Македонија - политизација и етнизација
Пописот на населението во Македонија ќе се одржи од 1 до 21 април, а во периодот меѓу 1 и 15 март се попишуваа сите лица кои се државјани на земјата, но по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој. Операцијата во странство се одвиваше со самопопишување онлајн, преку специјална апликација.
Последниот попис во Македонија беше спроведен во 2002 година, а во 2011 година операцијата беше почната па прекината, поради сомневања од фалсификат. Поранешното Специјално јавно обвинителство во 2018 година покрена истрага за тој попис, а меѓу осомничените беа и тогашниот премиер Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети, поради наводна злоупотреба на службената должност.
Најважна причина за политизацијата и етнизацијата на пописот е тоа што одредени права на малцинствата се регулирани во зависност од тоа дали процентот на нивната застапеност во вкупниот број на население е поголем од 20 насто. Врз основа на податокот за бројот на Албанци во државата на пописот од 2002 година, направени се измени во Уставот, каде што се вметнати подобрувања на правата на Албанците, како и на другите малцинства во земјата. Некои од одредбите во Уставот се однесуваат на заедниците кои имаат повеќе од 20 проценти од вкупното население.
Веднаш по усвојувањето на Законот за попис во јануари годинава, опозициската ВМРО ДПМНЕ се залага за негово одлагање. Во почетокот нивните барања беа поврзани со наводниот фалсификат што го планираат владејачките партии. По спроведената операција за собирање потписи од граѓани за одлагање на пописот, ВМРО ДПМНЕ на почетокот на овој месец до Собранието поднесе Предлог закон за престанок на важењето на Законот за попис.
„Овој предлог го поднесовме за да го запреме овој политички попис и оваа национална катастрофа во најава. Фактите и аргументите говорат дека властите подготвуваат политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис“, рече тогаш пратеничката од оваа партија Иванка Василевска.
Опозицијата наведува дека не е против пописот, затоа што таква операција е неопходна за земјата, но е против фингиран и наместен попис со кој власта ќе фингира бројки кои се резултат на партиско- коалициски пазарења и договори на штета на сите граѓани на Македонија.
Подоцна лидерот на партијата Христијан Мицкоски во писмо побара од странските амбасадори во земјава да влијаат за одлагање на пописот, поради последиците кои пандемијата може да ги предизвика по здравјето на луѓето. Тој во писмото предложи пописот да биде одложен за септември годинава, за да има време за набавување вакцини за сите попишувачи.
Од друга страна, премиерот Зоран Заев не гледа причина за одлагање на пописот, бидејќи, како што вели, операцијата се организира според сите протоколи за заштита. Тој вели дека резултатите од пописот се исклучително важни за економската иднина на земјата и затоа треба да се спроведе.
„Веројатно некои земји можат да си дозволат одлагање, меѓутоа тие имаат направено попис пред 10 години, а ние немаме попис речиси 20 години. Немањето податоци носи неправда и ги доведува институциите да работат во магла, во непознато. Пописот мора да се одржи, враќање нема, сите ние треба да преземеме одговорност и да учествуваме во оваа статистичка операција која е неопходна за развој на економските мерки и за иднината на државата“, рече неодамна Заев.
Директорот на Заводот за статистика, институција која го спроведува пописот, Апостол Симовски, вели дека евентуалната одлука за одлагање зависи единствено од Комисијата за заразни болести, ако таа процени дека епидемиолошката состојба е нагло влошена. Сегашната состојба дозволува спроведување на пописот со строго почитување на сите здравствени протоколи, додава Симовски.
Црна Гора - Црногорци и Срби
Пописот на населението во Црна Гора нема да биде спроведен во април, како што беше планирано, туку најверојатно во втората половина на годинава. За пописот треба да се обезбедат средства во буџетот, а тој се уште не е усвоен, па земјата ги исполнува финансиските обврски преку Одлука за привремено финансирање.
Владата треба да предложи Закон за попис, а парламентот да го усвои. Освен тоа, надлежните институции треба да го проценат и ризикот од пандемијата на коронавирус во спроведувањето на пописот.
Претходните пописи во оваа земја беа проследени со силни политички кампањи. Така, пред последниот попис во 2011 година граѓаните на Црна Гора беа повикувани да се изјаснат како Срби. За таа цел, покрај магистралните патишта беа лепени фотографии од тенисерот Новак Ѓоковиќ со порака „Биди она што си“.
Од Србија повеќе пати е искажана заинтересираност за резултатите од претстојниот попис. Неколку пати претседателот Александар Вучиќ ја потенцира важноста на пописот во Црна Гора, за како што истакнува, „да не исчезне српскиот народ“.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ по овие пораки оцени дека е неверојатно за шеф на една држава да му е од голем национален интерес попис на населението во друга, соседна држава.
И Српската православна црква неодамна соопшти дека пописот во Црна Гора е од „највитално значење за СПЦ и за државата“, откако новиот поглавар Порфириј имал средба со претставници на партии во Црна Гора.
Париите кои имаат членови од националните малцинства во Црна Гора се исто така заинтересирани за изјаснувањето по етничкото прашање, затоа што врз основа на процентот на застапеност зависат и одредени права гарантирани со Уставот.
На пописот во 2011 година, во земјата се регистрирани околу 620 илјади жители, од кои 45 насто се изјасниле како Црногорци, 28 проценти како Срби, а другите заедници имаат по 8 или помалку проценти.
Србија - ќе го бојкотираат ли Албанците пописот?
Пописот во Србија требаше да биде одржан во април, меѓутоа, поради светската здравствена криза е поместен за октомври годинава. Од Заводот за статистика соопштија дека покренале процедура за измени во Законот за попис и подготвиле нацрт закон.
На последниот попис во 2011 година во Србија се регистрирани околу 7 милиони и 200 илјади жители, но според податоците на Заводот за статистика, во 2019 година тој број за првпат по 53 години е паднат под 7 милиони. Најмногу од попишаните тогаш се изјасниле како Срби- 5,9 милиони, а најмногубројно национално малцинство биле Унгарците со 253 илјади.
Како Албанци се изјасниле околу 5 илјади и 800 граѓани, меѓутоа се претпоставува дека тој број е поголем, затоа што албанската заедница одби да учествува на пописот со образложение дека претходните пописи во општините Прешево, Бујановац и Медвеѓа биле монтирани и на нив постојано се намалувал бројот на Албанци. Тие се жалат дека формуларите за попишување не се двојазични и оти структурата на попишувачи не одговара на структурата на населението.
Засега не е познато дали Албанците повторно ќе го бојкотираат пописот на населението во Србија во 2021 година.
Заводот за статистика на Србија нема да спроведе попис во Косово, кое Србија го смета за своја територија и не ја признава независноста прогласена во 2008 година.
Косово - Србите немаат волја за попис
Поради пандемијата на коронавирусот, пописот на населението во Косово наместо оваа, ќе биде одржан во 2022 година, иако многу експерти сметаат дека одлагањето е погрешна одлука, бидејќи за време на пандемијата се одржувале избори, па не гледаат причина зошто би бил одложен пописот.
Според Агенцијата за статистика, на крајот од 2019 година во Косово живееле околу милион и 782 жители.
Последниот попис во 2011 година Србите од Косово главно го бојкотираа, а во 4 општини на северот воопшто не беше одржан. Се проценува дека во северно Косово има околу 20 илјади жители.
Од Агенцијата за статистика оценуваат дека сега „постои волја за учество“ на пописот во 4 општини со српско мнозинство на северот на Косово.