Ушни инфекции, воспалено грло, треска, настинка и грип, алергии, стомачни проблеми, инфекции на горните дишни патишта и осипи - сето ова лекарите ќе можат да го дијагностицираат без да мора пациентот да дојде во ординација, со помош на дигитални уреди.
Вакви уреди за лекување на далечина т.н. уреди за телездравство, веќе имаат дел од лекарите во земјава и започнуваат да ги користат кај своите пациенти во секојдневната практика.
Меѓу нив е и д-р Кирил Солески, специјалист по семејна медицина во Скопје.
Тој за РСЕ објаснува како ќе функционираат овие уреди.
„Пациентот кој што на пример има болка во увото, кога ќе го има овој апарат треба да има телефон и достапност до Интернет и да ги поврзе во апликација апаратот со својот мобилен телефон. Самиот пациент практично го врши прегледот на увото, а апликацијата е развиена така што му овозможува на пациентот чекор по чекор како правилно да го направи и да го постави апаратот. Доколку нешто не е направилно во чекорите, го предупредува што не е правилно и како треба да се поправи пред да се зачува снимката и да се испрати кај докторот. Сите снимки се зачувуваат во посебен сервер во кој има пристап матичниот лекар кој потоа врз основа на тоа може да донесе одлука за понатамошниот третман на пациентот“, објаснува д-р Солески.
За почеток планот на здравствените власти е апаратите да се користат кај деца и возрасни со попреченост, со цел да се не мора да доаѓаат во здравствените установи, како и кај лица со хронични болести кои што се неподвижни или тешко подвижни.
„Самиот апарат овозможува неколку комбинирани прегледи. Преглед на грло, уво, кожа, бели дробови, срце и мерење на температура, што значи сите состојби со кои може овие прегледи да не насочат ќе може да бидат следени и дијагностицирани од лекарите и кај деца и кај возрасни“, додава д-р Солески.
Колку овие уреди се точни и релевантни во третирањето на пациенти?
Апаратите се произведени во Иразел, а како што објаснува д-р Солески се користат неколку години во клиничката праска и имаат одоборение и од ФДА (Американската организација за храна и лекови), па оттука вели тоа им овозможува на лекарите да бидат безбедни дека податоците што ќе ги добијат, доколку е правилно направена процедурата се точни и релевантни и може лекарите да носат понатамошни одлуки за понатамошниот третман на пациентот.
„Се работи за израелска фирма која што го започна овој процес за време на ковидот со изолациите и овој апарат беше совршен за следење на состојбата на пациенти кои што беа во изолација и беа добар начин за следење на состојбата, се користат во повеќе земји како САД, Израел, последната земја беше и Украина заради состојбата таму и ние стануваме меѓу првите европски земји кои што ќе го користат овој апарат“, вели тој.
Сепак користењето на овие дигитални апарати има ограничувања во однос на испитувањето и дијагностицирањето на пациентот, без предноста што ја дава физичкиот преглед и тие не може да се користат за потешки заболувања или здравствени состојби, но може да помогне во следењето на состојбата на пациентот и олеснување на комуникацијата со лекарите.
„Овие апарати претставуваат чекор понапред од она што се нарекува телемедицина односно контакт, консултација на лекарот со пациентот преку видео консултација во реално време. Во овој случај ќе можеме да направиме еден комплетен преглед во домот на пациентот, тоа значи дека ќе се користат за дијагностицирање и следење на хронични состојби“, вели д-р Солески.
Министерство за здравство: Повеќе од 60.000 лица може да бидат потенцијални корисници
Од министерството за здравство велат дека овие иновативни апарти се дел од процесот на дигитална трансформација на примарното здравство.
„Се работи за мала, но многу значајна пилот програма со која сакаме да испитаме како овие апарати ќе обезбедат алтернативи на традиционалните здравствени консултации лице в лице во случаите кога физичкото присуство не е можно или не е потребно, и да го зголеми правичниот пристап до здравствените услуги во рурални или оддалечени места. Обезбедени се околу 50 апарати за прегледи на далечина и софтвер за пренос, складирање и заштита на податоците со обезбдена техничка поддршка за лекарските тимови“, објаснуваат од министерството за здравство за РСЕ.
За користење на уредите се обучени триесеттина лекари во земјава. Опфатени се матични, семејни лекари и педијатри од примарна заштита во речиси сите региони во земјава.
„Тоа во практика значи дека повеќе од 60.000 лица може да бидат потенцијални корисници на овие услуги, секако во зависност од потребите и контекстот“, велат од министерството.
Алтернатива да - но не и замена на одењето кај лекар
Уредите се донација на Министерството за здравство од Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).
Од УНИЦЕФ за РСЕ велат дека идејата за да почнат да се користат се родила за време на пандемијата, кога дел од пациентите особено во руралните средини се соочија со потешкотии и неможност да стигнат до лекар.
Македонија со години наназад се соочува со недостиг од медицински кадар, а во многу случаи пациентите мораат да патуваат и по неколку километри за да добијат здравствена услуга.
Целта, велат од УНИЦЕФ е да се обезбеди алтернативи на традиционалните здравствени консултации лице в лице во случаите кога физичкото присуство не е можно или не е потребно, но и да се зголеми пристапноста до здравствените услуги.
„Ова ќе биде добар начин за лекарите да елиминираат некои од полесните заболувања што децата или луѓето може да ги добијат и сето тоа е поврзано преку уредите. Лекарите исто така можат да ги добијат сите информации во со помош на уредот, така што ќе ја елиминира непотребната посета на лекар, кога на пример станува збор само за настинка или грип или нешто едноставно, но за покомплицирани состојби, никогаш не може да го замени физичкото присутво кај лекар како и лице в лице консултациите, едноставно не е можно“, вели за РСЕ, претставничката на УНИЦЕФ за Македонија, Патриција ДиЏовани.
ДиЏовани смета дека треба да се биде отворен кон користењето на новата технологија и да се искористат предностите што ги нуди истата. Сепак вели ова е пробен проект и резултатите допрва треба да се видат.
„Првото нешто што сакаме да направиме е да видиме како може да се користат во оваа земја, дали можат да бидат ефективни и корисни и потоа доколку се покаже дека се корисни, се надеваме дека тоа ќе се зголеми за одредени категории на граѓани“, вели претставничката на УНИЦЕФ.
Д-р Солески очекува дека во услови кога наслението старее и се соочува со хронични болести, а од друга страна нема доволно медицински кадар да се покријат потребите, дека вакви уреди за телездравство ќе помогнат до одреден степен во следењето на пациентите.
„Телездравството во суштина е една од насоките во кои што ќе се развива медицината во иднина со оглед на се поголемата присутност на технологијата во нашиот живот, а и се помалиот број на лекари, здравствени работници во нашата земја, но општо и во Европа и во светот и ова ќе биде една форма да се избалансираат потребите на граѓаните, посебно на населението кое што во најголем дел во Европа па и во Македонија старее и потребно е да се обезбеди следење на хроничните состојби дого време и мислам дека вавките апарати во иднина ќе се доразвиваат и ќе продолжи да се оди во насока на развивање на телездравството“, заклучува д-р Солески.
Од министерството за здравство планираат овие апарати да се користат и за домашна посета од обучена медицинска сестра или патронажна сестра, со што велат ќе обезбедат полесна достапност на здравствните услуги за лица со различна форма на попреченост или различните групи на пациенти со ризик.