Пописот воопшто не е политичка тема на дебата и нема спорење меѓу политичките партии или какво било проблематизирање. За пописот можете да дознаете единствено од Бирото за статистика, преку информативните написи за тоа на кој начин ќе се одвива, кој каква обврска има и слично.
Онлајн попис
Од 27.03.2021 до 09.04. 2021 можете да се попишете сами, онлајн, преку вебот за пописот или преку апликацијата за мобилен.
Онлајн пописот е безбеден, се штеди време, а резултатите се добиваат многу бргу.
Преку онлајн, можете да се попишете од каде било и себе и членови на своето семејство, но доколку ги знаете сите неопходни податоци (број на важечки чешки документ, датум на раѓање и др.)
За да почнете да го пополнувате формуларот онлајн, најнапред мора да го внесете бројот на важечки документ, издаден во Чешка и датумот на раѓање. Доколку податоците не се согласуваат или ги нема во евиденцијата, тогаш не можете да го пополнувате електронскиот формулар. Формуларот е интерактивен, лесно се пополнува и е достапен на 7 јазици.
Во годинешните формулари има двојно помалку прашања, за разлика од пред 10 години, бидејќи голем дел од податоците се достапни од дата базите на институциите.
Има прашања за бројот на членови во домаќинството, големината на станот, куќата, на што се греете, како добивате топла вода и сл., како одите до работа, со јавен превоз или со автомобил итн.
Има и прашања за националноста и за верската оријентација, но единствено тие два одговора не се задолжителни, односно, можат да се остават празни.
Физичко попишување
Од 17.04 до 11.05. 2021, доколку не сте се попишале онлајн, пописот продолжува со формулари, кои можат да се подигнат во пошта, или пак ќе ви ги донесе дома некој од попишувачите. Но, доколку сте се попишале онлајн, формулари нема да добиете, бидејќи во базата на податоци ќе ве има дека сте се попишале. Пополнетите формулари, потоа, најдоцна до 11.05.2021, се испраќаат по пошта, бесплатно.
Објавувањето на податоците од пописот 2021-ва, е предвидено за догодина.
Долги подготовки за успешен попис
Чешкото статистичко биро се подготвуваше за оваа национална операција неколку години. Лани имаше теренски подготовки, беше усвоена законската регулатива, а се одржа и пробен попис. Беа тестирани сите фази од пописната операција.
Законска обврска е секој државјанин на Чешка или, пак, странец со престој над 90 дена, да се попише, односно, да ги пополни формуларите, онлајн или физички. Доколку некој не се попише сам, ќе биде попишан според податоците во дата базите што се достапни во институциите, но може да биде казнет парично, 10.000 круни, околу 400 евра.
Бирото за статистика наведува дека не е целта да се казнуваат граѓаните, туку да се соберат максимално сите потребни податоци за натамошно планирање и развој на државата.
Што со оние државјани на Чешка што живеат подолго време во странство?
Обврска да се попишат имаат и сите државјани на Чешка што живеат во странство, доколку имаат адреса на живеење и во Чешка, без оглед на тоа дали имаат и друго државјанство. Но, доколку немаат адреса на живеење во Чешка, не треба да се попишуваат. Оние што живеат во странство можат да се попишуваат само онлајн.