подигнување на свеста за сивата економија и ќе мотивираат за нејзино избегнување. Додека преку категоријата „Детектирај и сузбиј” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за детектирање на сивата економија во е-трговијата и ќе делуваат корективно, преку вклучување на самите граѓани и е-купувачи.
Бројот на учесници е ограничен на 50 студенти од овие факултети. Тие ќе развиваат решенија со помош на експерти од домашни компании и државни институции во улога на ментори.
„За учесниците, овој хакатон претставува уникатна шанса да се информираат повеќе за сивата економија, да работат на решавање на реален општествен предизвик преку изработка на свое креативно решение, да добијат вреден фидбек од ментори од домашните компании и државни институции, да го поттикнат претприемачкото размислување и да бидат наградени. Победничките решенија, кои ќе бидат одбрани од комисијата за евалуација ќе бидат наградени со цел, во соработка и координација на АЕТМ, да ги имплементираат нивните решенија“, посочија организаторите.
Заинтересираните студенти од Економски Факултет – Скопје и ФИНКИ може да се пријават индивидуално или во тим до 10-ти мај преку веб страница.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, неодамна на Годишното Собрание ја претстави годишната програма за 2021 година, во која се дава посебен фокус на сивата економија во е-трговија.
„Согласно Анализите на е-трговијата во 2018 и 2020 година, една од бариерите посочена од е-трговците е сивата економија, која креира нелојална конкуренција за регистраните бизниси. Загрижувачки се и сознанијата од спроведениот прашалник на 2.800 купувачи, од кои над 70 проценти се изјасниле дека иако се свесни дека се дел од сивата економија кога прават нарачки од нерегистирани субјекти на социјални медиуми, сепак решаваат и понатаму да го прават тоа, што говори и за нискиот даночен морал на населението, кој е клучен фактор за сузбивање на сивата економија“, објасни Нина Ангеловска, претседателката на АЕТМ.
Од Асоцијацијата велат дека сите активности кои ги преземаат се резултат на анализи и следење на потребите на пазарот, во насока на отстранување на бариерите кои стојат на патот на развојот и креирање на поволна клима за забрзан раст на е-трговијата.